Барбара Ехренрајх ни’ доловува една необична слика за американската култура. Проминентен радикал кој никогаш не стана либерал, ѕвезда, или реакционер, туку изгради успешна кариера на социјалистичко -феминистичко пишување и активизам, таа е олицетворение на шансата која беше изгубена кога новата левица беше победена. Од 1970тите па наваму, таа се има посветено на длабока анализа на преокупираноста со себе си што ја посведочила кај нејзините колеги – професионалци од средна класа: од нивниот нарцисизам и супериорност во Fear of FallIng и NIckel and Dimed, до нивната неоснована верба во позитивното размислување во Bright-sided. Одново и одново, таа нуди критика на светот кој тие го создаваат и оставаат зад себе.
На прв поглед, нејзината книга “Natural Causes” е полемика против велнес културата и институциите кои ја перпетуираат. Како старее „бејби бум“ генерацијата, така негирањето на смртта станува централно за американската култура, со цел овој индустриски екосистем кој се појавил да профитира врз база на тоа. Низ дванаесет поглавја, Ехренрајх го проучува здравствениот систем, културата на староста, светот на внимателноста (mindfulness), и внатрешните процеси во телото, и наоѓа една фиксација да се контролира телото, охрабрена од циничните и умислени професионалци, но во име на „велнес“-от. Без да се спротиставува на разумна и рутинска грижа за себе си секако, Ехренрајх увидува дека грижата за себе си станала експлоатациска обврска, со низа на безбројни медицински тестови, лекови, практики на постигнување добробит, и начини на вежбање за коишто постои опасност да станат смислата на животот наместо негова храна. Некој очигледно профитира од сето тоа.
Иако многу полемики ja оспоруваат културата на грижата за себе кај миленијалците, велејќи дека генерациите родени во 1980-тите и 90-тите се нежни, конзумеристички и расеани, – тезата на Ехренрајх е дека треба да ги пренасочиме овие критики кон една малку постара толпа. Нејзината книга се обидува да ја отфрли идејата дека е возможно да се преземе контрола врз текот на сопствениот биолошки и емоционален живот, и да ја дисецира желбата да се направи тоа. „Делувањето не е концентрирано на луѓето или на нивните богови или омилени животни“ – пишува таа „туку е дисперзирано низ универзумот, до најминијатурното ќоше. Тоа значи дека ние не сме всушност во контрола над себе си.
Ехренрајх долго се обидува да ги преиспита авторитетите на оние кои професионално даваат медицински совети. Родена во 1941, таа ги имала своите формативни интелектуални искуства во рамките на Движењето за здравје на жените од 1970тите, кога жените се обидувале да создадат сопствено знаење за своето тело и да воспостават контрола. Според нејзиното раскажување, таа станала самосвесна феминистка кога, бремена со своето прво дете, го прашала докторот колку и е вагината проширена, а докторот и одговорил „Како таква фина девојка како тебе научила да зборува така? Декади пред Силвија Федеричи да ги преиспитува политиките на ловот на вештерки од раната модерна во нејзиното сега веќе добро познато Caliban and the Witch, Ехренрајх ја издала книгата Вештерки, Бабици и Сестри (Witches, Midwives, and Nurses) заедно со Диадре Инглиш, дело кое ја следело традицијата на знаење за женското лекување и историјата на неброени негови напади од страна на мажите, кои кулминирале во моќта на модерниот медицински естаблишмент.
Природни причини (Natural Causes) отвора со нејзината одлука да одбие цела серија на медицински интервенции. Ехренрајх е во нејзините 70-ти и има преживеано рак на дојка но „во последните неколку години“ – пишува таа, решила да „се откаже од многу медицински процедури после серија на негативни искуства: Прво, матичниот лекар успеал да ја убеди да ги скенира коските, за потоа да и’ дијагностицира остеопенија – тенчење на коските, состојба која би била аларматна да не открила дека скоро сите жени постари од 35 години ја имаат. Скенирањето на коските од друга страна, многу промовирана практика од страна на производителите на лекот за остеопенија, всушност и сама по себе предизивикувала истенчување на коските. Следно, и’ се случило да добие лажни позитивни резултати на мамограф и решила никогаш повторно да не оди.
Иако таа не покажувала симптоми на опструктивна ноќна апнеа, нејзиниот заболекар сакал да ја тестира за тоа „за потоа да може да го купи соодветниот третман – застрашувачка маска во форма на череп која наводно помагала да се спречи ноќната апнеа, но дефинитивно притоа и би ја изгасила секоја желба за сексуална активност.“ Ризикот од ненадејна смрт во спиење, решила Ехренрајх, е нешто што може да се толерира. Одбива колоноскопии, сигурна дека ќе умре од нешто друго пред да ја убие рак на слепото црево. Докторот и’ предложува да прекинат со нормалната пракса и да преминат на лична нега која е скапа, бара контстантна комуникацијата и зголемен режим на тестирање за болести.
Ехренрахј, која има докторат во биологија на клетките не се спротиставува на научната медицина. Но, внимава на динамиките на моќ кои ја карактеризираат врската помеѓу пациент и доктор, и начините на кои овие динамики можат да влијаат над одлуките на пациентот: некои ќе бараат и прифаќаат третмани кои нема да им помогнат со нивните здравствени проблеми, само поради тоа што зборот на докторот вреди толку многу. Ехренрајх често цитира од една статија од 1956 г, со наслов Телесни ритуали на Акирема (Body Rituals of the Nacirema), Америка наопаку, каде се опишува една американска болница низ окото на етнографот:
Многу малку пациенти во храмот се чувствуваат доволно добро за да прават нешто друго освен да лежат на тврдите кревети. Секојдневните церемонии, како обредите на луѓето-на-светите-усти (забарите), вклучуваат непријатност и болка. Со ритуална прецизност, свештениците ги будат нивните мизерни жртвени јагниња секоја зора и ги превртуваат во нивните кревети на болката за да ги изведат ритуалните капења, со формалните потези за кои се истренирани. Во други прилики бутаа магични стапчиња во устата на болесникот за да го присилат да внесе супстанци кои наводно ќе го излечат. Од време на време доаѓаат докторите, и ги боцкаат со магични игли во месо.
Без авторитетот на западната медицина, статијата звучи како да опишува сурови ритуали. „Фактот дека овие церемонии може да не го излечат, туку напротив, може да го убијат неофитот“ – продолжува статијата, „нималку не ја намалува вербата што луѓето ја имаат во медицината.“ Малку цинично Ехренрајх заклучува дека таа не е онаа што е анти-емпирична во оваа дебата. Докторите покажале огромен отпор кон таканаречената „медицина базирана на докази“ – прекинување на одредени терапии кога нема да покажат резултати наспроти нивно откажување на докторска дискреција. И, навикнати на постоечкиот систем, многу пациенти сега се плашат дека се’ што е помалку од максимално тестирање и прегледување значи дека имаат зголемен ризик: Интернист во Брлингтон, Северна Каролина споделил дека кога и кажал на една 72-годишна пациентка дека не и се потребни многу од тестовите кои ги очекувала од рутинскиот годишен преглед, таа напишала писмо до локалниот весник во кое се пожалила од него. Докторите и болниците ги користат овие очекувања за да ја зголемат побарувачката и да ги качат цените, а пациентите, исплашено се покоруваат.
Начинот на кој Американците се согласуваат на вакви третмани се совпаѓа со пошироката култура на маченички режими на себе-подобрување. Овде, Ехренрајх зборува од позиција на тврдокорен посетител на теретана, и учесник во неверојатниот подем на вежбање од 1970-те па навака. Таа гледа на овој раст на културата на вежбање делумно како продолжување на борбата на жените да си ги добијат назад сопствените тела што се случувало во 70-тите, и делумно како на пример од повлекувањето на луѓето од јавните прашања и пренасочувањето кон индивидуализмот, нешто што им се случило на многу од нејзините современици отприлика во исто време. „Можеби нема да можам да направам многу за ужасната неправда во светот, барем не сама, или ако сме само малку, но можам да одлучам да зголемам тежина на машината за нозе, да речеме 20 килограми, и да успеам во тоа за неколку недели“ – пишува таа. „Теретаната, која некогаш ми изгледаше толку туѓо и непријатно, стана едно од местата каде што знам дека можам да сум во контрола.“ Но, она што претставуваше утеха, брзо премина во награда. Вежбањето стана статусен симбол и начин на дисциплина, дел од културата која казнува ако имаш прекумерна тежина.
Некогаш слично на играта, вежбањето сега е поблиску до форма на труд: мерен, темпиран и финансиски охрабруван од страна на работодавците и осигурителните компании. Како и секој друг вид отуѓен труд, го продлабочува јазот помеѓу умот и телото – односно го интензивира насилството на умот врз телото. Ехренрајх ја уморуваат охрабрувањата да „извежба јако“, и да развие „експлозивна сила“ низ „вориор“ начинот на вежбање. Го цитира текстот од реклама за машина за домашен фитнес: „Еден момент на тишина ве молам, затоа што телото уште не знае низ што ќе помине.“ Вежбањето, поради некоја причина, стана борба до смрт. Како што Оскар Писториус, ампутираниот Олимписки тркач кој беше обвинет за убиство во 2015 има истетовирано на грбот „Го тепам телото и го правам мој роб/ комплетно го покорувам.“
И како што културата на вежбање бара строго покорување на телото, културата на „mindfulness“, или „внимателност“ се има појавено за да го подлегне мозокот на еднакво ригорозни практики. „Mindfulness“ гуруата често тргнуваат од претпоставката дека нашите ментални капацитети се намалени поради дистракциите што ги нуди нашето време. Нас ни’ треба одново фокусирање. Практиката не’ учи дека преку дисциплина и вежбање, возможно е да се постигне состојба на мир и фокус. Ваква спиритуална дисциплина, која често зазема форма на лажно-будистичка програма за медитација, секако може да биде менаџирана преку апликација на телефонот, или, што е зачестено, да ти ја понуди работодавачот. Гугл, на пример, има вработено шеф-мотиватор, кој специјализира во „фитнес на умот“ додека пак „Проектот дишење“ на Адобе, им доделува на вработените 15 минути дневно за да си ги наполнат батериите. Овој фантастичен хибрид на напор и мистицизам ветува дека со доволно труд, и ти би можел да си го вратиш умот во форма.
Извадоци од: newrepublic.com
Превод од англиски: Ѓорѓи Пулевски