Работниците од МГИ се избркани и последните два месеци не им се платени

Околу 130 работници во конфекцијата МГИ, од кои повеќето земале минимални плати од 12-13 илјади денари, се оставени без работа. Платите за месеците март и април се’ уште им ги немаат исплатено, иако управата секој ден од 23 април до денес, им вели дека „утре“ ќе бидат исплатени.

Работниците сами дознале дека фабриката ќе се затвора, а не биле на време известени за да можат да се снајдат за друга работа. Откако забележале дека дел од робата се враќа назад и се отпуштаат квалификувани работници, тие го притиснале газдата, кој признал дека наскро ќе останат без платата од која зависат, иако им било ветено дека досегашните ќе се исплатат. Дури, од раководството, на една работничка и’ помогнале со документацијата за вадење на кредит од 5000 евра кој сега нема како да го исплаќа, иако знаеле дека наскоро ќе остане без работа, само за да не се дознае помеѓу работниците за состојбата во фирмата.

Помеѓу вработените се зборува дека газдата сака да ги држи пријавени и за мај, барем дел од нив, за да може да се покрене стечајна постапка по основ 3 неисплатени плати и тие се плашат дека никогаш нема да им бидат исплатени платите. Според нив, газдата немал никакво морално чувство и често се изживувал на разни начини со вработените. Не им бил плаќан прекувремениот труд, добивале само симболичен К15, а уште кажуваат дека често ги навредувал со изрази како „вас македонците за ништо не ве бидува освен за ајвар“.

Газдата на МГИ, Марсел Мелес, е сопруг на македонската актерка Синоличка Трпкова. Според српски медиуми, тој планира да инвестира 1,3 милиони евра во Врање, Србија, што ја прави ситуацијата уште по сомнителна.

Текстот е преземен од antropol.mk

|2018-05-06T20:06:54+00:006 мај 2018|Актуелно, Вести, Економија|