Прва жртва во Лондонскиот пожар е сириски бегалец

Според Британски Индипендент 23 годишниот Мухамед Ел Хаџали е првата жртва на пожарот во зградата Гринвалд. Мухамед Ел Хаџали заедно со својот брат Омар како бегалци ја напуштиле Сирија каде веќе 6 години се војува помеѓу владините сили и припадниците на опозицијата поддржувани од САД, Турција и државите во регионот. Пред 3 години браќата Ел Хаџали добиле азил во Британија. Братот Омар (25) го преживел пожарот и моментално закрепнува од повредите во болница.

Како причина за пожарот на зградата Гринвалд во која се наоѓаат социјални станови, експертите и активистите го наведуваат непостоењето на безбедносни стандарди.

На Лондон изминатата деценија му се случува инвеститорски бум во недвижности во кој граѓаните со минимални примања се истиснуваат од централните градски области. Се поставува прашањето, дали градските власти и законодавниот дом во Британија, ќе преземат акција кон воведување на регулативи на пазарот на недвижности, контрола на кириите и подобрување на стандардите според кои се градат и одржуваат објектите во Лондон.

Според весникот „Телеграф“, лидерот на Лабуристичката партија Џереми Корбин, повикува на преземање на празните станови на богатите во населбата Кенсингтон (кадешто се наоѓа зградата Гренвал) и нивно населување со оние граѓани коишто го изгубија покривот над главата во пожарот.

Неисполнувањето на регулативите при изградба закана и за Скопските градби

Катастрофалниот пожар во Лондон треба да поттикне дебата и во Македонија каде нерегулираниот пазар на недвижности и неисполнувањето на регулативите при изградба на станбени и деловни објекти  создаваат предуслови за катастрофа налик на онаа во лондонската зграда Гренвал. Во скопските централни населби веќе неколку години активисти и граѓански здруженија се спротиставуваат на недоследностите во деталните урбанистички планови и нивното спроведување. Градежните фирми и инвеститорите во соработка со градските и општинските власти често ја заобиколуваат регулативата на сметка на граѓаните. Нетранспаретните јавно- приватни партнерства како и владиниот проект Скопје 2014 се покажаа погубни  за Скопје, квалитет на урбано живеење и безбедноста на граѓаните.

 

Извори: http://www.independent.co.uk/news/uk/home-news/grenfell-tower-fire-first-victim-named-mohammed-alhajali-syrian-refugee-a7791401.html

http://www.telegraph.co.uk/news/2017/06/15/jeremy-corbyn-empty-homes-owned-rich-should-requisitioned-grenfell/

|2017-06-16T17:24:27+00:0016 јуни 2017|Актуелно, Свет|