Прва самостојна изложба на Никола Јовановиќ

На 1 Март, 2021 година се отвори првата самостојна изложба на фотопортрети на младиот фотограф Никола Јовановиќ. Изложбата беше поставена во малиот салон на уметничката галерија „Ко-Ра“ при Домот на градежници во Скопје. Изложбата беше насловена „Лица и улици“, а беше отворена една седмица.

Јовановиќ е матурант кој следната академска година ќе треба да го продолжи своето формално образование на универзитет каде што ќе може да ги продлабочи своите теоретски знаења од уметноста, а и да ги усоврши своите техники на фотографија. Тоа што можеше да се запримети на изложбата беше одличната поставеност и добро решените претставувања на развојот на самиот фотограф низ периодот што му бил потребен за да ги создаде делата за изложбата. Веројатно самиот автор на фотографиите го имал стекнато потребното искуство за да се претстави пред јавноста, но и потребната вештина за да може фотографијата да се нарече фотопортрет.

Делата претежно се изработени во ахроматска техника со некои варијации во кои што фотографот употребува боја, а тоа можеби повеќе се должи на собирање искуство за некои идни проекти, или пак доследно прикажување на процесот на создавање на поквалитетна фотографија, како и самиот уметнички процес на работа. Ликовите на луѓето кои се фотографирани прикажуваат израз на одредено исчекување за нешто, но не би можело со сигурност веднаш да се каже дека се подготвиле за да останат во сеќавањето на тие кои ја виделе изложбата.

Хронолошки делата се работени од 2018 до 2020 година. Посетителот може да ја препознае разликата во самата фотографија, во начинот на осветлување, во кадарот и во крајниот производ, но не затоа што квалитативно се разликуваат, ама повеќе затоа што школски може да се прибележи напредокот во нечија фотографска работа.

Уметникот своите фотографии ги објавува редовно на своите социјални мрежи, па заинтересираните можат да го проследат и таму. Ова е линкот до неговиот инстаграм профил. Подолу е галеријата од неколку избрани фотографии.