Кинескиот уметник и активист Ај Вејвеј во чест на Светскиот хуманитарен ден го претстави трејлерот за неговиот нов документарен филм „Проток на луѓе“ (Human Flow)
„Проток на луѓе“ (2017) следи настани од бегалската криза во текот на цела година во 23 земји. Опфатена е очајничкото бегство кон засолниште на голем број бегалци низ Авганистан, Бангладеш, Франција, Грција, Германија, Израел, Италија, Кенија, Мексико и Турција. Во филмот се користени и кадри од македонско-грчката граница во мај 2016 година, кога Ај Вејвеј го посети кампот во Идомени.
Бегалски кампови, бодликави жици, чамци, граници, се дел од оваа сага на преживувањето, храброста и адаптацијата. Во филмот се поставува главното прашање: Дали глобалното општество ќе се оттргне од стравот, изолацијата и себе-интересот, и конечно ќе избере пат на отвореност, слобода и почит за човештвото?
Режисер на филмот е Ај Вејвеј, филмот е во продукција на Amazon Studios и Participant Media во соработка со AC Films. Продуценти на филмот се Ај Вајвеј (Ai Weiwei), Чин-Чин Јап (Chin-Chin Yap), и Хејно Декерт (Heino Deckert), егзективни продуценти се Ендру Коен (Andrew Cohen) од AC Films, со Џеф Скол (Jeff Skoll) и Диан Веирман (Diane Weyermann) од Participant Media. Филмот се очекува да излезе на 13 октомври во Соединетите држави, а на почетокот на 2018 во Европа.