Деновиве нѐ вознемири уште една случка од катастрофите во просветата. Медиумите најавија дека имало барање да се издадат под кирија дел од просториите на новото основно училиште „Киро Глигоров“ во скопската населба Капиштец на некоја приватна гимназија, подоцна беше најавено дека барањето нема да биде прифатено. Училиштето беше отворено во 2019 со големи пофалби од власта дека тоа е најмодерно и најсовремено и дека ги запазува сите услови за учење на учениците, па уште кажуваа дека тоа е првото, а ќе следат уште вакви проекти. Власта нема срам дека во 40 училишта вода се пие од бунар. Ова не треба многу да не вознемирува затоа што постојат навистина посуштински проблеми во македонската просвета и тоа почнувајќи од јаслите, па се до завршување на дипломски студии.
Училиштата во Македонија немаат доволно финансиски средства за да ги истуркаат месецот и годината. Секаде низ државата фалат средства за електрична енергија, за насобрани и неплатени сметки за водовод и канализација, за јавни комуналии или пак за греење. Училишните згради се наоѓаат во разорени услови и повеќето училишта веќе издаваат дел од своите простории. Некаде издаваат на продавнички за храна – мини колонијали затоа што училиштата немаат мензи каде што ќе јадат учениците и сосема неодговорно ги оставаат седум часа гладни. Други издаваат простории за книжарници затоа што нема работник – книжарничар. Трети пак, ако има услови за тоа издаваат простор на кафеани. Вистина е дека и кафаната е школо, ама не би требало да е дел од просветата.
Училиштата во руралните средини чекаат донации за да опстојат. Чекаат дрва за огрев од некој свесен, дарежлив или богат родител, чекаат проекти за дограма, чекаат милост за нов инвентар. Нема соодветни санитарни или хигиенски услови, а со тоа што не се во Општина Центар им е одземена шансата да издаваат простор за некој денар плус за да скрпат дел од процесот што кај нас министерството за образование и наука смело го нарекува образование.
Распродавањето на образованието е почнато одамна. Првичната акумулација на капитал е завршен процес во нашето општество. Ние треба да сме свесни дека ова е вториот бран на приватизација – моментот кога се приватизираа преостанатите јавни добра, како на пример: здравство, образование, култура… Приватизацијата во здравството е завршена скоро целосно. Кој се излекувал бесплатно во последната декада? Ова е случајот со образованието. Како што во Воена болница имаа два ката приватен имот каде што никој без длабок џеб не смееше да припари, така и тука ќе се оцрта границата до каде е за нас, а до каде за олигархијата, едното беше болница, следното приватизирање е училиште.
Но, за жал левичарската мисла и акција се сведе на дискусии за историјата, за предметите, за албанскиот, за македонскиот, за фискултурата. Овие горливи прашања нужно поврзани со капиталот и со борбата против олигархијата остануваат неотворени. Дискутираме за реформи во образованието без да зборуваме за материјалната база врз која што ќе се спроведуваат реформите. Знаеме дека реформата е пропаст, како и самото образование, а се обидуваме да го заштитиме status quo – то. Постоечкиот систем не носи знаење, не носи сигурност затоа што нема услови за тоа.
Нашата јавна дискусија за просветата е на многу ниско ниво. Дискусијата не смее да се води така како што власта сака. Сите сакаме промени, ама ајде да се чуеме што сакаме. Првично што мислам е дека многумина заинтересирани за јавното сметаат дека на просветата ѝ требаат ужасно многу ПАРИ за да успее било што што некој ќе науми. Пред сѐ требаат ужасно многу пари за да спроведат елементарни услови за дневен престој на учениците во училиштата. Секој ученик треба да има можност да јаде, учи и престојува во училиштето, а за тоа да е возможно училиштето треба да има пристап до вода, соодветни санитарни услови, менза, библиотека, соодветни училници, соодветни услови најопшто кажано.
Наставниците и воспитувачите не се платени, училиштата немаат соодветен број на работници од стручна служба, секаде фалат педагози или психолози, а дефектолози, логопеди нема, за стручњаци по родови студии или социјална работа не се водат ниту дискусии. Нема лектори по македонски или албански јазик, нема библиотекари, нема готвачи, нема чистачи или хигиеничари. Колку години нема училишни амбуланти, а колку години нема педијатри? Се препознава дека највените реформи се само театар за да се прикрие мизеријата во просветата.
Вториот бран на приватизацијата започна и во образованието. Ние одамна знаеме дека родителите покиваат 80 % од финансиските средства за образование на еден млад човек, но покриваат тие што имаат, а другите немо гледаат дека не можат да купат сѐ. Во блиска иднина ќе гледаме како се распродаваат имоти на училишта, делови од нив, како се концесираат. Тоа го видовме со амбулантите и со болниците. Ова можеби и побрзо ќе заврши.
Следно, да не се секираме за претстојните реформи, тие можат да донесат само добро. Некогаш влошувањето на status quo може да донесе само добро. Разликите помеѓу богатите и сиромасите да ги гледаме на ачик секојдневно. Можеби некој ќе сака нешто да смени, овојпат за добро на повеќето од нас.
Никола Шиндре
Редакцијата на “Гласник” не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.