Промените кои Климатската Криза ги носи за Северна Македонија

Секоја година, дискусиите за климатските промени стануваат се’ поголеми ширум светот. Научната заедница речиси едногласно потврдува дека климатската криза се случува и нејзиниот причинител е човековата активност. Научни истражувања и извештаи кои континуирано се спроведуваат и се објавуваат, покажуваат дека кризата е резултат на глобалните емисии од фосилни горива. Истите не’ предупредуваат дека ако не се направат големи промени, човештвото ќе претрпува климатски и екосистемски колапс каков што не сме виделе порано. Но, што значи ова за Северна Македонија? Како тоа ќе влијае на 2,1 милиони луѓе (според пописот од 2002 година) кои живеат тука?

57% од македонското население живее во урбани средини што значи дека значителен број луѓе се со седиште во руралните делови на земјата. Всушност, земјоделството е одговорно за 10% од БДП на Северна Македонија и има 17% од работната сила. Северна Македонија е земја богата со биолошка разновидност со околу 16,000 видови, од кои 854 се ендемични. 40% од земјиштето на државата е пошумено, а езерата и мочуриштата како Дојран, Охрид, Преспа и Вардарската долина се дом на богати екосистеми. Имајќи го предвид сето ова, Северна Македонија има многу што да изгуби заради климатската криза.

Според научните проекции, до 2050 година можеме да очекуваме забележителен раст на просечната температура од 3,3°C, намалување од 5% на просечните врнежи од дожд и почести и тешки суши и екстремни временски настани. Помеѓу 1981 и 2010 година има зголемување на просечната годишна температура помеѓу 0,2°C – 0,5°C што е уште повисоко во текот на летните месеци. Овие промени се’ повеќе ќе бидат почувствувани во секоја област, особено во земјоделството, водните ресурси на земјата, енергетскиот сектор, во различните екосистеми и се разбира, ќе имаат зголемено директно влијание врз животот на луѓето.

Земјоделство

Земјоделскиот сектор не само што придонесува значителен процент во БДП и вработеноста во земјата. Во државата има 193.000 семејни земјоделски фарми што е голем број со оглед на релативно малото население. Поради климатските промени, индустријата може да очекува помалку производство на земјоделски култури, поголемо оштетување на земјоделските култури и добиток и повисоко ниво на ерозија на почвата. Големи падови на производството се забележани помеѓу 2008 – 2012 година како резултат на зголемени топлотни бранови и суви периоди и со оглед на тоа што температурата продолжува да се зголемува, ќе има помалку можности за земјоделците да одгледуваат и берат здрави култури. До 2050 година, би можеле да очекуваме намалување од 21% на производството на пченица и 56% намалување на производството на пченка. Зголемувањето на температурите исто така значи дека земјоделските култури и добитокот ќе станат поподложни на штетници и болести.

Водни ресурси

Северна Македонија се потпира на врнежи од дожд и топење на снег за поголемиот дел потребна питка вода. Зголемувањето на температурите и намалувањето на врнежите од дожд значи дека достапноста на водата ќе стане проблематична. Многу извори на слатки води што се користат за снабдување на одредени мали села може лесно да се исушат целосно. До 2050 година се очекува побарувачката за вода за земјоделието да се зголеми за 50%, но нејзината достапност истовремено да се намали за некаде помеѓу 30 – 40%.

Енергија

Во моментов, земјата добива 48% од својата енергија од фосилни горива (претежно од термоцентрала за лигнит-јаглен), 34% од хидроцентрали, 15% од природен гас и 3% од обновлива енергија. Поради зголемената загриженост за емисиите од фосилните горива и придонесувањето кон климатската криза и многу високите нивоа на загадување на воздухот во земјата, Северна Македонија се обврза да ги намали своите емисии од фосилни горива за најмалку 30% во однос на вообичаеното сценарио. За да се постигне ова, забележано е зголемување на инвестициите во хидроенергија, како и на инвестициите во природниот гас. Додека и двете опции се сметаат за проблематични од многу климатски експерти и активисти заради социјалните и еколошките импликации од истите, овие индустрии исто така се соочуваат со проблеми како резултат на климатската криза. Хидроенергетската инфраструктура е подложна на намалување на врнежите од дожд и зголемено лизгање на земјиштето и ерозија на почвата, додека гасоводие исто така се ранливи на истите екстремни временски настани.

Биодиверзитет и екосистеми

Богатото природно наследство во Северна Македонија е и ќе продолжи да забележува невидена загуба на биолошката разновидност и деградација. Зголемувањето на температурата и сушата ќе ги променат пејзажите и живеалиштата на езерата и мочуриштата и ќе бидат причина за многу повеќе шумски пожари. Помеѓу 1999 и 2012 година, беа пријавени 2.800 шумски пожари во кои изгореа 130.000 хектари земјиште што земјата ја чинеше 78 милиони долари (скоро 4,4 милијарди денари).

Луѓето

Ефектите од климатскиот и еколошкиот колапс ќе влијаат на сите, но не еднакво. За жал, луѓето кои живеат во руралните области со помалку ресурси се најранливи и веќе ги чувствуваат ефектите. Ќе се соочуваме со се’ помал пристап до ресурсите за чиста вода и здрава храна и земјоделието ќе продолжи да се соочува со поголеми проблеми. Екстремните временски услови како топлотните бранови и поплавите кои ќе се зачестуваат, се директна закана за човековата благосостојба.

Во текот на следните неколку месеци, Климатски Набљудувач ќе објавува редовни написи за климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од оваа област. Наша цел е да обелоденуваме како климатските промени ќе влијаат на секој аспект од нашите животи, какви решенија се предлагаат и што треба да се смени за да можеме да го решаваме најголемиот проблем на денешницата.

Извори:

Climate Risk Profile of North Macedonia

Nationally Determined Contribution of Republic of North Macedonia

The Strategy for Energy Development of the Republic of North Macedonia by 2040

За авторите:

Симона Гетова

Симона има осумгодишно искуство во работа на кампањи за заштита на животната средина и климатска правда, организирање на заедници, алтернативно образование и градење на капацитети кај младите. Изминативе 4 години, таа работи и во областа на интегрирани политика за клима и енергија. Нејзината работа и истражувања досега се во областа на алтернативите предводени од локални заедници и на користењето на интерсекционален пристап и design-thinking методологија за создавање на подобар свет за сите.

Симона има BSc во Бизнис Администрација со концентрација на Финансии и Менаџмент и МSс во Наука за животната средина, Политики и Менаџмент.

Џеј Ди Фаруџиа

Џеј Ди во последните 8 години работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи, во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програма на локален театар.

Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија, на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.

|2020-02-08T08:35:19+00:007 февруари 2020|Актуелно, Вести, Екологија|