Прогресивен данок, наместо акцизи

Прогресивен данок, наместо повисоки акцизи

Зголемувањето на акцизата на бензинот и на екстра лесното гориво немаат никаква економска оправданост, затоа што тие акцизи се веќе прилично високи. Единствено зголемувањето на акцизата на дизелот има некаква оправданост, но и тоа не додека трае кризава, затоа што тоа ќе значи земање пари од сите. Наместо да зема од сите, Владата треба да земе од големите фирми и од богатите. Тоа е праведно, тоа е солидарно, тоа и ќе ѝ донесе многу повеќе пари.

 

Стопанска комора на Македонија предложи зголемување на акцизите на бензинот и дизелот за 2 денари по литар, и на екстра лесното гориво за 11 денари (односно, изедначување на оваа акциза со акцизата на дизелот). Со ова, според нив, би се собрале 46 милиони евра. Министерката за финансии кажа дека таа го прифаќа предлогот, но официјален одговор од Владата сè уште нема. Зошто одговорот треба да биде негативен и што треба Владата да направи наместо да ги зголеми акцизите?

 

Состојбата со горивата и акцизите

Во нашата држава, во 2018 година, според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, се продале околу 650 милиони литри дизел, 113 милиони литри бензин и 45 милиони литри екстра лесно гориво. Акцизата на дизелот изнесува 15,121 денари по литар, на бензинот (безоловниот) 21,692 денари, на екстра лесното гориво 6,139 денари. Приходите што се прибираат во државниот буџет по овој основ се значајни, околу 260 милиони евра во 2018 (30% од овие пари одат во Пензискиот фонд и во Јавното претпријатие за државни патишта). Доколку се прифати предлогот на Стопанската комора на Македонија, според податоците од 2018, би се собрале дополнителни 33 милиони евра: 21 милион од дизелот, 4 милиони од бензинот и 8 милиони од екстра лесното. Тоа што бројките на Комората се повисоки, може да е доколку тие користат податоци за 2019 година, кои не се сè уште јавно достапни, но секако, дополнителните приходите се околу 30-40 милиони евра.

Како се движела продажбата на овие три нафтени деривати изминативе години може да се види на Графикон 1. Продажбата на дизелот има нагорен тренд и е зголемена скоро двојно во овој период, продажбата на бензините паѓа и е скоро преполовена, продажбата на екстра лесното исто така паѓа и е намалена за скоро две-третини.

 

Графикон 1: Продажба на бензини, дизел и екстра лесно гориво, во С. Македонија, 2006-2018 (милиони литри)

Извор: Годишни извештаи на Регулаторна комисија за енергетика

 

Кој ги троши овие горива? За бензините и дизелот е јасно – тие се користат за транспорт, односно, ги трошат сите кои директно или индиректно користат превоз, а тоа се сите луѓе што живеат во државата. За екстра лесното е помалку познато, но и за ова постојат податоци, од Енергетските биланси кои ги објавува Државниот завод за статистика. Најголем дел од екстра лесното, во 2018 година 26 милиони литри, се трошеле од страна на јавниот сектор, односно за загревање на јавните објекти, како училиштата, болниците, градинките. Околу 15 милиони литри се користеле за загревање во индустријата, пред сè прехранбената и текстилната, и 4 милиони литри се користеле од страна на домаќинствата.

 

Графикон 2: Потрошувачка на екстра лесното гориво од страна на различните сектори во економијата во 2018 година (милиони литри)

Извор: Енергетски биланс за 2018 година, Државен завод за статистика

 

Што вели ЕУ?

Она што Стопанската комора не го кажува, а и во јавноста скоро воопшто не се зборува, е дека Европската Унија има пропишано насоки за тоа колку треба да изнесуваат акцизите на нафтените деривати. Во Директивата за даночењето на енергијата се пропишува минималното ниво на акциза кое треба да го применат земјите членки за секој енергенс, и ова ниво може да се смета за одредница за тоа колку треба да изнесуваат и акцизите кај нас.

За безоловниот бензин,  пропишаната минималната акциза на ЕУ изнесува 359 евра на 1000 литри, односно, 22 денари за литар. За дизелот, изнесува 330 евра на 1000 литри, односно, 20 денари за литар. За екстра лесното, изнесува 21 евра за 1000 литри, односно 1,3 денари за литар.

Веднаш паѓа во очи дека нашата акциза на екстра лесното гориво е скоро 5 пати повисока од минималната на ЕУ (6,1 денар вс. 1,3 денари). Акцизата на бензинот е скоро еднаква на минималната на ЕУ (21,7 денари вс. 22 денари). Единствено акцизата на дизелот е значајно пониска од минималната на ЕУ (15,1 денар вс. 20 денари).

 

Нема оправданост за зголемување на акцизата на екстра лесното и бензинот

Со оглед на тоа што нашата акциза на екстра лесното гориво е веќе многу повисока од минималната пропишана од ЕУ, со оглед на тоа што потрошувачката на овој тип гориво секако се намалува, и со оглед на тоа што најголем дел од ова гориво се троши од страна на јавните институции, како училишта, градинки, болници и сл, апсолутно не е оправдано да се зголеми неговата акциза. Зголемувањето на оваа акциза ќе има минимални нето фискални импликации, затоа што зголемените приходи во Буџетот ќе дојдат од јавни субјекти, односно, ќе има практично префрлање од еден во друг џеб. Зголемувањето на акцизата нема да придонесе за намалувањето на овој тип гориво, затоа што субјектите кои сега го користат ова гориво немаат можност за греење на друг начин. Зголемувањето на акцизата ќе погоди и одреден број домаќинства кои сега се греат на ова гориво, кои се обично од посиромашните слоеви.

Главниот аргумент кој се пласира од страна на пропонентите на покачувањето на оваа акциза е дека екстра лесното гориво се злоупотребува, односно, наместо за греење, се користи за транспорт. Но, нема апсолутно никаква поткрепа на ова тврдење, нема никаква студија која покажува колку оваа пракса навистина е застапена, па затоа ова тврдење не може да се земе за издржано. Дополнително, доколку навистина се прават вакви малверзации, тие можат да се санкционираат и сузбијат од страна на државните органи. Дури и зачудува што досега нема ниеден случај поврзан со вакви малверзации, ако тие малверзации навистина се толку чести.

Слично е и со акцизата на бензинот. Оваа акциза е веќе скоро еднаква на минималната на ЕУ, ова гориво се користи сè помалку, иако е помалку штетно од дизелот. Со зголемувањето на неговата акциза, може само да се забрза трендот на помало користење на бензинот и поголемо користење на дизелот, што никој не го посакува.

 

За дизелот…

Работите кај дизелот стојат малку поинаку. Акцизата на дизелот кај нас е многу пониска од минималната на ЕУ (за околу 5 денари). Акцизата на дизелот кај нас е многу пониска и од акцизата на бензинот (за околу 6 денари), за разлика од скоро сите европски земји, каде што овие две горива имаат скоро иста акциза. Затоа и крајната цена на дизелот кај нас е многу пониска од цената на бензинот, што придонесува неговата потрошувачка енормно да расте во последните години, за разлика од потрошувачката на бензинот, која се намалува. Ова има штетни последици по загадувањето, знаејќи дека дизелот загадува повеќе од бензинот. Во многу европски земји се прават стратегии за целосно искоренување на дизелот, а кај нас тој со пониската акциза сè уште се фаворизира.

Без никаква дилема, акцизата на дизелот треба да се зголеми, но сега не е моментот за тоа. Во услови на најголемата економска и социјална криза од последните години, која се проценува дека може да однесе во сиромаштија 6-8% од светското население, зголемувањето на акцизата на дизелот може само да ги засили овие негативни појави.

Дополнително, зголемувањето на акцизата на дизелот е принципиелно погрешно, затоа што тоа значи земање пари од сите. Тоа значи дека товарот од кризава ќе го понесеме сите, во сличен обем, што не е ниту праведно, ниту солидарно. Праведноста налага товарот од кризава да го понесат оние кои профитираат најмногу во добрите времиња. Солидарноста налага товарот да го понесат оние кои можат да го понесат. Затоа, товарот од кризава мора да го понесат оние кои имаат и кои заработуваат повеќе, односно, богатите и големите фирми.

 

Што конкретно да се направи?

Најпрофитабилните 200 компании во државава имаат добивка од околу 1,2 милијарди евра, а плаќаат данок на добивка од само 8%. Ако се воведе прогресивен данок на добивка, со стапка од 20% на добивката која надминува 1 милион евра, од овие 200 компании Владата ќе прибере дополнителни 100 милиони евра.

Најбогатите 1% во државава заработуваат вкупно околу 600 милиони евра годишно, а плаќаат данок на личен доход од само 8%. Ако се воведе прогресивен данок на личен доход, со стапка од 20% за доходот над 1500 евра месечно, и 30% за доходот над 2500 евра, Владата ќе прибере дополнителни 50 милиони евра само од најбогатите 1%.

Најплатените 250 директори во државава имаат сите плати над 10.000 евра месечно, а плаќаат придонеси за социјално осигурување од само 9%, за разлика од останатите луѓе, кои плаќаат придонеси од 28%, поради максималниот износ на придонеси кој некој може да го плати. Ако се укине тој лимит, ќе се соберат дополнителни 10 милиони евра.

Со овие три, релативно благи мерки, Владата може да собере 160 милиони евра, многу повеќе од оние 30-40 милиони кои би ги собрала со повисоката акциза. И овие пари ќе ги собере само од најпрофитабилните фирми и од богатите.

Дали Владата ќе одлучи во кризава да ги даночи сите, или само големите фирми и богатите, чекаме да видиме.

 

Бранимир Јовановиќ, универзитетски професор
Ставовите изнесени во колумната не нужно ги изразуваат ставовите на редакцијата.
|2020-04-18T13:11:30+00:0018 април 2020|Актуелно, Вести, Економија, Став|