СКОПЈЕ, 10. 10. 2017 – Денес, во просториите на основиот суд Скопје 1 беше закажано судско рочиште за Мариглен Демири, обвинет за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ за време на протестите пред канцеларијата на претседателот Горѓе Иванов во 2016 година. Судењето како и претходните досега повторно е одложено, поради тоа што обвинителството не ги набавило оригиналните документи кои се однесуваат на доказниот материјал. Наредното судење е закажано за 9 ноември во 12.30 часот.
„Нефункционалноста на државата може да се забележи преку ваквите пракси. Уште еднаш судењето одложено, трет пат во низа за ненабавување на документи. Дека вака ќе бидам истормозен се наѕираше уште на почетокот на судскиот процес. Можам да кажам дека сум невин и дека ќе истраам докрај. Треба да знаеме дека во државава, многу други лица, кои ја немаат среќата и привилегијата да имаат некаков статус на јавна личност, се соочуваат со подлабоки и поостри премрежја со нашиот правосуден систем“, изјави Мариглен Демири за Гласник.
Судскиот процес за Мариглен Демири започна минатата година, а како и денес претходно имаше неколку одложувања. Демири е обвинет за случувањата пред канцеларијата на претседателот Ѓорѓе Иванов од вечерта на 13 април 2016 година, за време на протестите против тогашната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Освен за Демири, судски случај за настаните од таа вечер се води и за Здравко Савески од Левица. Случајот на Савески се’ уште е во почетна фаза, а негово решавање во скорешна иднина не се очекува.