СКОПЈЕ, 03.07.2017 – МВР пред два дена испрати соопштение до медиумите дека, во петокот тројца работници паднале од скеле и сериозно се повредиле. Оваа несреќа се случила кај клучката на селото Миладиновци.
На маките на работниците им нема крај. Во овој период, во државава температурите се тропски. Заштитата на работниците на работните места ретко каде е обезбедена. Во индустриските и градежните сектори работниците најмногу страдаат од временските неприлики.
Неодамна, на блогот на „Гласен текстилец“ беше истакнато дека повеќе од 20.000 работници во текстилната индустрија работат на температури повисоки од 35 степени целзиусови, додека работодавците штедат струја.
„Сè случува работнички и да колабираат на работно место, особено повозрасни жени и трудници, а инспекциските служби не преземаат ништо“ сметаат тие.
Ваквите услови се карактеристични за секое лето.
„Ситуацијата е таква каква што е, но најлошо е што животот на работниците е загрозен на таквите температури, чести се онесвестувања, лошење, покачен крвен притисок… Трудниците и старите лица се особено погодени. И дури, и некоја од нив да падне во бесознание, не се вика Брза помош, туку се ладат со шишиња со вода, се преместуваат на пола саат во магацини или во канцеларии, за да се освежат, и да се вратат пак на машината, за да продолжи производствениот процес. Се работи за човечки животи, а зошто никој не го сфаќа тоа сериозно, останува мистерија! Односно, навикнати сме низ годините, и тоа веќе се смета како нормална појава“ стои како цитат даден од работници на блогот на Гласен текстилец.
Според извештаите на Македонското здружение за заштита при работа, во 2016 година 113 работници биле повредени на работното место, од кои 19 завршиле со смрт. Во 2015 година вкупниот број на повредени работници изнесува 144, од кои 39 со смрт, останатите со полесни или потешки повреди. Бројот на несреќите во 2014 година е 130, додека смртно повредени биле 42 лица, нешто што Македонија ја направи „лидер“ по бројот на смртни случаи на работното место.
Во спроведувањето на проектот „Скопје 2014“, многу работници беа повредени, но и завршија со згаснати животи. Не постојат статистики за тоа колку човечки животи згаснаа во текот на изработката на овој проект, но свежи се сеќавањата за истите.
Причините за оваа појава се лоцираат најчесто во потрагата по профит, на сметка на работничките права, односно животот на работниците. Непочитувањето на одредбите на законите претставува една од причините за овие несреќи, а тоа е уште потрагично кога станува збор за непочитување коешто доаѓа од самата држава, нешто што можеше да се забележи со третманот на фирмите изведувачи на „Скопје 2014“.