СКОПЈЕ, 12.07.2018 – Во Скопје повторно протести околу Бит-Пазар. После „дивите“ пазарџии, од вчера протестираат таксистите кои најчесто беа позиционирани кај Зегин, на Бит-пазар. Тие протестираа со неколку часовно блокирање на крстосницата кај „Мавровка“ поради новата одлука на Град Скопје, со која мораат да бидат позиционирани на новообележаната такси- станица подолу од Зегин. Таксистите велат дека со новата локација нивниот профит е намален за повеќе од 50 %, а таквиот профит не е доволен ни за задоволување на најосновните потреби.
„По барање на Град Скопје, се преместивме од такси-станицата пред ‘Зегин’ на новообележаната такси- станица подолу, но по повеќе од десетина дена увидовме дека таму нема воопшто работа. Ние се обидовме да се вратиме на такси-станицата кај ‘Зегин’, но полицијата не ни дозволи. Никој не нè праша нас, таксистите, дали е во ред да има таму такси-станица. Од оваа станица не можеме да ги покриеме ниту дневните трошоци, а не пак придонесите или да имаме каква било заработка“, вели такси возачот Мендух Гавази.
Таксистите имаат само едно протестно барање – барем три места каде што порано се наоѓаа – кај Зегин, на Бит-пазар затоа што според нив, ако тоа не се случи тие ќе мора да се откажат од нивната дејност, а тоа ќе ја зголеми сиромаштијата помеѓу нив.
Од Град Скопје не попуштаат на овие барања и велат дека токму пресметката со „дивите пазарџии“ беше парцијално, за да овозможи нова такси постојка.
-Град Скопје преуреди еден дел покрај пазарот, со што се прошири просторот на такси-постојката и се овозможија технички подобри услови за работа на таксистите. Град Скопје нема добиено барање за враќање на постојката на старото место, и нема намера да ја врати назад, истакнуваат од Град Скопје.
Ова не е прв пат Град Скопје да почне да се пресметува со економски најралнивите работници. Гласник известуваше за акција за отстранување на „нелегалните“ продавачи на овошје и зеленчук низ Аеродром, Козле и Влае, а исто така неодамна известуваше и за дислоцирањето на пазарџиите од Бит Пазар. Додека во Скопје секојдневно се прекршуваат или се модифицираат законите во корист на богатите и моќните, Град Скопје континуирано удира по луѓето кои се наоѓаат во незавидна ситуација.
Таксистите предупредуваат дека ќе продолжат да протестираат сè додека не се исполнат нивните барања.