Ураганот Харви остави зад себе пустош. После уништувањето, обилните врнежи го поплавија Хјустон – еден од најголемите градови во САД. Иако природните непогоди се надвор од човечка контрола, подготвеноста за истите зависи од политиките на локално и национално ниво.
Градот Хјустон се наоѓа на мочурливо земјиште. Веќе двесте години оваа земја се суши и трансформира, комодифицира од страна на инвеститорите. Но, последните 20-30 години Хјустон беше арена на масовна урбанизација.
Според истражувањето на Универзитетот во Тексас, од 1992 до 2002 година околу 70% од мочуриштата од пошироката област околу Хјустон биле урбанизирани. Мочуриштата се предели кои можат да ја апсорбираат водата од поплавите, додека нивната урбанизација ја спречува оваа можност. Ова е една од причините за големите поплави деновиве по ураганот Харви.
Градот Хјустон важи за еден од регионите најотворени за „слободен“ (либерализиран) развој. Ова предизвика неартикулиран урбан подем со огромна корист за инвеститорите – шпекулантите со градежно земјиште, а на штета на јавниот простор и безбедноста за граѓаните.
Друго прашање се безбедносните регулативи и подготвеноста на институциите задолжени со справување со природни непогоди, особено во ризични предели како Хјустон. Администрацијата на претседателот Трамп на само десет дена пред ураганот Харви потпиша извршна наредба за укинување токму на регулативите и стандарди за справување со поплави, донесени од страна на неговиот претходник, претседателот Обама.
„Најверојатно ќе се случи да потрошиме десетици милијарди долари повторно да го изградиме Хјустон токму онака како што е сега, а потоа да го чекаме следното невреме,“ вели Роб Мур, висок политички аналитичар за прашања поврзани со водата од Советот за заштита на природните ресурси.
Џон Џејкоб, експерт за мочуришта, кој ја води Програмата за крајбрежни сливови на Тексас А & М, со години предупредува за опасните ефекти од булдозирањето на природните бариери за поплави. Мисијата на неговата програма е да ги споделат научните истражувања со заедниците за да им помогнат подобро да се справат со фактот дека многу од нив живеат не многу над морското ниво во ураганската земја. Тој вели дека гледа знаци дека Хјустонците конечно ја согледуваат потребата од значителни промени.
„Идејата дека ние едноставно не се грижиме радикално се менува,“ Џејкоб. „За сопствениците на компании што работат со недвижнини, Хјустон е романса за една ноќ. Ние останатите сакаме ова да биде место каде нашите внуци ќе бидат среќни и безбедни … Оваа бура само го зацврствува фактот дека начините на кои се однесуваме имаат последици.“
Последиците од ураганот Харви ќе бидат огромни. Прашањето е колкави ќе бидат последиците од неодговорноста на политичките елити и шпекулантите со градежно земјиште? И, дали пошироката јавност ќе ја увиди потребата од заштитата на интересите на граѓаните и нивната средина, пред финансиските интереси на бизнис-политичките елити?