Ние како да не сакаме да прифатиме дека во Светот постојат повеќе од 6.000 јазици, а од нив многу се загрозени. Состојбите кажуваат дека во Европа се зборува на околу 200 јазици, а на околу 2.000 во Азија. За разлика од Азија и Европа, во Северна Америка и покрај богатата лингвистичка разноличност јазиците на домородните Американци исчезнуваат бидејќи веќе нема млади кои го учат јазикот на кои зборувале нивните родители или баби и дедовци. Тоа покажува дека јазиците се живи толку долго колку што се живи и нивните говорници или пак колку се универзални идеите на тие кои го говореле и пишувале јазикот, на пример, денес старогрчкиот и латинскиот јазик се мртви бидејќи никој не глаголи на тие јазици. Меѓутоа, литературата и мислата кои останале запишани, истовремено оставајќи голем белег во светската култура, уметност и философија остануваат да бидат проучувани и преведувани од многу лингвисти на многу јазици низ светот.
Човековата цивилизација започнува со јазикот, па затоа е и толку важно да се негуваат јазиците. До моментот на можноста мислата да остане запишана и некој друг после нашето време да може да ја прочита речиси да било и невозможно мислата и идејата да пропатуваат од едно до друго место. Историјата е секогаш испреплетена и покрај сите напори на човекот да ја претстави како паралелна една на друга.
Невозможно е да се сонува на јазик различен од мајчиниот. Како може некому да се забрани да сонува, да зборува, да пее и да плаче на својот мајчин јазик. Тоа е невозможно. Исто така невозможно е да се разбереме ако не зборуваме јазик кој е заеднички за нас двајца. Тогаш, како би се разбрале ако живееме во исто време и место, а не можеме веќе да се одбегнуваме еден од друг.
Законот за употреба на јазиците на Република Македонија е премногу спорен, како за начинот на кој што е донесен, од кого е потпишан, кога и како е изгласан, па до тоа дали е противуставен, дали ја поткопува позицијата на македонскиот јазик, дали ќе ги доведе Македонците во потчинета позиција во однос на Албанците, дали неговото донесување е увертира во федерализација на државата или некои други образложенија кои стасаа до нас изминативе година дена. Во однос на загриженоста на граѓаните може да се каже дека е оправдана особено ако се земе предвид дека и покрај сите закони и прописи кои се донеле за меѓуетничка кохезија речиси ниту еден не ја постигнал својата крајна цел, заеднички соживот. Она, пак што е поважно е дека законот иако лош е подобар од status quo. Подобар е зашто сите оние кои се противеа на истиот не дадоа нова визија за функционирање на општеството преку примена на некој функционален закон за употреба на јазиците во државава.
Факт е дека во една држава од каде постојано се иселуваат луѓе и каде што никогаш не пристигнува никој нов секојдневно почнуваат да се јавуваат проблеми помеѓу различните групи, кај нас тоа се меѓуетничките недоразбирања, а најчесто помеѓу Македонците како мнозинска етничка група и Албанците, како втор по број етникум во Северна Македонија. Овие проблеми секогаш се јавуваат кога Албанците бараат повеќе права во однос на употребата на албанскиот јазик, знаме, нивните граѓански права при вработување, образование, здравство итн., а Македонците имаат отпор да ја признаат легитимноста на овие барања. Другите етникуми не се ниту вклучени во овие расправи за мултилингвистичен пристап. Па, за да може да се најде некоја поголема визија која ќе не обедини сите граѓани на оваа држава да се стекнеме со своите права да пееме на својот мајчин јазик, а да можеме и да се договориме за она заедничкото, поточно кажано јавното и споделеното, она кое ни припаѓа на сите нам подеднакво ќе се обидеме да дадеме една визија за тоа како ја гледаме државата во иднината.
Комуникацијата за да биде квалитетна треба да биде двонасочна, и тоа и двете страни да кажат, но, можеби уште поважно и да се сослушаат. Функционалноста на една држава се мери и со тоа колку таа држава се грижи за малцинските заедници, па така за да може полесно да се разбереме ќе кажеме дека подобра опција за развитокот на ова општество е подобро да се дефинираат можностите за употреба на јазиците, односно да се даде нова практичност при употребата.
Официјален јазик е оној јазик на којшто државата ги издава наредбите до своите граѓани, оној јазик на кој граѓанинот може да се обрати до власта за да ги заштити своите права и интереси и оној јазик на кој што државата ќе му одговори, а со цел и државата и граѓанинот подобро да се разберат еден со друг. Официјални јазици на Република Северна Македонија нека бидат сите јазици на кои се говори во оваа држава, албанскиот, босанскиот бугарскиот, влашкиот, македонскиот, ромскиот, српскиот и турскиот, нека биде и англискиот. На овие јазици државата би ги пишувала законите, прописите, документите и писмата кои треба да стигнат од институциите до граѓаните. Државата ќе обезбеди секој нејзин граѓанин да чуе што бара државата од него, а воедно граѓанинот своите права ќе може да го обезбеди полесно доколку има потреба од помош од државата. Но, ова и покрај тоа што ќе бара доста ресурси ќе биде од голема важност за меѓусебната комуникација.
Како државата би функционирала со толку многу јазици на кои би требало да комуницира со граѓаните. Државата тука има потреба да втемели механизам со кој ќе се олесни работата на институциите внатре, а не кон надвор (односно кон граѓаните). Тој услов би бил сите кои работат внатре во институциите да имаат еден работен јазик, а тој во нашиот случај би бил македонскиот. Граѓаните на кои мајчин јазик не им е македонскиот би биле стимулирани да го научат и да го владеат за да можат да фунционираат внатре во институцијата, а и самата институција да може да профункционира кон надвор. Најдобар пример за ова би било дека секој оној кој зборува на некој од јазиците погоре споменати би можел да комуницира со секоја државна институција, но би морал да знае македонски за да може да работи во неа. Овде се разбира дека обврската на државата за вклучување на сите јазични заедница е исполнета, а исто така е исполнета и обврската на граѓаните кон верба за подобро утре да комуницираат на јазикот кој мнозинството го говори, а единствениот начин за меѓусебна интеракција.
Во единиците на локалната самоуправа пак, официјални јазици ќе бидат македонскиот и сите други јазици кои се говорат на подрачјето на единицата. Граѓаните ќе може да зборуваат, да се образуваат, културно да се надоградуваат на својот јазик, а сепак ќе може непосредно да комуницираат со локалните институции на истиот. Државата може да предложи и нов механизам за заштита на малцинските јазици, па така малцинските јазици нема да има потреба да бидат опфатени со 20 проценти од населението, но со 10 %. Тука меѓуетничките бариери би паднале бидејќи многу од општините во оваа држава се со различно етничко население, па населението не би јавувало неоправдана загриженост за тоа дали навистина соодносот помеѓу едните и другите е тој или е различен.
Исто така важно е да се каже дека и во овој случај сепак би се развила дебата, а како би функционирале институциите внатре со толку јазици на говорење, но како и погоре, функционирањето кон надвор не го отежнува функционирањето внатре ако е добро одредено. Така, овде државата треба да втемели пракса во која што сите кои се вработуваат во институциите (се разбира, во зависност од висината на работното место, обврските и должностите на вработените), но би поставила услов дека секој оној кој се вработува во тие институции треба да има од минимално познавање до добро владеење на македонскиот јазик. Така должноста на вратар не би го имала истиот услов за познавање на македонскиот јазик како на пример за секретар на општината.
Тука се јавува и проблемот за опшините каде што не живеат Македонци или живеат многу малку. Тој проблем на прв поглед тешко решлив може да се реши со тоа што работен јазик во таа општина би бил албанскиот, турскиот, влашкиот или некој трет, но се разбира за да се исполни условот од горе дека работен јазик на цела територија е македонскиот сите преписки би се преведувале и на македонски, така што државната ќе може да обезбеди контрола над локалната власт, а истовремено на мнозинската група во таа институција ќе им се овозможи да работат на јазикот на кој сите тие комуницираат. Во тој случај Македонците кои живеат во таа општина нема да бидат ускратени во своето граѓанско право да комуницираат со властите на својот јазик – македонскиот јазик воопшто, а и влезот во таа институција не им би бил ограничен со оглед на тоа што сепак документите би се пишувале и на македонски јазик.
Државата можеби нема капацитет во овие временски услови, политички и социјални состојби да донесе добри уредби за употреба на јазиците, но подобро е сите да се потрудиме да начнеме некоја нова идеја за разбирање помеѓу нас. Некако тука би требало да се изнајде некоја нова визија за користењето на јазиците, наместо да се бориме против или за за овој закон, ние би требало да ставиме и нови идеји на повидок, некои идеи кои ќе бидат обединувачки, нешто што ќе не стави во позиција да се трудиме да се разбериме, тоа да не е толку тешко, а трудот подоцна да даде еден плод каде што нема веќе да е важно кој како ќе зборува, но што ќе кажува.
Ова општество можеби има поголеми капацитети од држвата која е тмурна, заглавена во бизнис интереси, која не промовира љубов спрема другиот, но ние сме тие кои треба да ја вратиме идејата дека цел Свет братски ни е. Овие прашања ќе ги решиме низ образовниот процес и културата и никако поинаку. Образовните програмите не треба да се делат на македонски, албански, турски итн, тие требат да бидат универзални, да можат сите деца еднакво да научат. Треба да се вложува во преводите од македонски на другите јазици во Македонија, но и обратно.
Идејата да се наметне некој да учи јазик кој не сака да го учи е апсурдна, но може да се овозможат фер услови како за едните, така и за другите. Сите етникуми би го изучувале македонскиот јазик во текот на образованието, но исто така и Македонците треба да ја имаат шансата да го научат јазикот на другиот, затоа што јазикот се чува и надоградува само кога говорниците знаат и друг јазик, го учат и туѓиот светоглед, па таа идеја да се спознае другоста е дотолку поуниверзална затоа што со спознавањето на другоста ние се дознаваме себе си.
Не е веројатно дека некое општество може да постигне целосна еднаквост и правичност за сите граѓани кои го сочинуваат, но ние треба да разбереме дека е подобро да се сонува за него отколку да не се бара ништо и ништо да не се менува. Овој закон можеби е најлош, можеби нема да промени ништо, но треба да кажеме како го замислуваме нашето идно општество, во која насока да ги бараме одговорите на прашањата кои нè мачат.
Автор: Н.Р.