СКОПЈЕ, 11.05.2018 – Еко здружението на граѓани ФРОНТ 21/42 преку петиција од премиерот на Македонија, Зоран Заев бараат стопирање на хидроенергетски проекти во заштитените подрачја. Ако сите овие хидроенергетски проекти се реализираат во сегашната замислена форма, реките кои имаат слободен тек и го помагаат одржливиот развој на локалното население неповратно ќе се оштетат, затоа мора да се направи зона која ќе ги заштитува реките.
„На територија на Македонија се планираат над 400-тини хидроенергетски проекти. Половина од нив се предвидени во недопрена природа во најживописните речни долини, на последните реки со слободен тек, кои од секогаш го поддржувале одржливиот развој на локалното население.
Хидроенергетските проекти засекогаш го менуваат текот на реките и животот во и околу нив. Без воспоставени зони за заштита на реките хидроенергетските проекти носат ризик од неповратна штета врз природата и човековата благосостојба. Затоа, да го заштитиме највредниот ресурс на човештвото!
Бараме итно воспоставување на зони за заштита на реките!
Зелени зони за сини реки!“, се вели во петицијата на ФРОНТ 21/42.
Проблемот со планираните хидроцентрали во Македонија не е изолиран, тоа е дел од поголем балкански проект во кој што моментално во изградба се 188 централи, а планирани се уште 2.798. И сето тоа покрај веќе постоечките 1000 централи. Во нашите подрачја каде што се планираат хидроцентралите се наоѓаат живеалиштата на Балканскиот рис и на многубројни слатководни риби на кои ќе им биде доведена во прашање самата егзистенција.
Ситуацијата со огромниот број на хидроцентрали си има своја капиталистичка логика. Имено, иако се’ уште има дебати колку хидроцентралите ќе го променат енергетското производство на Балканот и дали значително ќе ја намалат зависноста на земјава од увозна струја, голем број на странски и домашни градежни фирми, енергетски претпријатија и банки се заинтересирани за овој бизнис поради поволните кредити и субвенции што ги дава државата и европските фондови за ваквите хидроцентрали. Значи, повторно како и во другите сфери, приватизацијата на виталните државни капацитети остава простор за капиталистичката и политичка елита да го планира развојот на хидроцентралите и да „си го собира кајмакот“, а паралелно со тоа да ја уништи природата и да им створи проблеми на локалното население.
Еден од најголемите играчи во овој бизнис е вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тој е долгогодишен бизнисмен и сопственик на Групацијата „Фероинвест“ која во конзорциум со други македонски компании има изградено 24 хидро-централи. Беше директор на ЕФТ Македонија, една од најголемите компании за трговија со струја во земјава, за потоа да ја напушти ЕФТ и да ја основа групацијата „Енерџи диливери солушн“ (ЕДС). Пред две недели, за 4.8 милиони евра Анѓушев ја продаде ЕДС во пакет со сите подружници во Југоисточна Европа на фирмата на грчкото електростопанство „ППЦ“. Но сепак, Анѓушев не се откажа во целост од бизнисот со струја. Дел од хидроцентралите се’ уште се во негова сопственост.