Партиски кандидати и натпартиски очекувања

Партиските штабови прогласуваат победа, народот престана да ги брои поразите

Во речиси тридецениското искуство политички „плурализам“ во Македонија, речиси сите избори (без оглед дали се парламентарни, претседателски или локални), беа прогласувани за пресудни. Така и за актуелните претседателски, првиот круг беше претставен како „Денот Д“, а вториот круг ќе биде можеби и „судниот ден“, зависно од реториката на различните табори:

А) СДСМ-ДУИ и останати владини пајтон партии

Гласот за Пендаровски го претставуваат како прашање „да се биде или не“ т.е Пендаровски е нивниот одговор на реторичкото прашање „дали Македонија ќе оди напред“ (во евроатланските интеграции, што и да значи тоа „напред“ кога еве и име и устав сменивме, и во НАТО влеговме речиси со двете нозе, па Македонија и натаму е на врвот на листата земји од која жителите бегаат како од чума, најсиромашната држава во Европа, пекол за работниците, рај за газдите, домашни и странски, впрочем 3 децении трчаме кон тие интеграции и еве на кое дереџе сме…)

Б) ВМРО – ДПМНЕ

Гласот за Силјановска-Давкова го претставуваат како прашање „да се биде или не“ т.е професорката Гордана е нивниот одговор на реторичкото прашање „дали ќе има правда за Македонија“ (што и да значи тоа, горе долу неопределено и немерливо како „нема правда – нема мир“. Како што СДСМ правдата ја претвори во флоскула за да се дограби до власта, сега и дестилираното ВМРО, да истото ВМРО што даде 8 пратеници за уставните измени, сега со „правда за Македонија“ сака да се врати на власт… за тоа и „татковнината повикувала“…

В) БОЈКОТИРАМ

После #Протестирам, настапи #Бојкотирам. Како активист учествував во двете движења, но ни тогаш, ни сега, не ги делам истите побуди и надежи на гласноговорниците на овие движења (граѓански движења, кои класниот дискурс го загубија на пола пат до целта). Бојкот на претседателските избори (по теркот на бојкотот на референдумот) е нивниот одговор „дали ќе се легитимира Северна Македонија“ (близок ми е национал-романтичарскиот дискурс на бојкотирачите, но не сум романтичар во политиката, а националното прашање ми е подредено на класното. Оттука, гледам бездна на крајот на тунелот на таа бојкотирачка стратегија, Северна ја стави на маса СДСМ, ДПМНЕ со своите 8 пратеници ја потпиша – до кога ќе се бојкотираат изборите со надеж дека Северна Македонија не постои, а без да се гради политичката алтернатива?).

Сепак, опцијата В) ја заземав во првиот круг, не постои магично стапче, т.е во услови на слаба партиска, синдикална и студентска инфраструктура на политичката алтернатива на системот, во услови на неможност за победа на автентичен претставник на работниците, делегитимирањето на транзициските опортунистички партии е првиот чекор.

… На овој заземен став, ми се с’снаа некои

Г) Маскирани вмровци во загрижени Македонци

„Дали сакаш Талат да стане претседател?“ е нивниот „аргумент“, и тоа надмено кажан, божем не постои контра-аргумент што може да се даде.

Вака… Талат е претседател две години веќе, извршната власт не е бицефална, Собранието е алфа и омега, таму се носат законите, таму се менува уставот, таму се именуваат 95% од носителите на најзначајните државни функции (за потсетување вмровското собрание го именува своевремено Талат за Министер за одбрана), таму се аминуваат погубните политики и амнестии (од амнестираните хашки случаи до амнестираниот Заев и Крсто). Освен можноста за аболиција, претседателот има церемонијална улога, видете ги ингеренциите пропишани со уставот, џебно вето не постои, видете го членот 75 од Уставот, впрочем Иванов е сеуште претседател, а што може да стори против волјата на парламентарното мнозинство, уште повеќе против волјата на 2/3-ското парламентарно мнозинство? Резутатот Талат vs Иванов е 3:0 службено за Талат. Зошто тоа би било поинаку со Силјановска како претседетел? Значи драги маскирани вмровци, потребен е пад на ДУИ на парламентарни избори, но дали на вашето раководство му одговараат брзи парламентарни избори? Јасно е дека на ДПМНЕ му треба консолидација и поголемо отворање кон албанското гласачко тело (читај „шурување со албанските опозициски партии“). А за заокружување на стратегијата, предвремени парламентарни се ризични, впрочем се надевавме на брзи предвремени парламентарни кон крајот на минатата година, пред ДПМНЕ да ги даде 8-те пратенци за Преспанскиот. Убаво е кога Мицко се дере на митинзи барајќи предвремени, но се што прави неговата партијата е одлагање на тие избори, тоа е барем за мене факт од она што го гледам. Воедно сметам дека редовни парламентарни избори кон крајот на 2020 е планот на раководството од белата палата. Дотогаш ќе ослаби реториката на СДСМ за „албанофобното и антизападно ДПМНЕ“, па македонската десница ќе си го најде својот близнак во албанската десница во Македонија, без таа десница да го загуби своето гласачко тело околку кое гравитира со своето поведение.

Да се вратиме на насловното прашање: (Кој победи, а кој изгуби во првиот круг од претседателските избори)

Уште на стартот да одговорам. Загубија партиските кандидати со натпартиски очекувања. Мислам на Гордана Силјановска – Давкова и Блерим Река. Загуби и коалициониот кандидат на СДСМ и ДУИ – Стево Пендаровски. Номинално победник, квалитативно речиси 200 илјади гласови помалку за двоецот СДСМ-ДУИ споредено со последните локални избори. Сепак, за овој кандидат не би зборувал понатака, тој имаше (кон)сензуални очекувања, кои ДУИ ги изневери очигледно. Што би рекле старите: „таму да ти е, нека ти е“ (ДУИ). Да се фатиш на оро од старт со ДУИ – е пораз уште пред да почне утакмицата. И тоа пораз и во условно кажано македонскиот блок и во албанскиот блок од електоратот. СДСМ никако да извлече поука дека со ароганција и надмен елитизам, власта се губи за еден мандат, и после се дреме една деценија во опозиција, додека хара некое реформирано ДПМНЕ. Молете се во „меѓународната“ да ви даде одврзани раце, како што им дадоа на ДПМНЕ и ДПА во 1999 година (читај: да ви дадат одврзани раце да полните кутии). НАТО е вашиот камшикар, вие сте камшикарот за народот, зошто глумење поштење кога на нечесен начин се приграбивте до власта? Кој кого прави будала тука?

Така што, ќе кажам збор два повеќе за натпартиските очекувања на Силјановска и Река… Разликата меѓу двата кандидата кои влегоа во вториот круг се рачуна во децимали (0.6 %) или околу 4 илјади гласови. Оттука може да се помисли дека Силјановска е морален победник, но натпреварот (со фудбалски речник кажано) трае 90+минути, а не 45 минути. Длабоко се сомневам дека ДПМНЕ ќе има простор за маневар да ги раздвижи своите „одметнати бојкотирачи“ (не мислам на таборот Бојкотирам во целост, мислам на разочараните и национално понижени македонци, понижени од партијата која божем беше носител на „македонското национално единство“). Воедно длабоко се сомневам дека ДПМНЕ ќе може да смета па макар и на 1/5 од гласовите за Река.

Оттука, со жалење констатирам дека професорката Сијлановска згреши што не се кандидираше како независен кандидат врз основа на 10.000 потписи, она што ДПМНЕ го пружа како партиска инфраструктура, се тие 300 илјади гласови. Во вториот круг оваа подлога ќе се претвори во товар имајќи ја предвид безобразната игра на ниски удари што ќе си ги разменуваат двете најголеми партии, а неопределените Македонци, Албанци, Турци и останати не се пронаоѓаат во транзициското мочуриште на СДСМ-ДПМНЕ веќе… Со жалење констатирам дека наместо ДПМНЕ  да биде искористено за кандидатурата на професорката, ќе биде обратното… професорката ќе биде искористена за враќањето во игра на ДПМНЕ.  Оттаму и славјето во вмровските штабови, го јачаат рејтингот и истовремено добиваат на време, прогласуваат кој град и село било вмровско, нешто налик на локалните избори 2004 година, кога Скопје беше прогласен за вмровски град, за две години подоцна ВМРО да се приграби до власта. Нив не им е дојдено до Република Македонија, со 8-свои пратеници ја продадоа… нив не им е дојдено до победата на професорката. Нив им е дојдено само и само до власта! Како што не им беше дојдено до Скопје таа 2004-та година, гледаме 14 години подоцна што му се случи на градот.

Да се вратам во актуелната година. Мицковски на прв момент изгледа наивно, но е многу пресметан лик. Го пушти Ѓорчев да се самокандидира, дури и го поддржа во прв момент, за да го скрати временскиот простор професорката фела да изнедри независен кандидат (кандидат што ќе собере 10.000 потписи без инволвирање на партија омразена за неопределените). Силјановска побрза да се кандидира на огласот за кандидат за претседател на ВМРО – ДПМНЕ. Тогаш даде и една неумесна изјава „не сакам да бидам политичка манекенка“. Ја почитувам професорката. Под нејзино менторство магистрирав на правниот факултет при УКИМ во Скопје, не се сомневам во нејзиниот интегритет, знаење и професионалност, но партиите на бипартизмот имаат манекени и манекенки, таков кандидат никогаш нема да биде човек кандидиран директно од народот. За разликата во преземените чекори (прво кандидат на партиски оглас, па собирање потписи) би се дообјаснил во друга прилика. Истата грешка ја направи и Блерим Река. Сигурно ќе освоеше повеќе гласови и кај Македонците (како што тоа го направи Имер Селмани на пример), доколку не тргнеше како кандидат на апла македонофобната десница БЕСА и Алијансата. И за неговиот случај, натпартиските очекувања не се остварија, па од тие помалку од 80 илјади гласови, многу мал, речиси безначаен е процентот на неопределените етнички-немотивираните гласачи.  Врз вкупната бројка гласачи за Река, слаб одзив ќе има повикувањето да се поддржи во вториот круг Силјановска. Иако и таков отворен повик е малце веројатен засега…

Практично, ДПМНЕ, БЕСА и Алијансата го задушија просторот за независни кандидати што можат да го предизвикаат сензуелниот двоец СДСМ и ДУИ. Нив примарен им беше и им остана сопствениот рејтинг. Тоа е, ќе повторам, видно од нивната постизборна реторика (БЕСА/Алијансата се натрпеваруваат со ДУИ, тврдат победиле во албанските села и некои од градовите каде ДУИ има градоначалници, додека Јанушев го замени Ѓорчев во набројувањето каде победило ВМРО и каде и колку загубиле СДСМ).

Да сумирам: натпартиските очекувања на партиските кандидати не се остварија. Дисциплинираното гласачко тело на Пржинската четворка излезе на гласање – 40% од вкупното население.

СДСМ изгубија дел од шарените, изгубија и огромен дел од неопределените кои на претходните избори гласаа за СДСМ за да го казнат ДПМНЕ кое им дојде преку глава од еднодецениското владеење.

ДПМНЕ не ги придоби неопределените, сега ДПМНЕ ја гради стратегијата на „ВМРО со чисти раце“, па игра на картата што полош СДСМ, толку подобро за ДПМНЕ да придобие гласови на свое конто како резултат на желбата да се казни СДСМ. За тоа треба уште малце време, СДСМ со сидрото закачено во штабот на ДУИ ита ли ита „напред“.

Останатите граѓани се иселени или бојкотираа. Доста интересен е примерот на скопското село Рамни Габер каде жителите не дозволиле да се спроведе гласањето за претседател на државата и ја заклучиле вратата на избирачкото место со катанец лути на градоначалникот дека досега не дошол да види како тие живеат. Како што изјавиле пред медиумите кои го посетиле ова село на денот на гласањето, жителите сами се решиле на тој чекор, за да им покажат на политичарите колку се разочарани од нив. Сепак, работничка солидарност и колективна разочараност од партиите на транзицискиот бипартизам, е слабо застапен феномен во останатите избирачки места низ државата. Главните партии уште ги влечат конците, иако се разлабавени и распукани до ниво до кое естаблишментот се плаши.

Во вториот круг сите опции се отворени, можно е да не биде достигнат цензусот доколку добар дел од гласачите на Река апстинираат, а не го гледам потенцијалот на СДСМ ДУИ и ДПМНЕ да извлечат повеќе граѓани на гласање за две недели. Кандидатите имаат мал простор за маневар, но и нивниот личен печат во натамошниот тек на кампањата може да се покаже како доста битен. Ќе видиме…

Сепак транзицискиот бипартизам  е жилав, допрва ќе видиме што џокери во ракавот чуваат ВМРО, СДСМ и ДУИ, медиумите се нивни, ќе видиме што „ден Д“, што страв и еуфорија допрва ќе сервираат…

Пишува: Зоран Василески

|2019-04-23T16:27:35+00:0023 април 2019|Актуелно, Став|