МАКЕДОНИЈА/ГРЦИЈА, 17.04.2018 – На социјалните мрежи деновиве протече Проглас за заемна соработка и надминување на националистичките политики и разделби на младите во Македонија и во Грција. Заситени од политиките на омраза и дистракции, младите од двете земји заедно напишаа Проглас со повик за потписи на млади луѓе кои се повикуваат на духот на вредностите коишто извираат од Прогласот. Прогласот е напишан на четири јазици, македонски, албански, грчки и англиски.
На социјалните мрежи е објавен отворен Проглас на младите од Македонија и Грција кој е проследен со потписи на млади од двете држави. Политиките со националистички карактер и ексклузивен однос создаваа со години непријатели од луѓето на двете држави чии проблеми и квалитет на живот се доста слични. Прогласот се осврнува на квалитетот на животот на младите соочен со многу премрежја.
„Во овој обид за решавање на спорот, препознаваме само нов облик на старата политика, која, како и порано, ги потиснува горливите социо-економски прашања.“ сметаат иницијаторите на Прогласот.
Тие се осврнуваат на слободното и квалитетно образвание како цивилизациска придобивка која во нашите општества се редуцираше во привилегија на малкумина.
Младинската невработеност, прекаријатот и експлоатацијата се категориите низ кои размислуваат иницијаторите на овој Проглас. За нив, социјалните компоненти на квалитетниот живот имаат есенцијално значење.
Прогласот отворено зборува против нанесите на националистичките политики кои освен што создаваат дистракции од прашања коишто имаат централна улога во животот на младите и генерално сите луѓе, национализмот го разјадува и мобилизаторскиот однос на младите.
„Македонија е наша!“, во нашиот контекст, е националистичкото кредо со кое се изместува причинско-последичната врска на нашиот социјален пад. Тоа е формулата што причината за сопствената обезмоќена положба ја сместува во Другиот, наместо во економско-социјалните политики на центрите на моќ“, се вели понатаму во прогласот.
Интонацијата на писмото е ориентирано кон идеи за соработка на младите од двете држави и увидување на сите препреки нанесени од страна на политичките интервенции, чии интереси се вкотвени во репродукцијата на општествениот социјален реалитет.
Прогласот е напишан на четири јазици, македонски, грчки, албански и англиски, додека истиот е отворен за потпишување од страна на сите млади од Македонија и Грција.
Прогласот може да се прочита и да се потпише на овој линк.