Општина Валандово сеуште не распишува референдум за рудникот „Казандол“, инвеститорот се рекламира на средби со граѓаните

Граѓанските иницијативи најавуваат нови протести, доколку нема референдум за рудникот во Валандово

СКОПЈЕ, 26.06.2017 – Граѓанската иницијатива „Спас за Вландово“ преку својот профил на фејсбук соопшти дека, нивни активисти учествувале на собирите организирани од месните заедници на селата Пирава и Јосифово, кадешто лица од фирмата „Сардич МЦ“ ги презентирале процесите, коишто наводно би се одвивале во рударскиот комплекс „Казандол“

„Спас за Валандово“ на својот фејсбук профил пренесе дека, на првиот собир во с. Пирава, претседателот на месната заедница, на поставено прашање од страна на активистите за тоа кој и зошто го организира собирот, рекол дека, собирот е инициран од локалната самоуправа на Општина Валандово и е во организација на месната заедница.

Исто така на вториот собир во с. Јосифово, претседателот на месна заедница Јосифово, а воедно и советник во Совет на Општина Валандово, Тони Пандев, рече дека, Советот одлучил инвеститорот да ги презентира процесите кои би се одвивале во рударскиот комплекс, велат од граѓанската иницијатива.

Тие до локалната самоуправа упатија неколку прашања во врска со овој настан.

Прашуваат зошто локалната самоуправа иницира вакви собири на кои инвеститорот самиот се рекламира, а пак од друга страна не присуствуваат на настани на кои се искажуваат последиците од евентуално отворање на рудник.

Исто така, постауваат прашање, за тоа, зошто не е објавен документот на кој го пишува мислењето за рударскиот комплекс.

Како најважно прашање граѓанската иницијатива го издвојува она, за сеуште не распишаниот референдум, иако законските барања за организирање на овој референдум се исполнети.

Тие велат дека, претседателката на Советот, Јасминка Сечкова максимално го одоговлекува процесот на распишување на референдум, и оти причините за тоа не им се јасни.

Советот требаше првично да повика еминентни и независни експерти, во рок од 20 дена од седницата на 27 април, од различни области, за да ги оценат процесите и дали и како би имало ризик по здравјето на жителите и последици по животната средина. Поминуваат веќе 2 месеци а тоа не е сторено од нивна страна.

Наместо тоа граѓаните собраа 2213 потписи, доволни за распишување референдум, за самите да одлучат дали се за или против отворање рудници во нашата општина, и Советот беше должен во најбрз можен рок да овозможи референдум. Тоа не е сторено, потенцираат од „Спас за Валандово“.

На одржаниот граѓански референдум во општина Богданци на 11 јуни, 4200 од вкупно 6918 жители со право на глас од Богданци, како и  од населените места Стојаково, Ѓавато и Селемли рекоа „НЕ“ за изградба на рудникот за бакар Казандол, во Валандово. По успешниот референдум, Советот на општината реши да го повлече одобрението за рудникот „Казандол“.

Одлуката е испратена до сите надлежни министерства, а граѓанските здруженија апелираат Владата да се изјасни во најкраток можен рок. Тие исто така најавуваат нови протести, доколку нема референдум за рудникот во општина Валандово.

 

|2017-06-26T09:35:02+00:0026 јуни 2017|Актуелно, Вести|