Огромната разлика помеѓу највисоката и најниската плата во Македонија енормно расте

 

Скопје, 08.01.2017. –  Минатиот месец, Aсоцијацијата на менаџери имаше средба со премиерот Зоран Заев и министерот за финансии, Драган Тевдовски. По средбата, Петар Андреевски од Асоцијација на менаџери, изјави дека, во Македонија нема екстремно богати луѓе. Но, според податоците што ги објави Управа за Јавни Приходи, се забележува дека се исплаќаат плати кои се незамисливи за најголем дел од граѓаните, а истите се зголемуваат константно и енормно. Така што, ако во 2012 година највисоката плата изнесувала 85 400 евра месечно, изминатата година таа изнесувала 227 300 евра. Исто така, кога ќе се спореди соодносoт на минималната и максималната плата од 2012 до 2016 година се гледа дека, е зголемен за повеќе од половина, односно од 1:484 на  1:1.040.

Овие бројки покажуваат дека, екстремно богати луѓе во Македонија постојат и нивниот број е во постојан раст. Често овој феномен на економска дискрепанца и на вртоглаво богатење се препишува на способноста и креативноста на поединци да се „снајдат“ на слободниот пазар. Но, не мислат сите така. Членот на Президиумот на политичката партија Левица, Здравко Савески вели дека, нема ништо природно во ваквата економска констелација.

„Трендот на прераспределба на богатството е во корист на богатите, тоа што богатите стануваат побогати, а сиромашните посиромашни не е никаков природен процес, туку резултат на свесни владини политики. Беа намалени даноците, беа намалени придонесите, беше воведено законско привилегирање на ултрабогатите и сето тоа не можеше да не’ доведе до енормно збогатување на македонските богаташи. Она што посебно треба да се нагласи е дека, со овозможувањето ултрабогаташите дополнително да се збогатуваат, се осиромашуваше буџетот, па мораше да се „штеди“ на социјални програми па сиромашните станаа уште посиромашни, зашто државата не ја вршеше соодветно својата социјална функција, а што е нејзина обврска согласно Уставот на РМ“, истакна Савески.

За да почне да се решава овој горлив проблем, владата предводена од СДСМ, како едно од најгласните предизборни ветувања во својата програма го нудеа прогресивниот данок кој би се имплементирал во 2018 година и според владата, треба да изнесува 18 % за сите кои земаат над 1000 евра. Но, предлогот за прогресивниот данок имаше негативен одек кај бизнис заедницата и наиде на отпор. Според нив, 1000 евра плата во Македонија не е луксуз. Но, се поставува прашањето, во земја којашто е секогаш при врвот на класната раслоеност, колку оваа изјава соодветстува со економскиот реалитет што го живееме!? Савески смета дека, оваа бројка е голема за македонските услови и дека предлогот за прогресивниот данок на СДСМ треба додатно да подложи на поголеми стапки на оданочување.

„Платата од 1.000 евра не е превисока сама по себе, но сепак е висока за македонски стандарди. Она околу што фали точна информација е дека, предлогот на СДСМ за воведување втора даночна стапка од 18% за износот од платата над 60.000 денари, за оние што земаат, на пример, плата од 70.000 до 100.000 ќе значи дека тие ќе плаќаат дополнителен данок од околу 1.000-2.000 денари месечно. Мислам дека нема да потонат во сиромаштија тие што наместо 100.000 денари ќе земаат 98.000 денари. Нека престанат да се претставуваат како жртви, во ситуација кога огромното мнозинство во оваа земја едвај врзуваат крај со крај со плати под просечната или воопшто без никакви примања.
Предлогот на СДСМ за прогресивен персонален данок со две стапки, 10 и 18% е далеку од совршен. Бидејќи енормни пари се акумулираат кај ултрабогатите 1%, мислам дека далеку поефективно би било да се предвиди, на пример, втора стапка од 15% за платите над 60.000 денари и трета стапка од 20 до 25% за платите над 100.000 денари. А дефинитивно да се укине максималната основица за плаќање придонеси од плата за да не добива најплатениот директор гратис 600.000 евра годишно на сметка на буџетот на РМ и нејзините граѓани“, нагласи Савески.

По укинувањето на прогресивниот данок, од страна на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година, нестрпливо се чекаше на негово имплементирање оваа година, затоа што беше сметан како една од алатките за намалување на јазот помеѓу богатите и сиромашните, но СДСМ откако дојде на власт ретерираше во ставот и обзнани дека, ќе го имплементира овој вид на данок во 2019 година, поради негово внимателно имплементирање и оспособување на Управа за Јавни Приходи и соодветните министерставата.

|2018-01-08T11:12:30+00:008 јануари 2018|Актуелно, Вести, Економија|