
СКОПЈЕ, 20.06.2017 – По повод 20. Јуни, Светскиот ден на бегалците, синоќа во Сули Ан, во старата скопска чаршија се одржа Хуманиратен базар на ракотворби изработени од бегалци, кои поминаа низ Македонија
Вчеравечер во Сули Ан, беа изложени ракотворбите изработени од страна на 139 бегалци, кои во изминатиот период биле вклучени во работилници организирани од невладини организации.
Од 6ти Февруари до 15ти Март 2017 година, во рамките на проектот се организираа 15 уметнички работилници за бегалците и мигрантите сместени во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово, во близина на Скопје, како и во транзитните центри во близина на Гевгелија и Табановце.
Пораката која сакаме да ја испратиме денес е безусловна поддршка за бегалците, солидарност и човечност, со надеж дека илјадници раселени лица конечно ќе уживаат во своите права, ќе бидат на безбедно и ќе имаат пристап до можностите, рече во своето обраќање Марија Тодоровска од НВО Отворена Порта – Ла Страда.

Овие работилници имаа за цел да им помогнат на мигрантите и бегалците да се справат со траумите кои ги преживеале во текот на нивното патување кон подобар живот. На нив учествуваа вкупно 139 лица од различни возрасни групи, кои потекнуваат од Сирија, Ирак, Алжир, Палестина, Иран и Авганистан. Тие создадоа повеќе од 100 уметнички дела, вклучувајќи накит, цртежи и слики. Собраните средства од продажбата на овие дела, ќе бидат искористени за потребите на бегалците и мигрантите што транзитираат, или престојуваат во Македонија.

Во бегалската криза пред две години повеќе од еден милион бегалци и мигранти ја користеа територијата на Македонија како дел од Балканската рута, со цел да стигнат до западна и северна Европа.
Текст и фотографии: Сенада Ибраимова