Согласно Одлуката на Владата на Република Хрватска, Хрватската радиотелевизија во соработка со Министерството за наука и образование на РХ ќе соработува во спроведувањето на наставната програма и изведувањето на настава на далечина. Така од понеделник (16 март, 2020 година) во 8 часот наутро на Третиот канал на ХРТ (ХРТ – ХТВ 3) започнува емисија со наставна програма наречена „Училиште на Трета“.
Во услови на прогласена епидемија на корона-вирусот на подрачјето на Република Хрватска, а со цел за обезбедување на континуитетот на воспитно-образовниот процес, Хрватската радио телевизија се задолжува да овозможи изведување на наставната програма на далечина. Министерството за наука и образование на РХ се задолжува пак да обезбеди наставен кадар кој ќе одржува настава по одделенија, почнувајќи од прво одделение во најраниот термин, до четврто одделение во најдоцниот термин.
Наставата ќе ги прати курикулумите, односно наставните програми на предметите во ниските одделенија на основното образование, а ќе се користи отворен образовен материјал, материјали од образовните и училишните програми на ХРТ и материјал изработен посебно за оваа прилика. Програмата ќе ги поттикне учениците на самостојна и креативна работа, а во соработка со своите учители од одделенска настава ќе се продлабочува и проширува остварувањето на воспитно-образовниот процес.
Хрватската радио телевизија како јавен сервис на граѓаните се задолжува да ги обезбеди сите услови за изведување на наставната програма на далечина. Во таа смисла денес во ХРТ е одржан состанок на челниците на ХРТ и претставниците на Министерството за наука и образование на кој се договорени сите детаљи на проектот, а одговорно лице за спроведување на таа одлука и тој проект „Училиште на Трета“ е главниот и одговорен уредник на ХРТ Казимир Бачич.
Изворниот текст можете да го најдете тука.
Превод: Никола Шиндре