СКОПЈЕ, 16.08.2017 – Од осамостојувањето на Македонија и прогласувањето на независност се’ до денес, државата бележи големо уназадување на работничките права. Во сплетот на промената на економскиот систем и приватизацијата, големата невработеност и синдикалното вазалство, работниците на милост и немилост на државата и своите жолти организатори секојдневно правото да се биде човек и работник им се редуцира на работник без права. Активистите и синдикалците гледаат со надеж во новото раководство на Сојузот на Синдикати на Макдонија (ССМ), но исто така, со одреден страв спрема истото
Живко Митревски, како единствен кандидат, беше избран за претседател на ССМ во 2010 година. Во 2015 година на ист начин, како единствен кандидат, беше реизбран за челник на ССМ.
Минатата година, на 13 ноември, тој е сменет од функцијата претседател на ССМ и на негово место е избран како в.д. синдикален лидер Дарко Димовски. На почетокот од 2017 година, в.д. претседателот на ССМ беше избркан од зградата на синдикатот. До неодамна, се очекуваше Врховниот суд да реши околу жалбата која беше поднесена од страна на Дарко Димовски. Така, веќе избраниот в.д. претседател уште од минатата година, започна со вршење на функцијата синдикален лидер.
Иако, злоупотребите на синдикалните лидери во минатото беа големи, овие промени во организацијата на структурата на ССМ, која треба да застане во одбрана на работниците во Македонија, се значајни. Претходниот синдикален лидер често се врзуваше со партијата ВМРО-ДПМНЕ и се сметаше како еден од главните виновници за песимизмот кај работниците и сузбивањето на секоја можност за работничко организирање.
Орданче Бошковски – Бошка, претставува еден од најинспиративните борци за работнички права во нашето поднебје. Тој беше отпуштен од работното место во топилницата „Фени индустри“ во Кавадарци, поради синдикално здружување на работниците во фабриката. Тој очекува промени од новото раководство на ССМ.
„На смената на раководството гледам со надеж дека, можеби ќе се гледа посериозно и со поголем отпор кон носењето на законите кои во минатото го искривуваа грбот на работниците. Ова се закони, кои беа гласани во македонскиот парламент. Потребни се само храбри и решителни потези кои ќе ја допрат сржта на реалните проблеми на работниците, а тоа се, меѓудругото енормно ниските плати и неплатеното прекувремено работење. Тоа би ја вратило вербата во синдикализмот и би ги охрабрило работниците за поодлучна борба за подостоинствен живот“, изјави Бошковски за Гласник.
Долгогодишниот активист и организатор на активности поврзани со социјалната правда и работничките права, Здравко Савески пак, за Гласник коментира дека, овие промени во ССМ мора да ги променат и односите кои досегашните синдикални лидери ги имаа со властодршците.
„Сега е шансата да се постави ССМ на здрави нозе, а за да се случи тоа, е тешко но, не е невозможно“, вели тој.
Тој вли дека, ниската доверба во синдикатите е опашка којашто на синдикатите им оневозможува да бидат успешни во нивната дејност. Според него, реформите се повеќе од потребни, особено во моделот на раководење на сојузот на синдикати. Исто така, смета дека, можноста да се ротираат синдикалните лидери, ќе ја зголеми шансата за партиципација и ќе ја намали можноста за поткупување. Со тоа, додава Савески, на гранковите синдикати ќе им се обезбеди можност за простор и видливост.
Оптимизмот е значаен, особено кога општеството но и работниците поминуваат низ различни состојби на криза. Тамара Чаусидис, претседателка на Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) смета дека, има простор за оптимизам, но исто така, оти има простор и за страв поради како што вели, преголемите очекувања и лошата состојба во сојузот на синдикати.
„Простор за оптимизам има секако. Затоа што станува збор за условно кажано победа на непослушниот дел од ССМ, оној дел кој не се согласуваше со анестезирањето на работничкиот отпор што беше карактеристично за работата на ССМ во време на Митревски. Но, има простор и за страв, затоа што очекувањата се големи и новото раководство ќе има сериозна одговорност да направи суштинска а не козметичка промена во ССМ“, потенцира Чаусидис во изјава за Гласник.