КУБА, 16.07.2018 – Куба официјално ќе ја признае приватната сопственост според новиот Устав, кој исто така, прв пат создава и позиција на премиер, покрај претседателот, објавија државните медиуми во саботата.
Сегашниот Устав на Куба ја признава државната, кооперативниата, земјоделската, личната и кооперативната сопственост. Но, пазарните реформи на поранешниот претседател Раул Кастро, чија цел е зајакнување на економијата и поголема одржливост на социјализмот, направи стотици илјади Кубанци да станат самовработени од 2010 година, со нови приватни бизниси кои се движат од ресторани до салони за убавина.
Гранма, весникот на владејачката Комунистичка партија во Куба, во саботата објави резиме на новиот Устав, велејќи дека нацртот што имале можност да го прочитаат опфаќа 224 членови, а претходно опфаќал 137. Гранма потенцира дека го зацврстува признавањето и на слободниот пазар и на приватната сопственост во новата Magna Carta на Куба, објави Ројтерс.
Тоа би можело да значи зголемена правна заштита за младите претприемачи на Куба и странските инвеститори, иако Гранма тврди дека Уставот потенцира дека централното планирање и државните претпријатија се столбови на економијата во целина.
Исто така, истакна дека Комунистичката партија ќе остане доминантна политичка сила на Куба.
Според Гранма, владината комисија која ќе го измени Уставот ќе го претстави својот предлог до националното собрание, кога ќе се состане следната недела. Се очекува подоцна во текот на оваа година да биде ставен на национален референдум.
Комисијата е предводена од 87-годишниот Раул Кастро, кој останува претседател на Комунистичката партија. Новиот претседател Мигел Дијаз-Канел, кој е член во комисијата, исто така се очекува да го објави својот министерски тим на состанокот на собранието.
Покрај воведувањето на функцијата премиер, поделба на улогите на шефот на државата и на чело на владата, новиот устав го прави претседателот шеф на собранието и воведува рок за претседател на два последователни петгодишни периоди.
Кастро, кој заедно со неговиот починат брат Фидел Кастро владееше со земјата речиси 60 години, го предложи новиот лимит за владеење во 2011 година, како дел од обидот за модернизација на политичкиот систем.