СКОПЈЕ, 24. 10. 2017 – Новата влада ја продолжува и проширува имплементацијата на идејата за унификација на Старата скопска чаршија. Како што пренесува неделниот весник Фокус, после скопската, ќе се унифицираат и битолската и охридската чаршија. Проектот е дизајниран од страна на министерството за економија, додека целта на овој проект, е враќање на автентичноста на излозите на овие чаршии.
Во 2015 година, министерот за економија потпиша договор со претседателот на здружението „Еснаф“ за реализација на проектот за уредување и унифицирање на излозите и натписите на дуќаните лоцирани во Старата скопска чаршија. Дваесет занаетчии од чаршијата добија по 2.000 евра неповратни средства, од проектот ИПА за прекугранична соработка на Македонија и Косово, проект кој го реализираат општините Чаир и Гњилане.
Според изјавите на челниците од министерството, но и од општината, целта на овој проект е враќање на автентичниот изглед на чаршијата, а воедно и нејзино разубавување. Изјавите се движеа и во насока на враќањето на традиционалните занаети во својата колевка, чаршијата.
Иако, со промената на власта се очекуваше прекин на проектите, коишто беа критикувани во јавноста и еснафот во минатото, напротив, проектите се прошируваат. Како што пренесе Фокус, министерството за економија, деновиве излезе со оглас за нова унифицирачка проект – идеја. Имено, освен скопската чаршија, ќе се унифицираат и чаршиите во Битола, Охрид и Струга. На официјалната веб страна на министерството за економија огласот не е достапен.
Како што објави Фокус, од министерството пренесуваат дека, проектот опфаќа техничка документација за конзервација, санација и адаптација на излози и натписи на дуќаните согласно Програмата за ревитализација на Старата скопска чаршија. Таа програма е усвоена од минатата власт, новата власт само ја иследува истата.
Критиките во минатото, но и сега, зборуваат за загрозување на културното наследство во Старата скопска чаршија. Според укажувањата, чаршиите се градени во различни периоди и тоа е есенцијално за самите чаршии, за нивната архитектура и духот којшто го носат. Унификацијата би значела умртвување на различноста и архитектонското богатство, коешто овие градови го носат. Овој пристап многу наликува на барокното преоблекување на градот.
Со тоа се побива и тезата за враќањето на автентичниот изглед на чаршијата. Унификацијата би значела доминација врз сите парцијални различности, коишто се јавуваат како нијанса во убавата композиција на тоа место.
Од друга страна пак, тезата за враќањето на занаетчиите исто така е лабава, затоа што враќањето на занаетчиите не зависи од унификацијата на излозите на дуќаните. Во минатото, преживувањето на занаетчиите не се потпирало на убавината на излозите на дуќаните, туку на потребата од продуктите, коишто ги произведувале или санирале занаетчиите. Тие производи денес можат да се пронајдат по различни продавници низ Скопје и со индустријализацијата и сериското производство полека „замираат“ интересите на граѓаните кон тие продукти. Денес, најчесто дуќаните се претворени во современо опремени продавници за облека. Така што, мали се шансите за враќање на духот на занаетчиството преку интервенции, коишто имаат урбанистичка и архитектонска димензија.
Проектот за унификација на чаршиските излози претставува продолжување на проектите на минатата власт, којашто беше позната по непочитувањето и неусогласувањето на ставовите со ставовите на стручната фела. Ова се однесува посебно за културните проекти како „Скопје 2014“ и унификацијата на излозите на дуќаните.
СДСМ како политичка партија, пред парламентарните избори минатата година се залагаше за прекинување на овие културни проекти, коишто значат задушување на историјата на еден град, како и на духот кој бил создаван со генерации.