Денеска најавија дека по 69 години работа некогашниот текстилен гигант „Тетекс“ од Тетово се затвара. Нема кој не го памети „Тетекс“. Гигантите од претходниот систем всушност се паметени од сите, како по нивната големина, така и по квалитетот на продуктите кои што ги произведуваа. „Тетекс“, пак остана во сеќавање дури и на помладите бидејќи до скоро можеа да се видат продавниците на гигантот низ повеќето од поголемите, а и помалечките градови низ државата. Оние постарите паметат дека од „Тетекс“ секој можеше да купи многу квалитетни кебиња, прекривки, волници, долна облека, како и костуми, палта, џакета итн. Некои купуваа во кеш, некои со чекови, посиромашните на рати, но квалитетот беше подеднаков за сите.
Денес во Македонија уште има гиганти, но мора да се напомене дека денес зборот гигант го нема истото значење како во минатото, особено во социјализмот. Денес штом се чуе гигант се мисли најверојатно на профитот кој фирмата го остварила минатата година, каматите кои треба да ги добијат акционерите, или пак, можеби колку многу заработка пред или по оданочувањето има фирмата. Поранешните гиганти требаше да носат други белези за да бидат наречени така. За гиганти се сметаа фирмите кои вработуваат многу работници, во СР Македонија имаше фабрики од кои плата земаа неколку стотици, па и илјадници вработени, гиганти беа оние фабрики што имаа во три смени исхрана за вработените, оние индустриски комплекси кои во дворот имаа детски градинки или трудови амбуланти, а од нив денеска се останати спомените кај постарите и вестите дека се затвараат.
Текстот е првично објавен како фб статус.