Поплавите како општествена непогода

Изминативе денови имаше доста врнежи од дожд. По долгата летна суша водостојот на реките и вештачките акумулации се подигна. Ова на некој начин дава некаква утеха наспроти глобалната климатска криза иако и оваа година нема да падне снег, а ако падне поради глобалното затоплување брзо ќе се стопи или народски кажано „брзо ќе се крене“.

Нашето општество и нашата држава се погодени од климатската криза иако населението сѐ уште нема стекнато механизми како да се бори против глобалното затоплување, но и против негрижата на власта за добробитта на граѓаните. Иако има доста известувања од медиумите, но и од релевантни научни институции за климатската криза што е во подем нема доволно реакции за спречување на загадувањето и уништувањето на животната средина. Најочигледни примери се молкот на Охриѓани за алармот од УНЕСКО за Охридското Езеро и неговата околина, но и молкот на Преспанци за Преспанското Езеро и Преспанската Котлина што најверојатно ќе исчезнат во следните две до три декади ако се продолжи со ова ниво на спуштање на водостојот на езерата и пресушувањето на реките.

Очигледно е дека климатската криза го зафаќа и Балканот иако во сите балкански држави има известувања за природни непогоди, како поплави, ветрови, топлотни или влажни бранови… Но, освен апелите за помош на настраданите, исплата на штети и некакви обиди за поправка на материјалните загуби нема никакво поорганизирано делување за заштита на животната средина. Населението како да не може да се бори за воздух, вода и земја, а власта како да не сака да се грижи за животната средина.

Веројатно поплавите не се предизвикани исклучиво од поројните дождови, но и од константната негрижа за животната средина, како од неорганизираноста на земјоделските површини и посеви, нефункционалноста на хидро-акумулационите системи. Во изминатите години сведоци сме на почести поројни дождови кои надоаѓаат брзо и брзо заминуваат, но предизвикуваат големи штети.

Населението премногу брзо заборава што се случувало од еден до друг пороен дожд. На пример, невремето во Стајковци однесе дури 21 човечка жртва, а уште тогаш беше јасно кажано дека поплавата од тие размери се случи поради негрижата за одводните системи во околината. Тоа значи дека доколку веднаш не инвестираме во иригационите системи и во иднина ќе имаме вакви слични појави, а веројатно и уште поголеми.

Преспа – Езерото во кое што се бањав како дете, а нема да го видам како старец, Никола Шиндре, 2019

Наглите поројни дождови, отсуството на снег и летните суши веројатно до сега требаше да ги предизвикаат првично најзасегнатите, земјоделците, научниците, институциите, но и целата јавност за решавање на проблемите со иригационите системи во нашата држава. Првите цивилизации настануваат со градење на паметни иригации кои што ја контролираат водата за да можат ефикасно и ефективно да ја искористат за добробит на населението и за зголемување на земјоделскиот род.

Така, ние треба да инвестираме во одржување на постојните хидро-акумулации, но и создавање на нови искуства за справување со нагли дождови, но и нов начин на менаџирање на кусокот на вода што ни претстои со значително подолгите лета, но и суши. Овде не смее да се изостави и грижата за шумскиот фонд кој е значаен фактор во справување со поројните дождови на природен начин, но и значаен фактор за намалување на летните температури и конечно, создвавањето на кислород.

Приватизацијата на земјоделското земјиште, приватизацијата на одредени делови од шумите и парковите, затворањето на водостопанските претпријатија, дивата и неконтролирана сеча, градењето во националните паркови, отворањето на рудници неминовно ја наплаќаат сметката кон целокупното население. Веројатно луѓето треба час поскоро да почнат отворено да дискутираат за сосема различно справување со овој глобален феномен, па макар и на микро (национално или локално) ниво.

За да може во иднина да имаме заштитени земјоделски површини и посеви треба да се грижиме за иригационите системи, односно земјиштето треба да припаѓа на оние што го работаат, а тие треба да издвојуваат дел од својот приход за да може истото ефикасно да се одржува. Хидро-системите за водоснабдување треба да се прошират и за одводнување затоа што поројните дождови од секогаш биле правило, а не исклучок во природата. Шумскиот фонд не само што треба да се зголемува, но и да се планира и да се надополнува со другите апсекти на животната средина, како на пример позеленување на трајно загадените подрачја (како на пример околината на велешката топилница, околината на РЕК Битола). Градежните активности треба да се насочат кон зачувување на одредени природни богатства што во скора иднина ќе станат реткости.

Конечно, сиромашните држави први се судруваат со глобалната климатска катастрофа која што претстои, прв чекор за решавање на овој исклучително важен и обемен проблем  е започнување на јавни дискусии за целосно реорганизирање на целиот систем за земјоделство, шумарство, водостопанство и исхрана на населението. Климатската криза е тука секојдневно, природните непогоди стануваат реалност, ние треба да изградиме систем кој не само што ќе може да не заштитува од нив, но систем кој ќе може да ги подобри условите за живиот свет на целата планета.

 

Редакцијата на „Гласник“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

 

Во прилог неколку линкови до други статии на „Гласник“ за животната средина.

Следење и влијаење на климатските политики на меѓународно ниво.

Сончева енергија: Новиот моќен лидер во производството на електрична енергија.

 

|2021-01-13T19:43:23+00:0013 јануари 2021|Актуелно, Екологија, Став|