Во последните неколку години гасификацијата е еден од приоритетите на македонската влада. Постигнати и потпишани се договори за зголемување на процентот на енергија што земјата ја користи од таканаречениот „природен“ гас. Една таква зделка е интерконекторот Неа Месимфрија кој ќе ја снабдува земјата со гас за повеќето нејзини потреби. Стратегијата на владата позади гасификацијата е да инвестира над 400 милиони евра, додека во јавноста слушаме изјави дека фосилниот гас е „чист“, па дури и „обновлив извор на енергија“ што исто така ќе гарантира и евтини цени за секого. Соопштено ни’ е дека промената на користењето на лигнитниот јаглен во користењето на „природниот” гас е начин на владата да се справува со климатската криза, вклучувајќи ги и неверојатно високите нивоа на загадување на воздухот во земјата. Во реалноста „природниот“ гас е фосилно гориво со катастрофални еколошки и социјални импликации и е катастрофално лоша финансиска инвестиција.
Метанот, еден од најмоќните стакленички гасови
Природниот односно фосилниот гас, како и процесите преку кои е екстрахиран и транспортиран, се одговорни за шокантно голем процент на емисии на стакленички гасови. Емисиите од овие процеси вклучуваат и емисии од метан – еден од најмоќните стакленички гасови, дури 21 пат помоќен од јаглеродниот диоксид. Постојат повеќе чекори во екстракцијата на фосилен гас од земјата и транспортирање на истиот (честопати менување на неговата агрегатна состојба од гас во течност – втечнување) низ целиот свет. Овој процес е скап и многу енергетски интензивен. Метан и други стакленички гасови протекуваат во атмосферата во алармантни количини во текот на целиот процес. На глобално ниво, потрошувачката на фосилен гас е одговорна за еквивалент на приближно 11 гигатони на јаглероден диоксид. Оваа количина сама по себе е доволна на глобално ниво да го надминеме прагот од 1,5°C глобално затоплување за кој научниците не’ предупредуваат да не го надминуваме.
Уништувачката моќност на процесот на фракирање
Процесот на истражување и екстракција на фосилниот гас е исто така исклучително штетен за животната средина и за заедниците кои живеат околу овие проекти. Хидраулично фрактурирање или фракирање (процесот на дупчење за гас) е одговорно за земјотреси кои уништуваат бројни екосистеми и живеалишта на цели заедници. Повеќе од 100.000 домови до сега се оштетени од екстракцијата на гас во Гронинген во Холандија. Луѓето кои живеат близу до местата каде што се одвива фракирање имаат повеќе здравствени проблеми вклучувајќи респираторни заболувања, осипи, проблеми со менталното здравје и намалена телесна тежина при раѓање. Откриено е и дека хемикалиите што се користат при процесот на фракирање се канцерогени.
Приватни добивки, јавни загуби
Згора на сето ова, се’ повеќе станува очигледно дека гасот е едноставно лоша инвестиција. Но, поради моќта на индустријата за фосилен гас и нејзините односи со владите во регионот и низ светот, просечниот граѓанин е оној кој на крај плаќа за сета штета нанесена на самите луѓе, природата и климата. Самата Европската комисија предвидува голем пад на потрошувачката на гас до 2050 година; скапата гасна инфраструктура и постројки (воглавно изградени од јавни пари) веќе стануваат финансиски неповолни и се затвораат низ цела Европа. Големите корпорации одговорни за овие проекти добиваат јавни пари од владите за да продолжат со овие лоши инвестиции и покрај фактот дека гасот е еден од најскапите видови на енергија – поскап од обновливите извори на енергија. Тие добиваат владини гаранции, субвенции и заеми кои се под пазарните стапки, заеми од јавните банки и згора на сето ова, корпорациите кои ја сочинуваат гасната индустрија честопати плаќаат или малку даноци, или воопшто не плаќаат.
Бидејќи пазарот за гас станува се’ понестабилен овие компании ги „заглавуваат“ владите да финансираат скапа инфраструктура која ќе стане бескорисна за неколку години преку долгорочни договори за снабдување со гас по фиксна цена. Бидејќи вредноста на гасот неизбежно ќе станува се’ понестабилна, ваквите договори би можеле да ги чинат земјите милијарди евра, како што веќе се има случено во Египет. Други компании пак бараат приватни инвестиции обезбедувајќи си висок профит. Ова неизбежно води до тоа граѓаните да ја плаќаат сметката за овие инвестиции преку повисоки режиски сметки, даноци или јавно финансирање.
И покрај сето ова, Северна Македонија се чини дека оди по патот на гасификацијата. Оваа инвестиција веќе ја чинеше земјата стотици милиони евра и најверојатно, со текот на годините ќе ги чини граѓаните, заедниците, екосистемите и климата многу повеќе од тоа.
Во текот на следните неколку месеци, Климатски Набљудувач ќе објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за да можеме да го решаваме најголемиот проблем на денешнината.
Извори:
The Strategy for Energy Development of the Republic of North Macedonia by 2040
https://www.gastivists.org/new-fossil-gas-terminals-profits-over-people/
https://www.gastivists.org/why-gas-stinks/top-10-facts-about-gas/
https://www.nationalgeographic.org/media/how-hydraulic-fracturing-works/
За авторите:
Симона Гетова
Симона има осумгодишно искуство во работа на кампањи за заштита на животната средина и климатска правда, организирање на заедници, алтернативно образование и градење на капацитети кај младите. Изминативе 4 години, таа работи и во областа на интегрирани политики за клима и енергија. Нејзината работа и истражувања досега се во областа на алтернативите предводени од локални заедници и на користењето на интерсекционален пристап и design-thinking методологија за создавање на подобар свет за сите.
Симона има BSc во Бизнис Администрација со концентрација на Финансии и Менаџмент и МSс во Наука за животната средина, Политики и Менаџмент.
Џеј Ди Фаруџиа
Џеј Ди во последните 8 години работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар.
Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.