СКОПЈЕ, 26. 10. 2017 – Министерството за Економија објави конкурс со кој ќе се избере фирма, којашто ќе изработи проектно решение за конзервација и санација на излозите и натписите на чаршиите во Битола, Охрид и Струга. На крајот од 2015 година се направи првата распределба на неповратните средства за рушењето на 20 фасади и излози во Старата чаршија во Скопје, со што секој дуќан требаше да добие грант во вредност од 2.000 евра. Овој проект општина Чаир го реализираше заедно со општината Гњилане од Косово преку ИПА компонентата која претставува поддршка од Европската унија. Универзитетскиот професор и историчар на уметност, Небојша Вилиќ е дециден околу прашањето дали на ваков начин ќе се врати изгледот и духот на чаршијата. „Изгледот на чаршијата не е возможно да се врати. Обидот за од новото да се направи старо, е обид, којшто е осуден на неуспех“, смета Вилиќ.
Новата влада ја продолжува и проширува имплементацијата на идејата за унификација на Старата скопска чаршија. Како што неодамна пренесе неделниот весник Фокус, после скопската, ќе се унифицираат и битолската и охридската чаршија. Проектот е дизајниран од страна на министерството за економија, додека целта на овој проект, е враќање на автентичноста на излозите на овие чаршии.
„Не може да се врати автентичниот изглед на чаршијата. Секоја обнова, односно, реставрација, што во случајов не е тоа, е само создавање на симулакрум; автентичноста се токму оние наслојки низ времето, случувани спонатно, кои ваквата рефасадизација (со намера да го врати „стариот“, автентичниот изглед) ги прави само смешни: не може нештото да се направи старо од ново, или на сила; старото е старо само заради стареењето како еден долг процес на наслојување на времето, искуствата, вкусовите, ставовите, потребите и сл.; но, лудилото во оваа идеја е: дуќаните да се унифицираат!“ истакнува Вилиќ.
Според него, оваа интенција на преобразување на тој домен од архитектурата претставуа фразата: „конфекционирање на индивидуалноста“. Со тоа, Вилиќ смета дека, се намалува различноста на изгледот, формата, материјалите на дуќаните, а истовремено претставува нешто што го нема во унифицираниот и стандардизиран изглед. Тој вели дека, таков изглед може да се сретне кај шопинг моловите во светот, па и кај нас.
Што се однесува на тоа дали ова е обид за преоблекување на градот, налик на оној со барокните фасади, Вилиќ го отфрла тој пристап како носечки мотив.
„Па не баш. барокните фасади се измислени, претходно непостоечки состојби на изгледите на зградите; овие се обидуваат да „глумат“ нешто старо, врз основа (се надевам дека така се пристапува) на фото-документацијата и архивите; но и да е така, кога нешто изгледа дека е старо (а прашање е колку ќе се успее во тоа со новите интервенции и новите материјали кои ќе се употребуваат), а не е, тоа е, по дефинција, симулакрум, што би рекол Бодријар: повистинито од вистинитото (во негативна смисла)“, укажува Вилиќ.
Професорот Вилиќ, смета дека, проектот треба да се стопира, или пак властите да се откажат од него.
„Унификацијата во сите чаршии ќе значи дека на крај, ќе се добијат три исти чаршии, нешто што е многу спорно од многу перспективи. Тоа ќе биде поголем проблем дури и од префасадирањето во проектот „Скопје 2014“ и истото мора да се спречи“, заклучува Вилиќ.