Наместо да ги руши, министерството за култура ќе ги доградува спомениците од „Скопје 2014“?

СКОПЈЕ, 16.08.2017 – Министерството за култура ќе го догради џиновското и скапо спомен-обележје на Мајка Тереза во центарот на Скопје, објави на својот веб портал СДК. Од кабинетот на министерот за култура Роберт Алаѓозовски изјавија дека, проектот ќе биде довршен, бидејќи бил во завршна фаза

Овој споменик го најави контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој кој требаше да го гради преку неговата фирма „Сахара Глобал“. За таа цел, претходната власт подари јавно земјиште од 621 квадратни метри на плоштадот Македонија.

По апсењето на контроверзниот бизнисмен во Индија, владата на Груевски од буџетски средства ја продолжи изградбата на спомен-обележјето. Со него требаше да се заврши проектот Скопје 2014. Надлежен за спомен-обележјето е Министерството за култура, а изведувачи се Градежниот институт „Македонија“ и градежната компанија „Бетон.“ Вредноста на договорот изнесува 5,6 милиони евра, а спомен-обележјето се очекува да го надвиши и спомен обележјето „Воин на коњ“ на градскиот плоштад во Скопје.

Од министерството за култура пак изјавија дека, споменикот ќе биде дограден, затоа што веќе бил во завршна фаза.

„Споменикот на Мајка Тереза е веќе готов, останува уште малку работа за да се доврши. Но, годинава нема пари за него ниту во буџетот на министерството, ниту со ребалансот на буџетот на РМ. Во септември кога ќе се прави буџетот за наредната 2018 година, ќе видиме дали ќе се обезбедат пари и за овој проект“, велат од кабинетот на министерот Алаѓозовски.

Иако министерството за култура претходно најави дека е формирана работна група што ќе изработи анализа за Скопје 2014, нејасно е зошто уште пред завршувањето на анализата се носи одлука за довршување на ова спомен-обележје од контроверзниот и критикуван проект „Скопје 2014“.

Во меѓувреме заради негрижа од страна на релевантните институции пропаѓаат објектите-донации по земјотресот во 1968-та.

|2017-08-16T13:18:22+00:0016 август 2017|Актуелно, Вести, Култура|