Патиштата на национализмот и социјализмот честопати се судираат. Национализмот бил непријателот (како во Шпанската граѓанска војна), тој бил сојузникот (во многуте борби за национално ослободување), тој бил силата која го победила интернационализмот (како во многуте социјалистички партии во предвечерјето на Првата светска војна), тој бил алатката кон која посегнаа многу комунистички партии на власт за да ја надоместат легитимизациската основа за своето владеење по потфрлањето во изградбата на поправедно и похумано општество. Национализмот го оддалечува експлоатираниот човек од борбата за подобар живот и подобро општество, зашто ги дели силите на експлоатираните, создавајќи процеп онаму каде што не смее да има и привидно единство онаму каде што нема. Тој погрешно ја утврдува целта на политичкото делување и овозможува трупање на богатството во мал број раце, додека вниманието на експлоатираните е насочено кон меѓусебната омраза.
Национализмот е сериозен непријател на социјализмот, како надворешен така и внатрешен. И тој обично е оној што излегувал како победник. И тогаш кога бил непријател и тогаш кога бил сојузник. Зошто е така? Од каде таа голема мобилизациска сила на национализмот? Зошто стремежот да се воспостави похумано општество, кое би овозможило подобар живот за мнозинството од населението, за тоа мнозинство честопати бил помалку мобилизаторски од стремежот да се остварат националните права? Зошто оние на чија штета функционира системот себеси повеќе се гледаат како припадници на одредена етничка група наместо припадници на одредена класа?
Ова се важни прашања. И тие посочуваат на сериозен проблем. Проблем со кој се соочуваме и денес. Денес, во многу земји, вклучително и нашата, национализмот е сериозна сила, значителен број луѓе се под негово влијание, дури и кога самите не се свесни за тоа. Тој не е силен зашто се потпира врз некоја предодредена, „природна“ припадност на луѓето кон етничките групи, туку во голема мера е резултат на индоктринирањето преку образовниот процес, на репродуцирањето на етничките стереотипи во општеството и на манипулирањето од политичките фактори кои ги поттикнуваат и експлоатираат етничките предрасуди и припадности за да извлечат корист за себе и за општествените групи чии интереси ги застапуваат. Бидејќи така стојат работите, борбата против национализмот е несомнено тешка, но воопшто не е залудна и однапред осудена на неуспех.
Борба за значењата на зборовите
Има два многу основни и едноставни зборови, кои истовремено се доста клучни во политиката. Станува збор за зборот „ние“ и зборот „народ“.
Кои сме тоа „ние“? Дали ние сме Македонците, Албанците, Турците, или ние сме работниците, угнетените, обесправените? Перцепцијата за тоа кои сме тоа „ние“ нужно не мора да биде на свесно ниво. Групната идентификација може да биде сосема несвесна, нешто што се претпоставува и што се подразбира само по себе. Но таа со себе во секој случај носи прифаќање на целите на таа група, соживување со неа, третирање на нејзините успеси и неуспеси како свои успеси и неуспеси.
Секој човек има повеќе идентитети, тој е вкупност од своите идентитети. Така, тој е припадник на одредена етничка група, на одредена класа, жител е на одреден град или село, има одредена родова припадност и сексуална ориентација, врши одредено занимање или има одредено хоби, слуша одредена музика, можеби членува во одредена партија или прифаќа одредена идеологија. На некои од овие идентитети даден човек не им дава посебна тежина, додека со други силно се идентификува. При тоа, нема правило кое ќе ги рангира идентитетите од поважни кон помалку важни. Секој човек тоа за себе го прави. Некому, на пример, најважна му е неговата сексуална ориентација. Се чувствува обесправен ако е дискриминиран по сексуална основа, првенствено се интересира за унапредување на правата во сексуалната сфера, ги чувствува како блиски луѓето со иста сексуална ориентација. За други најважна е идентификацијата со нивната партија. Тие секогаш стојат зад својата партија, и во добро и во лошо, го величаат нејзиниот лидер, ја бранат секоја промена на политиката што ќе ја направи нивната партија, никое недостојно однесување на одреден партиски функционер не ја расколебува нивната верност на партијата. А има луѓе кои особено се идентификуваат со својата професија или со своето хоби. Тие се доктори, планинари или гејмери и тоа им е далеку поважно за нив како нивен идентитет отколку што мислат оние што не ја споделуваат таквата идентификација.
Етничкиот идентитет не е ниту единствениот ниту основниот идентитет на човекот. Национализмот е тој што инсистира дека етничкиот идентитет е основен и најважен идентитет и дека нему треба да му бидат подредени сите други идентитети. А распространетоста на убедувањето дека ние пред сѐ сме Македонци, Албанци, Турци, а потоа сѐ останато, не е показател дека етничкиот идентитет е природно или саморазбирливо примарен, туку дека национализмот успеал длабоко да се вгнезди и да завладее со перцепциите на населението. Борбата против национализмот нужно налага борба против оваа доминација на етничкиот идентитет. Сиромашниот Македонец и богатиот Македонец немаат ниту ист живот, ниту исти животни проблеми, ниту исти животни аспирации. Истото важи и за сиромашниот и богатиот Албанец. Национализмот е тој што тврди дека етничката припадност на сиромашниот и богатиот Македонец е поважна од сите нивни меѓусебни разлики. Едниот го крпи животот, другиот не знае колку има пари – но исти се, според национализмот. Сѐ додека НИЕ се идентификуваме пред сѐ како припадници на одредени етнички групи, силата на национализмот ќе се репродуцира. Се разбира, тоа не значи дека етничката идентификација треба целосно да се отфрли. Но, тоа значи да се сфати дека етничката идентификација не е ниту најважната ниту пак единствената идентификација на човекот. Без да се продре до ова сознание, борбата против национализмот ќе биде јалова.
„Народот“ е уште еден термин врз кој национализмот остварува доминација. Овој термин не е еднозначен. Покрај тоа што се користи за да означи лица со иста етничка свест, постои и значење на овој термин со кое се означуваат лица со слична (релативно лоша) материјална состојба. Ова класно значење на терминот „народ“ го има, на пример, во следните изрази: „народот е сиромашен“, „го искрадоа народот“ и „никој не го прашува народот“. Како што може да се забележи, кај овие изрази терминот „народ“ не е употребен во неговото етничко значење, туку за означување на луѓето кои не се богати и не се на власт. Важно е да се нагласи дека овие луѓе, при ова значење на терминот „народ“, можат да имаат различна етничка припадност, а она што ги прави нив припадници на народот во класна смисла на зборот е што не се ниту богати, ниту на власт. И дека споделуваат иста положба и исти интереси. Ова значење на терминот „народ“ е надетничко, исто онака како што етничкото значење на терминот „народ“ е надкласно.
Сфаќањето дека луѓето се поделени на народи по етничка линија и дека треба примарно да се идентификуваат како припадници на некој етнички сфатен народ – повторно, не е нешто саморазбирливо, туку нешто што се чини дека е саморазбирливо под влијание на национализмот. „Народот“ постои и како класна, социјална категорија и разбивањето на монополот над терминот „народ“ во етничка смисла и ширењето на свеста дека народот во класна, социјална смисла има заеднички интереси наспроти богатите и властодршците, а без разлика на етничкиот идентитет, е исто така клучно за да се пресече коренот на поддршката за националистичкиот наратив.
Патриотизмот – прекривка за национализмот?
Ретки се тие што отворено за себе ќе кажат дека се националисти. Националист – тоа секогаш е другиот. А националистите во своите очи се – патриоти. Па така, според македонските националисти има албански, српски, бугарски и грчки националисти. И македонски патриоти. Според албанските националисти има српски, македонски и грчки националисти. И албански патриоти. Според грчките националисти има албански, фиром, бугарски и турски националисти. И грчки патриоти. Кога феноменот засебно се набљудува, не се сфаќа колку е комичен. Но кога ќе се види целата слика, комичноста јасно избива на површината.
Јасно е дека национализмот се крие зад патриотизмот, но дали патриотизмот може целосно да се сведе на национализам? Бидејќи станува збор за раширени и долготрајни појави, зачудува отсуството на правилно дефинирање и разбирање на национализмот и патриотизмот. Според она како многумина ги сфаќаат овие појави, патриотизам е да го сакаш својот народ, а национализам – да ги мразиш другите народи. Согласно ова разбирање на работите, станува збор за иста појава, која е несомнено позитивна до одредена точка и која по таа точка станува негативна.
Ова не е задоволително толкување на работите. И тоа постојано ја врти водата на воденицата на националистите. Национализмот и патриотизмот означуваат сродни појави, но тие не се иста појава која се разликува само во степенот. Национализмот се концентрира на народот (во етничка смисла на зборот), а патриотизмот – на земјата и државата. Во државите во кои има превласт одреден народ, доаѓа до преклопување на национализмот и патриотизмот, што го отежнува нивното разликување, но разликата помеѓу нив постои и е важно да се повлече.
Патриотизмот опфаќа повеќе позиции, кои се доста различни меѓу себе. Тој може да биде само љубов за природните убавини на земјата во која даден човек се родил и живее. И како таков да биде целосно аполитичен. Може да биде желба и стремеж за напредок на земјата и луѓето што живеат во неа (без разлика на нивната етничка припадност). И како таков да биде дури и отворено антинационалистички, настроен против оние што внесуваат етнички поделби во народот и што ја спречуваат земјата и луѓето во неа да напредуваат. А патриотизмот може да значи и стремеж сопствената држава да има доминантна позиција во однос на останатите држави и народи. Оваа позиција обично се смета за националистичка, но таа нужно не е тоа. На пример, САД е мултиетничка и мултирасна држава. Стремежот САД да биде и да остане единствената суперсила во светот не е националистички мотивирана, не е врзана експлицитно за некоја од расите или народите што ги населуваат САД, туку се однесува на моќта на таа држава на меѓународен план и, оттука, е израз на екстремен патриотизам, а не на национализам.
Патриотизмот не е умерен и бениген облик на национализмот. И тој и национализмот имаат свои умерени и екстремни облици. И додека умерениот патриотизам може да биде компатибилен со антинационалистичките и интернационалистичките позиции, екстремниот патриотизам е спротивен на нив. Што се однесува до национализмот, и неговиот умерен облик (приоретизирањето на националните права на сопствениот народ како најважен фокус на политиката) и неговиот екстремен облик (стремежот националните права на сопствениот народ да се остварат на сметка на други народи придружен со омраза кон тие народи) се целосно некомпатибилни со антинационалистичките и интернационалистичките позиции.
Интернационализмот и глобализмот
На крај, да кажеме некој збор и за интернационализмот. И во врска со него, исто како и во врска со национализмот, има потреба да се прецизираат повеќе работи.
Прво, интернационализмот подразбира антинационализам, борба против национализмот. Антинационализмот е важен составен дел на социјализмот, зашто борбата против етничкото делење на народот отвора можности за обединување на народот на класна основа. Но, сам по себе, антинационализмот е недоволен. Зашто тој може да застане, да се задоволи со создавањето на општество ослободено од етнички тензии, кое сепак ќе биде крајно нерамноправно во економски поглед. А тоа, од социјалистички аспект, едноставно е незадоволително. Оттука, и либералното врамување на работите, кое антинационализмот го сведува на цел сама за себе е неприфатливо од социјалистичка гледна точка.
Исто како и антинационализмот, и интернационализмот може да биде врамен во либерални рамки. Тој може да значи стремеж за надминување на националната држава и поддршка за супранационалните проекти, за глобализацијата, за империјалистичките планови на големите светски сили. Сето тоа може успешно да се прикаже како стремеж кој стои отаде национализмот, како нешто што него го остава во минатото и што претставува приклучување кон иднината.
Оттука, и интернационализмот и антинационализмот мора дополнително да се прецизираат за да бидат во согласност со социјалистички принципи. Социјалистичкиот интернационализам подразбира и антиимперијализам, подразбира и спротивставување на подредувањето на наднационалните и меѓународните организации на интересите на меѓународниот капитал, подразбира и спротивставување на глобализацијата која се води во едностран интерес на капиталот и богатите земји. Во судирот против „глобализмот“ и „суверенизмот“, социјалистичкиот интернационализам и антинационализам е против двата, а не на страната на едниот против другиот.
Социјалистичкиот интернационализам тргнува од класниот принцип како на национален така и на меѓународен план. Во онаа мера во која борбата на некој народ е за социјална правда, во таа мера е и поддршката. Во онаа мера во која државите и меѓународните институции им служат на интересите на обичниот народ, а не на капиталот, ја заслужуваат и поддршката. Во Шпанската граѓанска војна и револуција многумина заминаа во Шпанија, се бореа и загинаа таму. Не зашто нешто посебно ги сакаа Шпанците или Шпанија. Туку зашто ги засакаа Шпанците и Шпанија поради нивната борба против фашизмот и за социјализам. И зашто борбата против фашизмот и за социјализам беше и нивна борба.
Автор: Здравко Савески
Текстот е преземен од списанието „Револуција“.