ПРИЛЕП, 04. 10. 2017 – На лице коешто минатата година било фатено со 9,25 грама марихуана, во обид за шверц во затвор, Основниот суд од Прилеп му изрече казна затвор 6 години, пренесува порталот на Судство.мк. За неколку недели, Апелациониот суд од Битола ќе ја разгледува жалбата на осуденото лице Р.А. со потекло од Скопје.
Според сторијата којашто ја пренесува порталот, осудениот Р.А., во јануари 2016 година отишол на посета на затвореник во прилепскиот затвор. Му биле пари дадени за да му ги пренесе на еден од затворениците, а кесата со марихуана му била сокриена во појасот. Чуварите на затворот ја откриле кесата. Судот, му изречува казна затвор од шест години за стореното кривично дело.
Одбраната, смета дека на осудениот му било кажано да ги пренесе парите на еден од затворениците, но не и дека заедно со нив имало и марихуана, со кое осуденото лице требало да се почасти. Меѓутоа, судот овие аргументи ги смета за недоволни.
Во Македонија, чести се прекршувањата на човековите права од страна службеници на Министерството за внатрешни работи, кога се однесува на корисници на дрога. Честопати, физичкото насилство врз овие лица е присутно, додека казните од страна на судството се драконски, доколку се земе предвид дека постојат примери дека за поседување и рекреативно користење на помалку од 2 грама граѓани биле казнувани по 2 години затворски казни.
Активистот на Зелена алтернатива, Филип Достовски, кој се залага за декриминализација и легализација на користењето на марихуаната, смета дека дури и прекршувањето на законот и кривично одговарање, не смее да биде вака строго. Дека законот е прекршен во овој случај, тоа е очигледно, меѓутоа, висината на казната треба да биде симболична, а не вака драконска.
„Судијата треба да знае дека поопасно кривично дело е доколку човек се потруди да внесе жилет кој за 10 денари може да се купи во секоја продавница и кое може да предизвика поопасни дејствија во затворот, отколку ова. Од друга страна, штетата со којашто би ја нанел со канабисот е далеку помала, дури и доколку разговараме во рамки на постоечкиве законски одредби за коишто мислам дека се дискриминирачки. Друго, што ќе научи за тие шест години во затвор осуденото лице? Земајќи предвид дека во затвор многумина преминуваат на потешки дроги, со тоа неговиот живот би бил на неколку нивоа забетониран без никаква перспектива. Дали на крај се казнува поради тоа што со овој чин нанесува некому штета, или поради непослушноста и прекршувањето на законските норми?“ поентира Достовски за Гласник.
Според него, многу помали би биле штетите, но и ваквите појави во општеството доколку се случат законски измени во форма на пилот проекти. Во Македонија многумина го користат канабисот во здравствени цели, а истите треба често да внимаваат да не бидат фатени како прекршители на законот. Затоа, потребна е минимум слобода за рекреативно конзумирање коешто може да биде превентивен потенцијал на други кривични дела, додава Достовски.