Денешниот пристап кон професионалните обврски и бројот на часови кои ги поминуваме работејќи тивко нè убива. Oколу една четвртина од неделата поминуваме на работа, а со „смарт“ телефоните и постојаната достапност, многумина од нас никогаш не се „исклучуваат“ од работниот процес. Добрата вест е дека движењето кое се залага за помалку работа и повеќе слободно време, расте. Сè повеќе истражувања покажуваат дека намалувањето на работните часови е од суштинско значење не само за нашата благосостојба, туку и за намалување на емисиите на стакленички гасови (GHG) и справување со климатската криза.
Веќе долго време флертуваме со идејата за пократко работно време. Во 1880-тите, Пол Лафарг, зет на Карл Маркс, укажува на тоа дека технолошкиот напредок може и треба да се искористи за да се намали товарот кој го носат работниците, намалувајќи го работното време на 3 часа дневно. Во 1930-тите, Џон Мејнард Кејнс повторно го става на агенда концептот за 15-часовната работна недела на Лафарг.
Идејата е дека како што човечката индустриска продуктивност започнала да се зголемува, така и нашето слободно време би требало да го стори истото. Според студијата на Фондацијата Нова Економија (New Economics Foundation), слободното време на вработените во Велика Британија започнало да се зголемува полека после Втората светска војна, но тоа запрело околу 1980-тата година. Според нивните пресметки, доколку продолжел овој тренд, работната недела денес со полно работно време би била барем 4,2 часа пократка.
Помалку работни часови, а повеќе слободно време, генерално според концептот на четиридневната работна недела, станува сè поприсутен во различни политички програми, вклучително и во некои предлози за Зелен Нов Договор (Green New Deal). Преку придобивките од продуктивноста и ефикасноста, како и преку работничко контролирање на автоматизацијата, можеме да обезбедиме работа за секого, а со тоа и да го намалиме обемот на работа што ја работиме на индивидуална основа.
Со помалку работење, ја заштитуваме својата физичка и ментална благосостојба. Би имале повеќе време за физичка активност и игра, подготвување на (по)здрава храна, би биле под многу помалку стрес, што значи дека и значително ќе се намалат заболувањата поврзани со стрес, а заради сè ова ќе се намали и товарот на нашите здравствени системи. Би имале повеќе време да уживаме во културни активности, да научиме нови вештини и да преземеме нови хобија што пак би резултирало и со напредок на уметноста. Меѓу другото, би биле и попродуктивни при работата што ја вршиме, би се зголемило задоволството кај вработените, а благодарение на нашиот поздрав начин на живот, би земале и помалку слободни работни денови заради боловање. Многу истражувања исто така покажуваат дека помалку време на работа би придонело кон тоа да се намалат родовите нееднаквости подобрувајќи ја пристапноста до достоинствена работа за жените.
Помалку работа значи помалку емисии на јаглерод
Лесно е да се увиди дека помалку работа и повеќе слободно време подразбира зголемени нивоа на целосна благосостојба, но сè повеќе истражувања ни покажуваат дека преиспитувањето на нашата рамнотежа помеѓу работата и животот е витален чекор и кон намалување на емисиите на стакленички гасови и справувањето со климатската криза.
Климатската и еколошката криза нè принудуваат да го реобмислиме начинот на кој живееме и да воспоставиме нови критериуми за мерење на напредокот. До сега, научени сме да мериме успехот во однос на продуктивноста и неограничениот раст што ги објаснува: нашиот пристап кон работата, нашите јаглеродно-интензивни индустрии и сите проблеми кои потекнуваат од нив. При декарбонизирањето на нашите економии и нашите животи мораме да настојуваме да креираме повеќе социјално и еколошко праведен начин на живеење и работење и да прифатиме дека намалувањето на обемот на работа не е само прашање на подобрување на нашиот животен стил, туку е и планетарна неопходност.
Помалку работа значи дека користиме помалку скапоцени ресурси потребни за производство на стоки и услуги и дека трошиме помалку во процесот на извршување на нашата работа. Практично, секој аспект од нашите работни животи троши енергија; патувањето од дома до работното место и обратно (4 дневна недела во Велика Британија на пр. може да ја намали километражата која ја поминуваат вработените секојдневно со своите автомобили дури за 9%), нашите канцелариски простории и компјутерски системи, па дури и конзумацијата на брза храна што многумина од нас ја јадат на паузите за ручек. Како што споменавме порано, намалување на работните часови значи промена на животниот стил што пак значи приоретизација на благосостојбата наместо материјалната потрошувачка и конзумеризмот.
Многу истражувања се направени за да се пресмета попрецизно ефектот на помал број на работни часови врз емисиите на стакленички гасови. Студијата Reducing growth to achieve environmental sustainability: the role of work hours открива дека намалувањето на работното време за 10% може да доведе до намалување на еколошкиот отпечаток од 12.1%, намалување од 14.6% на јаглеродниот отпечаток и намалување од 4.2% на емисиите на CO₂. Намалувањето на нашето работно време од ден и четвртина секоја недела би довело до намалување на глобалниот јаглероден отпечаток од 36.6%.
Друга студија (The Ecological Limits of Work: on carbon emissions, carbon budgets and working time) ја има измерено количината на сработен труд во различни економии низ ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој) со цел да пресмета кои треба да бидат одржливите нивоа на „искористување на трудот“ во часови. Од графиконот подолу се забележува дека „работното време кое моментално го вложуваме многу ги надминува нивоата на вистински одржливо работење“.
Пресметките направени врз основа на вкупниот број на работни часови неделно, дале слични резултати (графикон подолу).
Моменталната просечна работна недела за полно работно време е околу 40 часа додека целта за одржливо количество на работа е некаде помеѓу 5 до 10 часа неделно.
Се разбира, намалувањето на работното време само по себе не е доволно за да се бориме против климатските промени и нема да има смисла ако не ги преиспитаме нашите економии и нашиот индивидуален и колективен стил на живот. Ако луѓето го користат своето ново стекнато слободно време за да се вклучат во јаглерод-интензивни активности, тоа би ја поништило целта. Потребна ни е поголема инвестиција во одржлива инфраструктура, проширен и поквалитетен јавен превоз, повеќе паркови, библиотеки, спортски објекти, јавни културни простори, велосипедски патеки и други јавни луксузи што не се штетни за животната средина, а ги збогатуваат нашите животи.
Работењето помалку не треба да биде луксуз. Тоа ќе ја подобри и заштити нашата благосостојба, ќе помогне при справувањето со невработеноста и нееднаквостите. Со цел да ја ублажуваме климатската криза и да се справиме со социјалните и еколошките неправди кои го дефинираат нашиот сегашен социо-економски систем, треба да ги намалиме нашите јаглерод-интензивни економски активности и начинот на живот базиран на бескрајна потрошувачка. Пократката работна недела може да ни помогне да го постигнеме тоа.
Во текот на следните неколку месеци, Климатски Набљудувач / The Climate Herald ќе објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.
Извори
- A Planet to Win: Why We Need a Green New Deal
- The Ecological Limits of Work: on Carbon Emissions, Carbon Budgets and Working Time
- Making Up for Lost Time: Reducing Working Hours in Manufacturing: A Review of Evidence
- Work less to save the planet? How to make sure a four-day week actually cuts emissions
- Reducing Growth to Achieve Environmental Sustainability: The Role of Work Hours
- Paper Straws Won’t Save the Planet – We Need a Four-Day Week
- A shorter working week: A radical and pragmatic proposal
За Авторот:
Џеј Ди Фаруџиа
Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.
Превод и адаптација: Симона Гетова