Додека на југоистокот во Македонија се води битка против отворање на рудниците Казандол и Иловица, владата, односно министерството за економија на 15 декември достави барање до општина Гевгелија со кое и’ се налага да даде мислење за нова концесија за детални геолошки истражувања за минерални на планината Кожув.
Ова барање следи по издадената дозвола за проспекциски истражувања доделна на канадската компанија „Нефсун“ 2015 година од страна на владата предводена од Никола Груевски. Како што е честа праксата во Македонија, така и „Нефсун“ сега бара трансформација на дозволата од проспекциски истражувања во детални геолошки истражувања што потоа може да заврши како концесии за експлотација, т.е. нов рудник во Кавадарци и Гевгелија.
Двете општини се задолжени во рок од 15 дена да дадат позитивно или негативно мислење за овој случај. Градоначалникот на Гевгелија, Сашко Поцков, на својот фејсбук профил категорично тврди дека тој и мнозинството на членови од советот се против изградба на рудници.
„Општината е должна во рок од 15 дена да достави Мислење и затоа веднаш и без одлагање ова прашање го поставивме како прва точка на дневен ред на првата наредна седница на Советот која ќе се одржи во четврток, 21 декември. Како што ветивме, работиме одговорно и транспарентно. Мојот став, ставот на мнозинството во Советот и ставот на граѓаните на општина Гевгелија е многу јасен- НЕ за рудници, ДА за живот“, напиша тој.
Жителите на Гевгелија и неформално преку иницијативи и формално преку референдум се противат на т.н. „Рудници на смртта“. На 23-ти април 2017 година, на референдумското прашање „Дали сте за или против отворање рудници за металични минерални суровини на територијата на Општина Гевгелија?“, 98 % од тамошното население, односно 13 097 жители се изјаснаа против.
Активистите од „Спас за Гевгелија“ сметаат дека, ова не смее да се дозволи, бидејќи според нив е непочитување на нивната волја и играње со нивната судбина.
„Игрите со народот продолжуваат.
Барање за нова концесија за детални геолошки истражувања во Гевгелија и Кавадарци.
И дале име Матушница. Кој не знае, МАТУШНИЦА е име на најчистата река на Кожуф, а концесијата е на самите нејзини извори. Оваа е дефинитивно ЛУДИЛО на тие што одлучуваат.
Никој да не заборави дека, ако се издаде концесија за Детални геолошки истражувања, таа само со барање на компанијата, се претвара во КОНЦЕСИЈА ЗА ЕКСПЛОАТАЦИЈА“, напишаа тие на својот фејсбук профил.
Тие најавија протест во Гевгелија, кој ќе се одржи во четврток на 21 декември, а ќе започне во 11 часот пред општината.