СКОПЈЕ, 01.10.2018 – Најавениот проект за градба на мултифункционален деловно – резиденцијален комплекс „Дајмонд Скопје“ на една од трите најбрзорастечки градежни компании во светот, турската Лимак Холдинг, ги турка се’ подалеку надежите дека Скопје конечно ќе го реши урбанистичкиот хаос кој трае со децении.
Изминатиот четврток, Лимак Холдинг, заедно со највисокиот врв во Владата на Република Македонија, Зоран Заев и Кочо Анѓушев придружувани од градоначалниците на град Скопје и општина Центар, Петре Шилегов и Саша Богдановиќ, го најавија комплексот вреден 250 милиони евра кој ќе има за цел да го спои симболот на градот – Старата железничка станица со модерните потреби и животни навики на граѓаните на Скопје како модернизација на градот.
Тунелот кој ќе се гради ќе биде двонасочен коловоз во 6 ленти со должина од 800 метри, ќе го дислоцира булеварот Македонија под земја и во голема мера ќе придонесе за олеснување на сообраќајниот метеж во Скопје. Станува збор за модерна подземна улица, налик на европските метрополи која од двете страни ќе биде поврзана со новите кружни текови кои се планираат во овој дел од градот, истакна Заев.
Како и со другите политики кои не беа во прв план во предизборната кампања на СДСМ, така и оваа е изненадување и изневерување на приоритетите кои беа најавени и за кои владата на Заев доби поддршка на парламентарните избори.
Загадениот воздух, проблеми во инфраструктурата, пренаселеноста и општо – недемократското и непрофесиналното планирање и градење во Скопје, беа најгорките проблеми кои граѓаните бараа да ги реши новата власт. Наместо тоа, владата триумфално го одобри проектот и помогна што побрзо да започне со работа компанијата Лимак која дел од својот брз раст го должи поради сомнителните проекти кои ги градеше во Турција со амин од Ердоган.
Ваквите проекти само ја продлабочуваат незауданата метрополизација и кокетирањето со дубиозните градежни проекти кои го намалуваат квалитетот на живот во Скопје. Ако Лимак Холдинг чекаше 6 години на документи и зелено светло да почне со градба, владата предводена од СДСМ, инстантно им излезе во пресрет.
Јасно е дека урбанистичкиот хаос не израснал преку ноќ и дека само една владина гарнитура не е исклучиво виновна за тоа, но тендециозното давање на дозволи за грандиозни проекти налик „Дајмонд Скопје“ значи дека додека градот станува се’ потесен и позагушлив, граѓаните ќе бидат само бројки во колатералната штета која ги причинува бракот помеѓу политичко-елитистичките и капиталистички интереси.