СКОПЈЕ, 01.03.2018 – Во понеделник на 5 март во просториите на Кино Култура во Скопје со почеток во 20 часот ќе се одржи трибина со наслов „Грција и Македонија, товарот на името“. Оваа трибина е во организација на политичката партија Левица, а гости говорници освен претставници на партијата ќе бидат претставници на неколку левичарски партии и организации од Грција.
Трибината ќе има за цел да ги отвори прашањата за односите на обичните луѓе во Грција и Македонија, и како тие гледаат едни на други во контекст на товарот на спорот со името, со фокус на тоа дека токму социјалните проблеми се она што е заедничко за луѓето од двете страни на границата.
„Веќе длабоко сме навлезени во третата деценија од таканаречениот „спор околу името ’Македонија’“ помеѓу двете соседни држави. Особено последните месеци се забележува раздвижување на процесот на разговори водени под покровителство на ОН, но зачестуваат и директните средби помеѓу владините претставници од двете земји. Како што стана веќе очигледно, таквото раздвижување се должи пред се’ на планот Република Македонија оваа година да стане триесетта членка на милитаристичката организација НАТО, нешто што ние како левичарска партија го одбиваме и против кое активно се бориме“, стои во поканата од политичката партија Левица.
Левица е единствената политичка партија во Македонија која јасно го изјаснува својот анти – НАТО став. Останатите партии низ годините ја покажувале и ја покажуваат својата сервилност кон империјализмот, а со тоа постојано го туркаат народот во социјална беда и сиромаштија.
„Борба против милитаризмот – НАТО алијансата, која е реликт од студената војна, денеска ширум светот под плаштот на демократијата, човековите права и миротворувањето води империјалистички војни и окупира територии на туѓи народи. Позицијата на РМ во овие рамки на меѓународната политика е само уште еден слој од тажната приказна на транзицијата – процес кој не значеше само отуѓување на општествената сопственост врз ресурсите и распродавање на сето она што од страна на работниот народ со децении беше создавано, туку транзицијата значеше и безбедносно-геополитичко престројување на Македонија во насока на нејзино претопување во новиот униполарен свет. Притоа, вака трасираниот пат беше и се’ уште е претставен како единствена алтернатива која ја има Р. Македонија како независна и суверена држава, што за Левица е неприфатливо. На интернационално ниво, Левица заедно со останатите прогресивни и антимилитаристички сили од земјата и странство ќе се залага за расформирање на овој воен сојуз“, пишува во програмата на партијата.
Борбата против овој воен сојуз не останува само на хартија. Левица периодов активно во јавноста ги искажува своите анти – НАТО ставови, како и ставот дека „промената на името ќе донесе покорни луѓе и земја без иднина“.
Во јули 2017 година за време на изложбата на оружје и воени реквизити на американската војска во близина на плоштадот во Скопје, четири лица беа насилно приведени од страна на полицијата, додека сакаа да истакнат анти – НАТО транспарент на кој пишува: „Против војните за профит“. Тие со лисици беа задржани околу половина час. Тројца од приведените се членови на Левица.
Левица исто така испрати силна порака и во јануари оваа година пред собранието во пресрет на обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг пред пратениците. Со транспарент на кој пишува „Во НАТО ниту под уставно име“ тие го искажаа својот јасен став и до владата и до опозицијата.
Освен на протести Левица учествува и во јавните дискусии околу членството на државата во НАТО и преговорите за промена на името. Медиумите не толку често канат претставници од оваа политичка партија на јавни дебати, што пак укажува на демократијата во медиумскиот протстор, нешто што како и многу други работи не се промени ниту со промената на власта.
„Нашата алтернатива не е НАТО, туку пред се’ е сузбивање на национализмот, не само во Македонија туку и на Балканот. Најголем поттик на национализмот на Балканот и во Македонија е сиромаштијата“, истакна Зоран Василески од Левица на дебатата за НАТО, којашто се одржа неодамна на ТВ 24.
Во однос на преговорите за промена на името програмскиот сектор за надворешна полтика, одбарана и безбедност на Левица неодамна се огласи со свој став во кој потенцира дека од промената на името обичниот граѓанин нема да добие ништо, туку напротив оти единствени победници од ова ќе бидат капиталистите од Македонија и Грција, како и западните империјалисти.
„Официјалната промена, кога за тоа ќе се договорат елитите, нема да допре во Грција, поврторно по весниците ќе пишуваат Скопја, скопјански јазик и слични понижувачки ословувања. Јасно е дека нема ништо да добие обичниот грчки народ заглавен во долгови токму од креаторите на овој апсурден спор. Единствени победници од ова се капиталистите од Македонија и Грција, кои ќе ги продаваат своите стоки непречајно, а и Западните империјалисти затоа што тоа ќе биден нивна слатка мала победа“, пишува во изложениот став на веб страницата на партијата.
Левица испрати и критичка поддршка за отвореното писмо на 200 мекедонски интелектуалци до политичките лидери на Република Македонија, притоа потенцирајќи на тоа, да не се распалува национализам и да не се заборава на реалните социјални проблеми на народот.
„Притисокот на НАТО да прифатиме наметнато име не смее да помине! Човеково право е секој да се нарекува како што сака. Мора да ги притиснеме елитите кои расипнички владеат со Македонија три децении и да побараме од нив да не го замајуваат народот со националните прашања и да се свртат кон решавање на вистинските проблеми: сиромаштијата, руинираното образование и здравство, загадената животната средина“, нагласија од Левица.
Притоа потсетуваат:
„Левица дава критичка поддршка за Отвореното писмо на 200 македонски интелектуалци – но, при тоа потсетува: во спротивставувањето на обидот да се погази правото на самоопределување, да не се распалува национализмот и да не се заборава на реалните проблеми кои го тиштат народот, а за кои власта останува глува.“
На трибината којашто ја организира Левица, гости говорници ќе бидат претставници од Работничката револуционерна партија (ЕЕК), од ОКДЕ спартакус, којашто е дел од антикапиталистичката коалиција АНТАРСИЈА, од интернационалистичка работничка левица – ДЕА, којашто е дел од партијата Народно Единство, а којашто пак се оддели од Сириза во 2015 година, кога раководството на Сириза го погази референдумскиот резултат и реши да ги прифати мерките за штедење.