ЛОГИКА НА МАКЕДОНСКИТЕ НАРОДНИ МУДРОСТИ: ДИСЈУНКЦИЈА

„Гласник“ деновиве ќе објавува логички лекции во кои што ќе бидат доближани до публиката логичките функции преку нивната потсвесна употреба во македонските народни мудрости. Првиот дел од овој серијал ќе биде наменет за логиката на исказите.

Во системот на познатиот логичар Бертранд Расел два основни недефинирани поими се негацијата и дисјункцијата, па затоа втората лекција ќе биде за дисјункцијата чии што составни искази се нарекуваат дисјунгати.

Дисјункцијата е логички оператор кој што се добива со поврзување на два или повеќе елементарни искази со знакот „˅“. Негов сврзник е сврзникот „или“. Нејзината таблица на вистинитоста ја дава само нејзината лажност, а тоа е случај кога и двата дисјунгати се лажни. Како прв исказ го земаме „Има правда.“ (p), а како втор „Има права.“ (q), a кога ќе ги поврземе со дисјункција се добива сложениот исказ „Има правда или има права.“ Таблицата на вистинитоста на овој исказ е следната.

Има правда.

(p)

Има права.

(q)

Има правда или има права.

(p ˅ q)

В В В
В Л В
Л В В
Л Л Л

Од тука може да се заклучи дека македонскиот народ е мудар, односно размислува логички кога кажал дека може да има права и тоа да е навистина така, но тоа не значи дека има правда, а пак дека кога нема ниту правда, ниту права, тогаш изреката е лажна, односно не функционира. Да се надеваме дека оваа народна изрека сѐ уште е вистинита или инаку кажано дека имаме права ако нема веќе правда.

Прашања за размислување:

  1. Што се правата?
  2. Што е правдата?
  3. Дали ако имам права ќе добијам и правда?
  4. На прашањето правда или права, што би избрале?

Следната лекција ќе биде за конјункцијата.

|2021-06-29T10:21:33+00:0029 јуни 2021|Актуелно, Култура|