Кога во 2018 година ни ја продаваа таканаречената либерализација на пазарот на електрична енергија, газда Кочо, познат и како Кочо Анѓушев, ни кажа да не бериме гајле поради неа: „Со стариот Закон за енергетика, крајните корисници беа заштитени од ценовни шокови до 2020 година, сега со донесувањето на новиот Закон и воведувањето на универзален снабдувач, стабилноста во снабдувањето и цените за истите ќе бидат обезбедени до 2025 година.“ И… ете ти ценовен шок во 2020 година! И не е толку до тоа што Анѓушев кажа празно ветување. Тоа стана типично за политичарите во Македонија. Пострашното е што тие прикаски за либерализацијата премногу лесно им поминуваат кај обичните луѓе, кои одново и одново паѓаат на таквите накитени капиталистички зборови, како „либерализацијата“, зад кои се крие осиромашување, отпуштање од работа, кршење на права!
Енергетските компании биле погодени од корона-кризата, па затоа дошло до поскапувањето. Ами, граѓаните не се погодени од кризата? Или, граѓаните не се бројат, само профитите на капиталистите се важни? А ние, неважните граѓани, кои наводно владееме во системот што се вика владеење на народот, постоиме само за тоа профитите на капиталистите да не се намалат? Еве ги нивните профити од лани. Австриската „ЕВН Македонија“ (фирма мајка на „ЕВН Хоме“) минатата година ја заврши со профит од 34 милиони евра (со тоа што „Електродистрибиција“, фирма ќерка на „ЕВН Македонија“, годината ја заврши со загуба од 7 милиони евра). Профитите на компаниите во државна сопственост, ЕСМ и МЕПСО, биле значително помали, но и тие се високи: МЕПСО ја заврши 2019 година со добивка од 7,25 милиони евра, а добивката на ЕСМ беше 3,15 милиони евра. Дури и при ризик од преполовување на овие профити поради корона-кризата, како смееја да се дрзнат профитите да ги стават пред животниот стандард на граѓаните!?
Важно е да се види како се движеше цената на струјата во претходните години за да се сфати дрскоска на овој потег. Откако од почетокот на 2007 до август 2012 година ја поскапија струјата за неверојатни 74%, во август 2012 година избија протестите на Граѓанското движење „Аман“. Поради протестите, следната година власта се „смилува“ и незначително ја намали цената на струјата за веќе во 2014 година да ја врати на нивото од 2012 година. Следуваа години во кои се спроведуваше евтина пропаганда преку цената на струјата, прво од ВМРО-ДПМНЕ/ДУИ, потоа од СДСМ/ДУИ. Во 2015 година ВМРО-ДПМНЕ/ДУИ ја намалија цената на струјата за 0,02 денари за киловат/час, а во 2016 година за дополнителни „неверојатни“ 0,01 денар. СДСМ/ДУИ возвратија во „работењето за народот“ и ја намалија струјата за уште 0,02 денари при доаѓањето на власт во 2017 година. Севкупно, во периодот до 2020 година, граѓаните плаќаа фантастични 0,05 денари (пет дени) поевтина струја за киловат/час од 2014 година. И после тие намалувања во неколку наврати, со вкупен износ од 0,05 денари, Регулаторната комисија за енергетика оцени дека редно е да дојде и до едно зголемување – многукратно повисоко, за 0,41 денари за киловат/час. За волја на вистината, владата на СДСМ/ДУИ ја врати дневната евтина тарифа, но исто така за волја на вистината го „либерализира“ пазарот на електрична енергија, со што го отвори патот за низата негативни последици по граѓаните кои ќе следуваат поради тоа.
Еве како се движеше цената на струјата од 2002 до денес. Забележете дека струјата од септември 2020 ќе стане двојно поскапа отколку што беше во 2003 година.
Цена на струјата за домаќинства со дво-тарифно мерење. Цените се без пресметан ДДВ од 18%. До 2014 година процентот за ангажирана моќност од 33 насто се искажуваше одделно во сметките. Цените со вклучена ангажирана можност до 2014 година се пресметани од авторот.
Дали ова ќе им помине? Од нас зависи. Ако ни одговара за нивните профити ние да осиромашуваме, само ќе ги поканиме повторно да ја поскапат струјата.
Здравко Савески