Левица: „Згрозени сме што и за време на новата власт, продолжува покажувањето на сила и полициска бруталност, како и во претходната. Ќе поведеме правна постапка против МВР“

Од Левица изјавија дека, се згрозени од фактот, што и за време на новата власт продолжува покажувањето на сила и полициска бруталност, која како што нагласија, ја применуваше претходната власт врз нивните членови

Полицијата го држи со лисици лишен од слобода Гораст Муратовски, член на Левица

СКОПЈЕ, 30.07.2017 – Денес политичката партија Левица, одржа прес конференција, со цел да ја информира пошироката јавност околу вчерашното приведување на четирите лица, од кои двајца се членови на Левица, коишто за време на изложбата на оружјето и воените реквизити на американската војска во Скопје, во знак на протест, на првиот спрат на Градски трговски центар (ГТЦ) отворија транспарент на кој пишува, „Против војните за профит“. Само неколку минути по отоврањето на транспарентот, неколку полицајци насилно ги попречија во нивниот протест, ставајќи им лисици на рацете и притоа лишувајќи ги од слобода

Гораст Муратовски, член на Левица и еден од приведените во настанот, на денешната прес конференција го раскажа случајот. Според неговата изјава, вчера тој и уште неколку луѓе, се собрале во знак на протест, како што рече, против покажувањето на воена сила од страна на САД и припадниците на АРМ. Тие биле попречени да присуствуваат на настанот, додека, пак како што вели тој, „полицијата пушташе други луѓе да поминуваат“.

„Бевме неколку луѓе од Левица, со транспарентот „Против војните за профит“. Имаше членови на КПМ со знаме на СФРЈ. Откако не’ спречија, кружевме и дојдовме овде, инаку, цело време бевме следени од полиција и униформирани и во цивилка. Тука кога дојдовме, го извадивме транспарентот, за да се гледа и не поминаа ни пет минути, се качија полицајци и не ’ приведоа нас четворица. Ме приведоа мене, уште еден член на Левица, еден член на Левичарското движење „Солидарност“ и еден граѓански новинар од „Цивил“. Кога не’ симнаа долу, мене ми ѕвонеше телефонот и не ми дозволија да се јавам, при што ми рекоа дека, сум лишен од слобода. Иако, сега велат дека, тоа било само легитимирање“, истакна Муратовски.

Тој додаде, дека, петнаесетина минути полицајците ги држеле со лисици на рацете, а потоа им ги извадиле, за да можат да дадат документи за идентификација, при што биле легитимирани, но, како што нагласи, без да направат никаков записник, туку само направиле забелешки на обична хартија. Откако, ги држеле уште петнаесетина минути, тие биле пуштени на слобода со укажано предупредување.

Една од причините, поради кои на ваков начин биле лишени од слобода, е дека, „транспарентот повикува на омраза“, вели Муратовски. А пак, причината поради која, биле избркани од местото на изложбата, е дека, го нарушувале јавниот ред и мир.

„Транспарентот беше против војна, нема никаква врска со омраза. А додека, стоевме на местото на изложбата, ниту скандиравме, ниту викавме, само мирно стоевме, се гледа и на снимките и го држевме транспарентот“, нагласи Муратовски и додаде оти, случајот ќе го пријават во внатрешната контрола на МВР.

Министерот Спасовски: „немаше приведувања, лицата беа само легитимирани“

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, синоќа на својот фејсбук профил напиша дека, немало случај на приведување, туку лицата биле само легитимирани. Додаде дека, ќе бидат проверени сите информации за евентуална употреба на сила врз граѓаните, кои протестирале и оти, случајот детално ќе се испита, по што ќе следи информација за јавноста.

Членот на Президиумот на Левица и доктор по правни науки, Димитар Апасиев пак, смета дека, изјавата на Спасовски е обид за едно обично замајување на јавноста.

„Во правната пракса не постои таков изум на легитимирање со употреба на лисици. Имено, во случајов се прекршени најмалку три правни акти. Прво е прекршен Усатавот на Република Македонија (РМ), кој во членот 21 изричито предвидува дека, правото на мирен протест е неприкосновено и може да се ограничи само во услови на воена и вонредна состојба. Вчера во РМ немаше ниту воена, ниту вонредна состојба, така што не постои жива сила, која може да го ограничи правото на протест. Второ, прекршен е законот за јавни собири и трето, прекршен е правилникот за вршење на полициската работа, односно правилникот за вршење на службена должност на МВР“, истакна Апасиев на денешната прес конференција.

Тој нагласи дека, припадниците на униформираната полиција, обичните полицајци и припадници на специјалните сили во маскени униформи направиле квалифицирано дело, т.е. две кривични дела. Едното е смеќавање на мирен протест, за што, доколку го направи службено лице, е предвидена казна затвор од три месеци до три години. Второто извршено кривично дело, според Апасиев, е противправно лишување од слобода, бидејќи, како што рече тој, „не постои никаков записник, затоа што полицијата мислела дека, не постојат никакви снимки“. Тој додаде дека, за ова дело, доколку го стори полицаец, е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години.

„Ние не застануваме тука. Веќе утре, нашиот правен тим, ќе поднесе претставка до Народниот правобранител, омбудсманот, со цел да се заложи за случајот и до секторот за внатрешна контрола. Ова, имено покажува дека, нашата заложба како Левица за воведување систем на надворешна контрола врз МВР е и тоа како потребен во Република Македонија, за да не се случува понатаму полициско самоволие, односно некаква си команда, или наредба од командир на полиција да биде појака од Уставот на РМ“, посочи Апасиев.

Инаку, воениот конвој на Армијата на САД, кој беше најавен пред повеќе од еден месец, во сабота на 29 јули влезе на територијата на Република Македонија. Имено, станува збор за контингент на вооружените сили на САД, кои во соработка со армијата на Македонија ќе учествуваат во заедничка воена вежба во Криволак. Вежбата е именувана „Dragoon Guardian 17“, а ќе трае до 10 август. На неа ќе учествуваат 300 американски војници и 95 припадници на АРМ. Со цел, граѓаните одблиску да се запознаат, вчера од триумфалната капија до плоштадот Македонија во Скопје, беше изложено оружјето и воените реквизити на армијата на САД. Од фотографиите и видеата кои кружат во јавноста, може да се види, како на оклопните воени возила родителите ги фотографираат своите мали деца. На настанот имаше голем број на малолетни лица, кои со голема заинтересираност го разгледуваа оружјето, наменето за војни.

Авторка: Сенада Ибраимова

|2020-05-22T07:57:25+00:0030 јули 2017|Актуелно, Вести|