СКОПЈЕ, 11. 07. 2018 – Денеска политичката партија Левица излезе со писмено соопштение до јавноста. Со осуда за Министерството за внатрешни работи на Македонија, поради како што велат од Левица „патернализмот и непрофесионализмот на министерството“. Меѓутоа, соопштението не се однесува само на МВР, туку и на ОЈО поради неажурноста околу обвинението за напаѓачите.
Станува збор за немилиот настан кој се случи десетина дена, а чии последици беа трагични по животот на младиот Никола Саздовски од Скопје.
Од Левица пренесуваат дека обидот за релативизирање и заташкувањето од јавноста на овој настан e доста индикативен. Но исто така се истакнува фактот што сеуште не е преквалификувано делото кое се води како потежок облик на „насилство“ во „убиство“.
„Индикативното во случајов е тоа што постоеше обид за релативизирање на сериозноста на случајот, со цел негово заташкување и криење од јавноста. За овој крвнички чин на намерно, умислено и планирано претепување до смрт од вооружена банда насилници обвинителството сè уште не го преквалификувало делото! Случајот и понатаму го води како потежок облик на „насилство“ од главата посветена на кривичните дела против јавниот ред и мир – по чл. 386 од Кривичниот законик (со предвидена казна затвор од три до десет години), а не како дрско и свирепо „убиство“ сторено од омраза, од главата посветена на кривичните дела против животот и телото на луѓето – по чл. 123 од КЗ (со запретена затворска казна од десет до дваесет години, или доживотен затвор)“ пренесуваат од Левица.
Оттука, од Левица се повикуваат на барањата од протестите во 2011 против полициската бруталност, поради непрофесионалноста на полицијата и на обвинителството. Исто така, бараат од замена на Секторот за внатрешна контрола на МВР со независно граѓанско тело и „зголемена контрола над МВР“.
„Во спротивно, бараме неотповиклива оставка од Министерот Оливер Спасовски, поради ставање на страната на дилетантизмот, заштитништво и
неказнивоста на непрофесионалците во своите редови, кои ја водат Републиката во насока на заробена полициска држава“ бараат од Левица.
Од Левица ги повикуваат граѓаните да не подлегнуваат на провокации и обиди за подигнување на меѓуетнички тензии. Само на таков начин би се заштитиле како општество од спиралата на насилството, национализам и шовинизам.