Левица: „работниците на’Фени индустри’ имаат доволно искуство, да го превземат и сами да го управуваат комбинатот

 

СКОПЈЕ, 10.11.2017 – Политичката партија Левица со писмено соопштение апелира до работниците на „Фени индустри“, да истраат во борбата за своите права, но како што велат, „не преку насоките, кои сега ги добиваат од постоечкиот синдикат, кој е под притисок на досегашните газди“

Работниците на „Фени Индустри“, предводени од постоечкиот синдикат, протестираат пред банките кои ја отпочнаа стечајната постапка. Нивниот протест го поддржува актуелниот градоначалник на Кавадарци.

„Им порачуваме на работниците да не се ослонуваат на поддршката на градоначалникот, имајќи ја на ум опасноста за инструментализација на протестот од страна опозициската ВМРО – ДПМНЕ.“

Во соопштението, тие наведуваат низа излезни решенија, кои според нив треба сериозно да се разгледаат, со цел да се реши состојбата на работниците.

  • Итно создавање на Собрание на вработените, по урнек на традиционалните работнички совети
    Потребно е ново работничко здружување од страна на сите работници на „Фени Индустри“ (од портир до сметководител), кое јасно ќе ги артикулира своите барања и интереси и нема да дозволи да биде манипулирано од страна на газдите или политичарите.
  • Носење на одлуки за преземање на производството и дистрибуцијата во свои раце
    Работниците во „Фени Индустри“, кои со години работат таму и планираат и понатаму да продолжат да работат, поседуваат доволно искуство за да го раководат комбинатот. Наместо тој да биде препродаван од едни на други странски експлоататори, потребно е тие да го преземат, заедно да го поседуваат и сами да го управуваат.,
  • Неподлегнување на барањата на „Енекод“ и Банките
    Банките и „Енекод“ сами можат да си ги решаваат своите проблеми и да си ги расчистуваат своите долгови. Работниците нив не им должат ништо! Низ сите овие години истрпена тортура за профит на газди кои си играат со животите на работниците, само за да го зголемат својот профит, ниту денар не смее да се одвои за нив или за подмирување на каков било долг кој тие ќе се обидат да го натоварат на работниците, предложуваат од Левица.

Истовремено, Левица бара од централната власт ресурсна и финансиска поддршка, како и изработка на краткрочен и долгорочен план за иднината на претпријатието во корист на работниците.

„Додека тоа не се направи, ја повикуваме централната власт да не праќа судски или полициски сили против работниците и барем еднаш да застане на страната на опресираниот и експлоатиран работник, а не на страната на профитерите“, се потенцира во соопштението.

 

|2017-11-10T11:19:11+00:0010 ноември 2017|Актуелно, Вести, Економија|