Фејсбук статус на Крум Велков: Ц Р Е В А

Кога напишав дека Македонија е поразена во овој историски циклус, некој ми рече дека било претврдо. Не, премеко е, бидејќи реалноста е посилна од мојата воздржаност да се истури вистината за нашата 30-дишна трагедија. Нам сега, со оваа последна разврска, ни се случува пред очи да ни биде истурена депонијата на „транзицијата“, со јавно душкање во нејзината содржина. И смрди, чади, и одвај се дише. Се соочуваме со еден вид огледало, во кое се оцртуваат гротескните странични ликови на нашиот пораз, кои ни кажуваат колку темелно и беспоштедно сме излажани и испокрадени. Ги гледаме крадците на нашите судбини, бесомачни, болни ликови, избирани со децении, со цел да бидат лесно контролирани, а во меѓувреме им е дозволено да се богатат како што знаат и умеат.

Виновни сме затоа што им го дозволивме тоа. Затоа што заглупавеноста од меѓупартиската омраза, смислено доведена до пароксизам, нѐ направи неспособни да спречиме да ни го одземат правото на нормален живот; да нѐ распродаваат како стока; да ни ја иселат младината низ светот; да нѐ тужат и судат; да не уценуваат и дерат со извршители; да не загадат небаре една голема депонија; да ја бришат Македонија… Виновни: од изманипулираниот шарен револуционер-џанак, до идиотизираниот „патриот“, кој, на пример, е „за развој на рударство“, а знае (знае!) дека децата ќе му бида првите иструени од рудникот на смртта. Ама, партијата така кажала.

Ова што го гледаме деновиве се цревата на капиталот. Нивната содржина истурена на улица, пред сите нас, и ние сега гледаме и ѓоа се прашуваме што и зошто ни се случува. Капиталот владее со Македонија, под привид на повеќепартизам; капиталот никој не го контролира, туку тој контролира, до целосна деградација на личното и општото достоинство. Капиталот „горе“ се договара меѓу себе, окрупнува, без оглед на партиска припадност; час е лево, час е десно, во рамките, се разбира, на владеачките концентрични кругови. Флуктуира, но суштински е во исти раце. Боки Баксузот е парадигма, производ на дивјачкиот капитализам, гротескна последица; го барале и го нашле токму каков што им треба; Катица е камен на закана и присила; Орце, пак, релевантен доказ дека правењето пари, како цел сама по себе, е една од најпримитивните човечки особини. Полно е простаци со пари, комплетни идиоти, недијагностицирани лудаци и бескрупулозни паразити, кои мислат дека можат да купат сѐ и да бидат сѐ. Прилично згрешиле, но едно знаат од старт, како „оче наш“: треба да даваат и лево и десно, во зависност од „политичкиот контекст“, за да не ги чепкаат. Така и би, веќе 30 години.

Да немате дилеми: Целата наша 30-годишна транзиција е рекетерска. Комплет. Ова е само врв на сантата мраз. Куфери со пари влегуваа во сите влади. Нашите животи се испокрадени од бандитизирано општество, раководено од „елитата“ која нашла, па зашла.

Уште погнасно ќе биде. Нека биде. На огромен слој население му треба токму тоа: соочување со суровата реалност. И со себеси во огледалото.

Преземено од фејсбук профилот на Крум Велков.

|2019-08-10T11:41:14+00:0010 август 2019|Актуелно, Некатегоризирано, Став|