Не е познато, од кога датира народната поговорка „Наведната глава – сабја не ја сече“.
Но, познато е дека Зоран Заев како опозициски лидер, во едно обраќање до своите сопартијци, рече дека „мора да ја свиткаме кичмата“. Денес, како премиер, гледаме дека тоа може да го прави и со широка насмевка на лицето…
Но што вели минатото? Дали македонскиот народ и останатите народи кои живеат во Македонија се воделе од оваа „народна поговорка“, или напротив, имаат богато искуство на спротиставување и бунт против посилниот, искуство на дигање револуции против експлоататорите? Одговорот на ова прашање, мора да го побараме во историјата, поблиска и подалечна.
Па да почнеме…
Среден век
На просторите на денешна Македонија средниот век не е одбележан само со освојувачките походи на цар Самоил, или распределбата на остатоците од Византиското и Душаново царство меѓу локаните феудални моќници, или османлиското напредување на Балканот.
Во втората половина на 10-тиот век се појавило Богомилството, како духовно и социјално движење насочено против светите и световни хиерахии, кое проповедало еднаквост, скромен и едноставен живот наспроти разузданиот живот на богатите феудални господари. Силен мобилизирачки фактор бил и акумулираното незадоволство на населението од бугарската и византиска власт. Богомилството било делумно организирано движење со народна ориентација, а остварило влијание врз народното творештво во Македонија, од каде подоцна се дисперзирало во регионот на Балканот (во Србија нарекувани – бабуни, во Босна – патарени) и пошироко во Византија, како и во земјите на Западна Европа (во Северна Италија и Јужна Франција нарекувани – албигојци и катари).
По паѓањето на Македонија под османлиска власт, прв случај на пројавен народен отпор против владејачката класа е Мариовско- прилепската буна која избувнала есента 1564 година. Над илјада селани, со стапови и камења во рацете, се собрале пред вратите на судот и сакале да влезат внатре. Судот, и покрај нивните поплаки и жалби, пресудил да ги платат паричните казни за две години наназад кои биле повисоки од тоа што го предвидувал Шеријатот. Истото се повторило и наредната 1565 година.
Една од најраширените и најстари форми на оружен отпор против османлиската власт било ајдутското движење. Претворањето на земјата на христијаните во чифлизи му дале на ајдутството поорганизирана форма на социјално движење. Акциите на ајдутите се состоеле од напади на феудални имоти, палење на чифлизите. Честа мета им биле и трговските каравани и собирачите на данок кои ненадејно биле напаѓани од заседа. Ајдутството особено се засилувало за време на војните на Османлиската Империја со европските држави. За време на Австро-турската војна (1683 – 1699), во североисточна Македонија ајдутскиот водач Карпош создал територија врз која османлиската власт немала контрола.
Нов век
Индустриската револуција и капиталистичките односи воспоставуваат нова класна поделеност. Овојпат пролетеријатот, сконцентриран во големите индустриски центри, е новата економски експлоатирана и политички обесправена класа во која е концетриран потецијалот за револуција. Започнува организирање на работниците во синдикати и партии. Револуциите ширум Европа во бурната 1848 г., Париската комуна (1871г.), Октомвриската револуција (1917 г.) се резултат на организираноста на работничката класа.
Надвор од центрите на развиените индустриски земји, социјалниот бунт против владејачката класа е суштинска компонента во националноослободителните борби на балканските народи под османлиска и австроунгарска власт.
Во Македонија, просветителството довело до барања за народна црква и просвета.
Борбата за национално и социјално ослободување на балканските народи од феудализмот на Османлиската империја, се одвивале паралелно со империјалистичките апетити на големите сили.
Востанијата на соседните народи влијаеле врз Македонија. Под влијание на грчкото востание против Османслиската власт се дигнало Његушкото востание (1922г.)
Обидите на османлиската влада преку реформи да ги намали противречностите меѓу владејачката класа и угнетуваните и обесправени народи на Балканот не ги дале очекуваните резултати. Противречностите растеле и прераснале во востанија на покорените народи против османлиската власт. Првиот оружен сигнал бил даден во Босна и Херцеговина (1875г.), со што, всушност, била отворена големата источна криза која завршила со крупни промени на Балканскиот Полуостров (Србија, Црна Гора, Бугарија добиле свои независни држви). Во текот на источната криза, револуционерниот потенцијал во Македонија експлодирал во Разловечкото востание (1876г.), Кресненското (Македонско) востание 1878г.) и Кумановското востание (1878г.)
Народното ослободување (национално и социјално) е прашање на политички пристап, но и мета на мешање на големите и мали империјалисти (Големите сили и балканските држави). Поделбата на ТМРО на, условно речено, лево крило ( под влијание на автономни, републикански и социјалистички идеи), и десно крило (под влијание на Бугарскиот двор) довело до предвремено востание т.е. Илинденското востание (1903г.).
Сепак, појавата и ширењето на социјалистичките идеи не датира од создавањето на ТМРО. Појавата на ваквите идеи датира од самата појавата на работничката класа на овие простори.
Поради забавениот развој на капиталистичките односи во Турската Империја, бавно се развивало и класното движење во Македонија. (…) Поорганизирано ширење на социјалистичките идеи сред македонската емиграција и во Македонија започнало од 1890 година, кога во Софија било формирано првото јадро на македонската социјалистичка група, на чело со Васил Главинов. (…) Во Македонија подоцна ќе се формираат и други такви друштва, ќе пристигнува и социјалистичка литература и под влијание на целата таа дејност, од 1900 ќе почнат и првите штрајкови во земјата (…) Македонските социјалисти, не само теоретски, туку и на дело покажале како треба да се постигне тоа (национално и социјално ослободување, заб. З.В.). Веле Марков, Никола Карев, Никола Петров-Русински се само неколку меѓу најпознатите што оставија највидни траги во македонската ослободителна борба, вклучувајќи се во Внатрешната организација како раководители и борци, како пропагатори на идеите за слободна македонска република и рамноправност на сите жители во Македонија… – Историја на македонскиот народ (том трети), Македонија во XIX век до Балканските војни (1912 – 1913). ИНИ, Скопје 2003
Непрестаното угнетување од страна на балканските сојузници за време на Балканските војни (1912/1913 г.) и Првата светска војна (1914 – 1918 г.) и речиси во целиот период меѓу двете светски војни, за населението во Македонија значело предизвик за повторно политичко организирање и вооружено дејствување.
Партизанското движење во Македонија за време на Втората светска војна, почивало на начелата на национална рамноправност, меѓусебно помагање и солидарност со угнетените слоеви. Вооружениот отпор раководен од КПЈ, а од 1943 г. непосредно од КПМ, резултирал со победа над фашистичкиот окупатор.
Денес
Балканските народи се познати по својата борбеност и бунтовност. Поради таквата своја карактеристика, често биле, и се’ уште се злоупотребувани од водечките империјалистички држави, како полигон за одмерување на силите. Денешните вазали и квислинзи ја играат улогата на поранешните нивни „колеги“. Тоа е улогата постојано да му се повторува на сопствениот народ, дека власта на посилниот е неоспорна, дури и најдобра можна. Оттаму, окупацијата е интеграција, црното е бело, и.т.н.
Денес портпаролите на вазалите и квислинзите, гласно не’ убедуваат дека немаме друга алтернатива освен НАТО пактот, а тивко ни’ шепотат дека за таа цел мора да ги прифатиме грчките националистички позиции, кои предвидуваат низа промени во нашиот устав, и кои не се ограничуваат само на името на државата, туку задираат и во идентитетските прашања.
Спротивно на ова поведение на македонските власти, македонскиот народ, својата самобитност и право на држава, ги извојува токму преку антифашистичка и антиимперијалистичка борба, заедно со другарите албанци, турци, срби и власи партизани. Во текот на втората светска војна, тие се спротиставија на, во тоа време, најсилниот воен блок предводен од Нацистичка Германија. И победија! Создадоа држава не за да бидат македонците „газди“ кои ќе ги угнетуваат немнозинските народи (како што тоа беше случај во сите останати балкански држави), туку со една нова идеолошка премиса и ентузијазам, дека се гради ново општество во кое се раскинати империјалистичките синџири- беа фрлени на буништето на историјата и домашните нацинал-романтичарските и национал-шовинистичките пропаганди.
Дали е крвта вода?
Кратката историја на социјалните бунтови и револуции во Македонија покажа дека народот не дозволувал да биде понижен, и секогаш кога требало дигал буни и востанија против најсилните империи на своето време.
Денес, нејасно е каде замина бунтовниот дух на задолжителен отпор против посилниот, нејасно е каде исчезна револуционерниот потенцијал на народот?
Дали вазалите и квислинзите воспоставиле целосна власт над нашите умови, нешто што не било случај со нашите претци? Да не заборавиме, трите децении транзиција значеа исцениран обид за меѓуетничка војна во 2001 година и две лажни револуции (Портокаловата 2006 – 2008 г. и Шарената 2016 г.).
Ако нашите дедовци и баби со сопствени сили ја обновија државата после разрушувањата на Втората светска војна, зарем толку е тешка нашата задача, со сопствени сили да ја обновиме државата после разрушувањата на транзицијата?
За тоа не се потребни буни и востанија, туку потребна е прогресивна идеологија, организација и ентузијазам. Денес, истите народи живеат заедно во Македонија, истите внуци и правнуци на партизаните…
Автор: Зоран Василески, член на Президиумот на Левица