СКОПЈЕ, 19.04.2017 – Пред два дна, во кафе-барот Концепт 37, Здружението за пенална и постпенална помош на осудени лица и социјална адаптација, реинтеграција и рехабилитација на ранливи групи ПРОСОЦИЈАЛ од Скопје организираше дискусија за теми кои се однесуваат на пеналната политика и на начинот на функционирање на затворите.
Причината за формирањето на Просоцијал е полесно интегрирање во општеството на лицата кои веќе ја одлежале затворската казна. Повторното враќање на затворениците во затворите беше една од причините да се креира организацијата, која е основана од пенални работници од КПД Идризово и КПУ Шутка.
„Ние се основавме за да ја промениме постпеналната политиката во Македонија. Таа ја има во извесни институционални стратегии, но не е функционална. Многу често ги гледам осудените лица, кога се ослободуваат од затвор, им се дава карта за до дома, но знам дека ќе се вратат внатре“, истакна Александар Ковиловски, пенален работник во КПД Идризово.
Според Ковиловски, домувањето и вработувањето се најбитните фактори за да не се случи повторен криминал и затвореникот повторно да се врати во затвор. Тој смета дека фокусот треба да се стави на овие две работи, а не на други споредни проблеми. Но, за да се случи ова вели дека не треба да се изолира решавањето на проблемот само на казнено-поправните институции, туку потребно е вклученост на многу повеќе државни институции.
„Најмногу треба да се обезбедат овие два фактори – домувањето и вработувањето. Понатаму има и сосема други фактори: психо-социјална поддршка во семејството, третман на зависници од дрога итн. Доколку се решат првите две најосновни потреби – проблемот понатаму ќе може да се надгледува и мониторира. А без решавање на овие претходни работи, џабе ние решаваме сосема трети работи, кои се воопшто небитни и се фалиме дека сме направиле нешто, кога всушност не сме направиле ништо. Процесот на ресоцијализација мора да биде поддржан и од надвор, ние џабе сме го ресоцијализирале човекот, кога по напуштањето на установата, човекот мора да краде за да го прехрани семејството“, додае тој.
Исто така, на овој настан се презентираа 500-те книги што беа донирани од издавачките куќи Топер, Или Или, Три, Култура и Ѓурѓа за затворениците во КПД Идризово и КПУ Шутка. Целта на собирањето на овие книги е подновување на библиотекарскиот фонд и причина да се зборува за важноста и условите на затворската библиотека.