До денес министерот за здравство на Република Северна Македонија имаше барем триесетина пресконференции на кои што изветуваше за состојбите со кризата со Корона вирусот во Светот, но поконкретно во Македонија. Не убедуваше дека состојбата се држи под контрола и дека засилените мерки на претпазливост ќе придонесат да се контролира инциденцата на вирусот на територијата на Македонија. Како и да е, вчера проструи веста дека директорката на Клиниката за дерматовенерологија во Скопје била инфицирана со Корона вирусот, а не се пријавила и сè уште одела на работа каде што била во контакт со вработени и со пациенти. По сè изгледа дека ситуацијата сепак не се држи под контрола како што бевме уверувани.
На светско ниво пак, Кина е блокирана од страна на Корона вирусот затоа што има големи градови и цели области, провинции кои се под карантин. Италија од ноќеска на полноќ стави некаков „условен“ карантин на целата територија и постави на сите централни автобуски и железнички станици контролни пунктови каде што патниците ќе бидат проверувани дали се носители на Корона вирусот. Истовремено Австрија најави дека можеби ќе ја затворат границата со Италија, но бидејќи се во Шенген зоната најверојатно се мислело дека на границата помеѓу двете земји ќе има засилени гранични контроли.
На Балканот е релативно мирно по однос на ова прашање. Досега нема пријавено поголем број на инфицирани од Корона вирусот, а министрите за здравство во регионот даваат изјави за смиреност на населението. Сепак, во повеќето соседски земји, но и кај нас се случија неколку немили настани на расизам поврзани со Корона вирусот. Дел од населението се исплаши од Корона вирусот, па почнаа да купуваат залихи на храна, лекови и медицински помагала. Фармацевските индустрии и веледрогерии го сторија своето – ги зголемија цените на продуктите што се бараа на пазарот во аптеките овие денови. Немаше спроведено никакви контроли за оваа ситуација.
Во Македонија во јавното здравство има приближно десетина општи и клинички болници кои имаат одделенија за инфектологија, но тие се со капацитет од двајца специјалисти лекари инфектолози, па така може да се заклучи дека во јавното здравство имаме триесетина до четириесет инфектолози, а според Уредбата на Министерството за здравство за мрежата на лекари и здравствени установи пропишано е приближно да има еден инфектолог на секои 40.000 жители. Најверојатно, во Македонија како што фалат лекари од секоја специјалност и супспецијалност фалат и инфектолози.
Тогаш, мора да го поставиме прашањето како ќе се надомести недостатокот на инфектолози доколку се случи навистина епидемија, или пак пандемија, на Корона вирусот. Дали имаме доволно помошен медицински персонал? До сега се зборуваше дека нема доволно медицински сестри, болничари, хигиеничари и секаков друг помошен медицински персонал, но дека фалат и здравствени соработници (биолози, хемичари, физичари, инженери). Дали РСМ има стратегија која што ќе даде насоки за евентуална епидемија на Корона вирусот и во Македонија која што е издржана и сериозно анализирана, а врз база на можностите кои ги имаме во постојните капацитети на јавното здравство?
Подоцна се поставува прашањето на односите помеѓу јавното и приватното здравство, но и веледрогериите. Дали приватните здравствени установи во ек на ваква здравствена криза ќе ги отворат своите капацитети за да се спречи или стабилизира епидемијата? Можеби вистинското прашање е дали државата ќе наложи такво нешто за спас на општата популација? Дали младите специјализанти и во екот на кризава ќе останат со нерешен работен статус, а ќе работат на намалување на ефектите од епидемијата? Како Министерството за здравство планира да ги исплаќа сите вработени кои ќе работат прекувремено, сите добавувачи, сите оние кои што ќе работат на намалување на епидемијата?
Конечно, како ќе се продолжи со секојдневните актвности во ова општество доколку навистина се прогласи епидемија и кај нас? Кој ќе надоместува штети по економијата и работењето? Дали властите се консултирале на пошироко ниво со бизнис секторот? Дали имаме стратегија како држава како ќе се одвиваат процесите кои не смеат да запрат, па дури и во време на ваква епидемија? До кога се очекува да траат овие состојби?
Дали на следниот прес ќе добиеме некој одговор?
Автор: Никола Шиндре