СКОПЈЕ, 05.09.2018 – Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули континуирано дава апологетски изјави за гасоводот на Водно кои во најмала мера се дискутабилни. На дебата со активистите која што се одржа на иницијатива на скопските градски власти тој рече дека трасата околу која се води битка е избрана затоа што поминува низ подрачја каде што дрвјата имаат мало значење за животната средина.
Трасата поминува низ нискостеблести шуми и низ шуми кои според европската скала имаат мало значење за природата, изјави Макрадули, став кој говори за слабата поткованост на министерот во тоа како ги разбира еколошките системи каде значењето на шумата не се мери според тоа дали е ниско или високо стеблеста.
Според активистите од „Го сакам Водно“ една од понудените траси која не е избрана би требало да минувала низ земјоделско земјиште кое само времено и делумно би било експроприрано а целата постапка може финансиски да се покрие од ветувањата на градоначалникот на Скопје и 700 000 евра кој вети дека ќе ги искористи за ново пошумување на Водно.
Друга причина која намерно или ненамерно често ја забораваат политичарите како Макрадули кога зборуваат за сечата на Водно како на „шума која нема големо значење за природата“, е тоа што таа шума спречува ерозии и поплави. Имено, голема попллава се случила на Водно во 1951 и 1962 година, затоа што Водно во тоа време не било пошумено. Отокогаш натаму, се започнува со системско садење на дрва, канали и брани – секој што бил на Водно може да забележи како дрвата се садени плански во еден ред, едно до друго. Така што, ако има големо невреме и се случи поплава како во Стајковци, каква ќе е вредноста на овие зборови на заменик министерот?
Уште една изјава на Макрадули, која беше дадена на пресот на Владата за гасоводот на Водно на 22-ри август, дава простор за сомневање на јавноста дали оваа дебата е со искрени намери или само уште една демагошка конструкција од позиција на моќ. Имено, Макрадули изјави дека „гасификацијата ќе значи за 31 отсто намалување на загадувањето во Градот Скопје“. Бидејќи таа изјава беше дадена по повод дебатата околугасоводот на Водно, граѓаните се доведуваат до погрешен заклучок дека гасоводот на Водно ќе го намали аеро-загадувањето за 31 %. Но, гасоводот што моментално се гради на Водно не е наменет за гасификација на Скопје. Тој е транзитен и оди кон градовите Тетово, Гостивар и Кичево, па потоа кон Косово. Оттука се поставува прашањето: Како овој транзитен гасовод ќе го намали загадувањето во Скопје?
Инаку, Скопје има гасовод од 1997 година, но се уште нема секундарна мрежа со која може да се снабдат граѓаните на Скопје. Ако се суди по бавната реализација на гасоводот во Скопје, оправдани се сомнежите за повеќе децениското реализирање и во Тетово Гостивар и Косово. А шумата на Водно, ќе ја снема веднаш, и не ќе може да се надомести, затоа што по трасата нема повторно да се пошумува поради опасноста од корења и создавањето на пристапни точки и пат за одржувањето и набљудувањето на гасоводните цевки.