(Кети Хорват) Социјална екологија – Радикализирање на климатското движење

Нема потреба од расправа, климатските промени се најгорливиот проблем на нашето време. Настрана од очигледниот факт дека доколку сите би биле мртви, не би можеле да покренеме никаква борба или да изградиме било какво ново општество врз основа на старото, борбата за климатска правда е длабоко испреплетена и се поврзува со сите други важни прашања.

Дали си загрижен за нееднаквоста и за класната борба? Погледни го начинот на кој богатите веќе почнаа со градење ѕидови за да се заштитат себеси, додека пониските класи се дават или горат. Дали си загрижен за домувањето како човеково право? Милион куќи се во зони што наскоро ќе бидат поплавени или изгорени, што ќе ја доведе кризата на достапно домување до ниво на кое не сме ја виделе досега. Дали си загрижен за мигрантската правда, расната правда и насилството на државата-нација пошироко? Погледни ја тврдината Европа и американско-мексичката граница за да воочиш дека белите, богати нации веќе го оправдуваат осуетувањето на глобалниот југ во соочување со ефектите на климатската апокалипса што Северот ја предизвика. Ниедно движење или стратегија не може да си дозволи да ја игнорира борбата за климатска правда.

За да ја соборат оваа хидра, организаторите и авторите од левицата се повеќе ја прифаќаат стратегијата за двојна моќ преку создавање на дирекно демократски грасрут собранија и институции што се способни да го соборат и заменат капитализмот и државата-нација.

Потеклото на оваа стратегија не е многу познато. Филозофијата што всушност е одговорна за воведувањето на двојната моќ како стратегија за современата левица при поврзувањето со борбата за климатска правда е социјалната екологија.  Проучувањето на социјалната екологија ја обезбедува врската која недостасува за разбирање на радикализацијата на еколошкото движење, историски и во конструирањето на климатската стратегија на двојна моќ за иднината.

Од доминација на човекот до доминација на природата

Социјалната екологија е филозофија која ги разбира проблемите за животната средина како проблеми кои произлегуваат од човечките социјални проблеми, особено од хиерархијата. Како што Мареј Букчин, основачот на социјалната екологија, објасни во „Кон еколошко општество“.

Поимот дека човекот е предодреден да доминира врз природата произлегува од доминацијата на човек врз човек, а може дури и од порано, од доминацијата на мажот врз жената и доминацијата на младите врз старите. Хиерархискиот менталитет што го аранжира искуството по себе, во сите негови форми, покрај хиерархиските пирамидални линии е начин на перцепција и концептуализација во кој ние сме биле социјализирани од хиерархиското општество.

Како одговор на овие социјални и еколошки проблеми, социјалната екологија ја истакнува политиката на радикалната демократија и двојната моќ. Во истиот есеј Букчин пишува: „Се прашувам дали корените на еколошката криза не се во самата конституција на општеството какво што го знаеме денес, дали промените што се потребни да се создаде нов еквилибриум помеѓу природниот и општествениот свет не бараат фундаментална и револуционерна реконституција на општеството по еколошките линии.“  Во подоцнежните дела, Букчин ја објаснува оваа „револуционерна реконституција на општеството“ како комунизам постигнат преку двојната моќ,  како што многу од другите есеи на ова прашање објаснуваа за аспектот на таа визија и стратегија.

Разбирањето дека еколошките проблеми се вкоренети во социјалните проблеми беше клучен придонес на социјалната екологија кон раното движење за климатска правда. Сега е прашање на здрав разум, но на почетокот мораше да се докаже дека капитализмот и еколошката одржливост се фундаментално некомпатибилни.

Популаризацијата на идејата дека еколошките проблеми се вкоренети во подлабоките општествени проблеми на хиерархијата, поконкретно хиерархиите на капитализмот и државата, беше во голема мера благодарение на Букчин и социјалната екологија.  „Букчин беше помеѓу првите мислители на западот кој го идентификува капиталистичкиот императив на порастот како фундаментална закана кон интегритетот на живите екосистеми“, Брајан Токар, член на бордот на Институтот за социјална екологија (ИСЕ) и автор на повеќе дела за пресекот помеѓу социјалната екологија и климатската правда, пишува „(Букчин) Константно тврдеше дека социјалните и еколошките прашања се фундаментално нераздвојни оспорувајќи ги тесно инструменталните пристапи протежирани од многу екологисти со цел да адресираат поединечни проблеми.“

Букчин посочи кон капитализмот и хиерархиите како подлабоки корени на еколошките проблеми во раните 60ти, кога голем дел од еколошкото движење беше фокусирано на провизорни, површински решенија. Ден Чодоркоф, кој ја кооснова ИСЕ заедно со Букчин, ја илустрираше оваа поента користејќи го примерот со киселинскиот дожд во лекцијата за вовед во социјалната екологија во 2017:

„Тој (киселнскиот дожд) беше голем проблем и екологот го увиде и рече: „Па, проблем се честичките и сулфурот диоксид, а решението се разбира е само да се стават филтри на оџаците  и тоа ќе исчисти сѐ.“ И го исчисти, до одредено ниво. Филтрите беа ефективна технологија. Но, социјалниот екологист гледајќи на истата ситуација вели: „Па да, сулфурдиоксидот е проблем, а проблем се и оџаците, но проблем е и централизираната форма на индустриското производство на кое му се потребни оџаци и јаглен, а во основата на централизираната форма на индустриско производство е капиталистичкиот систем. А во основата на капиталистичкиот систем е овој поим според кој сметаме дека општеството мора да биде организирано по хиерархиски линии…

Филтрите можат да ги намалат ефектите на киселиот дожд, но тие тоа го прават додека останатата еколошка криза создадена од јагленот, од централизираното индустриско производство и од капитализмот беснее.

Токар објаснува дека овие аргументи од “подземната дистрибуција“ на есеи од Букчин како што е „Екологијата и револуционерната мисла“ силно влијаеја врз популарните еколошки движења во 60тите: „Идеите кои тој прв ги истакна, како што е потребата од фундаментална радикална екологија како контраст на технократскиот енвироментализам, беа прифатени од растечкиот број на еколошко-информирани радикали.“

Социјалните еколози беа едни од првите што ги усвоија подлабоките еколошки решенија на кои се повикуваа. ИСЕ им помогна на граѓаните од маргинализираната Lower East Side населба во Њујорк во раните експерименти со воздушните и соларните иницијативи во 70тите. Во Вермонт, ветерниците, соларните колектори и органското градинарство беа централен дел на институтот уште од најраните денови на неговото основање во 1974. Во доцните 70ти, социјалната екологија изигра клучна улога во движењето против нуклеарната сила и развојот на антинуклеарни сојузи ширум САД, тие исто така одиграа важна улога во развојот на концептите како што се екофеминизмот и групите на припадност какви што постојат денес.

Поставување на основата за предизвикување на капиталот и државата

Како и да е, најважниот допринос на социјалната екологија кон борбата за климатска правда не е историски. Тоа е концептот за употреба на двојна моќ како стратегиски план, која е витална за сегашноста и иднината на борбата за планета на која може да се живее. Двојната моќ е транзициона стратегија што ја поставува основата во тукашноста и сегашноста за еколошката одржливост и праведната иднина која ја посакуваме.

Историскиот и теоретскиот контекст погоре не носи до заклучокот дека како што социјалната екологија тврдеше со децении, нашата борба за климатска правда не може да се фокусира единствено на тесната област на климатски или еколошки проблеми. Она што и се заканува на нашата планета и нашите животи е целиот хиерархиски систем. Филтрите на оџаците не се доволни, тие никогаш не ни биле. Ништо освен радикален ремонт нема да успее.

Што не носи назад кон двојната моќ. Терминот првично беше дескриптивен, употребуван од руските социјалисти да го опишат периодот за време на Руската револуција кога работничките совети поседувале голема грасрут моќ што се натпреварувале со државата за авторитет и легитимност. Ленин тврдел дека оваа ситуација на поделена моќ е неодржива и може да овозможи револуционерен преврат.

Австро-германските марксисти почнаа да го употребуваат терминот теоретски по Првата светска војна, но тие го мислеа како посакувана перманентна состојба: перманентни совети за работниците и парламентарна држава за буржоазијата,  двете меѓусебно се балансираат.  Букчин твдеше дека со користењето на овој термин, социјалдемократите „ја осиромашија ‘двојната моќ’ од нејзината револуционерна тензија, и терминот стана синоним за дводелна влада што може да се замисли дека постои бесконечно.“

Спротивно, Букчин беше првиот што го идентификува потенцијалот на ‘револуционерната тензија’, инхерентен на идејата за двојна моќ и перспективно ја употреби како план за револуционерната трансформација на општеството. Тој тврдеше дека ние мораме да изградиме директно-демократски собранија со цел да ја предизвикаме и во крајна сисла да ја замениме нивната сегашна експлоатирачка противтежа, државата. Како што дуалната моќ беше првично употребена во Русија за да се опише ситуацијата што не може долгорочно да опстане, дуалната моќ во социјалната екологија значи транзициска рамка, наменета за да создаде ситуација во која конфедерациите на собранија и нациите-држави не можат да сопостојат и првите мораат евентуално да ги заменат вторите.

Убавината на двојната моќ како рамка е тоа што ние можеме да правиме конкретни подобрувања на нашиот дневен живот додека постепено ја поставуваме основата за предизвикување на капиталот и државата. Со изградбата на грасрути, хоризонтални, локални институции што го преземаат местото на експлоативните и отсутни државни и/или капиталистички институции во нашите и во животите на нашите комшии, ние истовремено ја планираме иднината и ги пресретнуваме нашите потреби сега.

Чекори кон изградбата на Двојната моќ

Примери на вакви институции со двојна моќ, особено поврзани со климатска предвидливост и климатска правда, се многубројни. Капиталистичкиот систем за производство на храна и земјоделство истовремено е еден од најголемите поттикнувачи на климатските промени и е жалосно неспособен да обезбеди здрава одржливост за сите; иницијативите за двојна моќ можат да започнат со заменување на овој експлоатативен систем преку создавање на јавни земјоделски и кооперативни снабдувања со храна.

Мрежата за обезбедување на храна за црнечката заедница во Детроит гради локализиран систем за храна преку урбано земјоделство предводено од црнечката заедница на нивната седум-хектарна D-Town Farm, а наскоро Народната кооператива за храна на Детроит, што ќе вработува повеќе од 20 жители ќе ја зголеми достапноста на локална, здрава храна за околната заедница. Кооперацијата Џексон, раката на планот Џексон-Куш помогна во градењето на кооперативната мрежа во Џексон, Мисисипи, што е во процес на создавање меѓуповрзано сточарство, уредување, управување со отпад/ рециклирање и градежни кооперативи со цел да развијат еко-село на својата колективна земја.

Климатската правда не секогаш е централна во арената на трудовите или работничките кооперативи. Но, префрлувањето кон работнички кооперативи и јавна сопственост на средствата за производство овозможува безбројни шанси да се екологизираат тие средства и нивните ланци.

На енергетскиот фронт, преку јавното производство на енергија и инфраструктура заедниците можат да го заобиколат корпоративното загадување и монополското зголемување на цените, снабдувајќи прифатлива енергија за непосредните соседи на краток рок, додека истовремено на долг рок се поставуваат темелите на децентрализирана мрежа на обновлива енергија во сопственост на заедницата.

Солидарност од Highland Park, Мичиген, кои ни даваат пример за тоа како иницијативи на дуална моќ можат да изгледаат (патем нивната градска организација инсталира соларни улични ламби во колективна сопственост)- неодамна објавија компресивен „План – рамка за енергетска демократија“ за нивниот град и веќе се во изградба на градска и енергетска кооператива за да можат да започнат со производство и пристап. Во Bay Area, Локалниот сојуз за чиста енергија се обидува да развие општествено поседувани, децентрализирани, енергетско-обновливи системи како алтернативи на опасните окови на корпоративната лакомост во очи на најлошите пожари што оваа област ги видела десетици години, започнувајќи движење за изградба на демократска контрола врз комуналните услуги и енергетски проекти низ целата земја.

Како што експоненцијално климатските катастрофи се зголемуваат низ последниве неколку декади, реакциите на взаемна помош при катастрофи претставуваат можност, и тоа не само за да се обезбеди краткорочно олеснување, туку и за да се постават темелите за адаптивни, еластични и демократски институции надвор од државата. Common Ground Relief, организација за колективна помош иницирана од заедницата, основана по ураганот Катрина, функционира скоро 15 години, а нивната транзиција во текот на минатата деценија и пол дава потенцијален пример за начинот на кој взаемната помош од катастрофи може да се претвори во долгорочни решенија за климатска правда.

Тие неколкупати преминаа кон долгорочни и перманентни климатски иницијативи во јавна сопственост: обезбедување на итно олеснување во 2005; изградба на пристапно, енергетско и ефикасно домување за раселените жители во 2007 година; во 2013 преминаа од реобнова кон мисија фокусирана на создавање на адаптибилни заедници во Gulf Coast кои се еколошки и финансиски одржливи и лично кохезивни; и во 2015, се фокусираа на реставрацијата и зачувувањето на крајбрежните мочуришта во Луизиана кои забрзано исчезнуваат поради климатските промени.

Во Пуерто Рико, членовите на заедницата и нивните сојузници се собраа по ураганот Марија за да го формираат Centros de Apoyo Mutuo (Центар за заедничка помош), пренаменувајќи поранешни владини згради со цел да ги обезбедат оние услуги кои државата ги запостави. По две години, центрите сѐ уште функционираат, поставувајќи мрежа, имплементирајќи решенија за обновлива енергија, градејќи издржливост на заедницита и особено потребен јавен простор. Пуерто Рико или Луизијана ќе бидат далеку поподготвени да го пречекаат невремето и да ги прошират можностите за директно демократско одлучување при отсуство на државата за време на наредната климатска катастрофа.

Погорниве примери се блага рефлексија на оригиналниот опис на дуална моќ кај Букчин;  тој инсистираше на моќта на собранијата и остана скептичен кон институциите кои не се потчинети на собранието. Јас тврдам дека секој грасрут, јавна институција е чекор кон изградбата на дуална моќ, под услов да биде поврзан со поширок проект за создавање демократски собранија со поголем ангажман на граѓаните; на општинските собранија ќе им биде потребна инфраструктура, а тоа нема да се случи преку ноќ.

Но, што би се случило доколку собранијата всушност се одговорни за своите општини и со тоа ги поседуваат еколошките системи? Автономната администрација на северна и источна Сирија (NES), популарно позната како Рожава, нуди увид во она што следува. И покрај тоа што примија десетици илјади бегалци од другите делови на Сирија и Ирак, демократските одлучувачки совети на овој слободарски социјалистики проект започнаа и еколошка револуција. Како што изјавата на интернационалистичката Make Rojava Green кампања објаснува:

„Кооперативите и јавните економски проекти базирани врз земјоделство и сточарство се развиваат, во нив луѓето можат да си ја обработуваат својата земја колективно и на одржлив начин. Стотици проекти за пошумување, со овошни и маслинови дрвја во иднина ќе помогнат да се пресретнат ефектите од климатските промени и опустинувањето што безмилосно напредува. “

Нивната кампања за пошумување засадува илјадници нови дрвја и поддржува долгорочен план за еколошка Федерација на северна Сирија. „Рожава не учи дека, доколку сакаме да го промениме светот мораме да го промениме начинот на кој гледаме кон природата и општеството“, напишаа во нивниот повик за акција против последниот Турски напад. „Нашата борба е борба против опресијата и експлоатацијата, борба против капитализмот, против нацијата-држава и против патријархатот. Сега, повеќе од кога било, ние ќе ја продолжиме битката за слободна и зелена Рожава.“

Ова се само неколку од начините на кои заедниците ширум светот создаваат институции со двојна моќ способни да ја ублажат климатската промена, демократизирајќи го одлучувањето и крајно предизвикувајќи ја моќта на капитализмот и на државата. Но последното делче, актуелното заменување на доминантните институции во денешното општество – нема да се случи доколку нашите локални обиди останат изолирани.

Борбата против климатските промени бара глобален одговор (преку двојна моќ), поради тоа нашата работа не смее да остане изолирана или стриктно локална по природа. Ако сме сериозни за промената на начинот на кој луѓето се однесуваат со природата и со самите себе, нема да успееме доколку се држиме до нашиот ќош од светот; брановите ќе продолжат да се зголемуваат независно колку утописки е нашиот остров. Ние мора да ја организираме нашата работа како би дејствувале заедно. И тоа во краток рок.

Еколошко демократско општество за човечките и нечовечките облици на постоење

Меѓувладиниот панел за климатски промени утврди дека ни преостануваат уште 12 години да ги преполовиме глобалните емисии на половина, што не ни остава многу време за фундаментално да го промениме светскиот општествен поредок.

Веројатно ќе ни бидат потребни социјал-демократски компромиси со цел да купиме некое време. Во овој поглед, се чини дека претседателските избори во САД во 2020 ќе бидат последна шанса за преврат  или последна шајка во планетарниот ковчег. Предлозите како Green New Deal можат да направат многу со цел да се спречи најлошата климатска апокалипса; доколку водечките загадувачки држави во наредната декада се префрлат на системи со обновлива енергија, ние би добиле значајни години време во кое би граделе инситуции со дуална моќ и во кое би се подготвиле за битката што претстои.

Сепак, електорализмот и социјалдемократијата не треба да се сметаат како вистински победи. Овде социјалната екологија не снабдува со корисна теоретска основа, потсетувајќи не дека нашите климатски предизвици се нераскинливо сврзани со хиерархиската природа на капитализмот и државата. Промени кои не ги опфаќаат основните системи на капитализмот, со својот безобразен, бесконечен императив за раст и државата, со својата доминирачка хиерархија на насилство, нема да не спасат – ниту пак ќе си заминат доколку вистинските луѓе дојдат на власт.

Хиерархиските институции се инхерентно неодговорни кон луѓето кои се најпогодени од климатската криза; ние не можеме да очекуваме институциите кои се одговорни за кризата да бидат способни да ја менаџираат нашата колективна иднина. Во најдобар случај тие би ни купиле само неколку декади.

Во меѓувреме, доколку сме сериозни околу изградбата на ново општество способно да го адресира коренот на нашата сегашна климатска криза, ние ќе треба сериозно да пристапиме кон изградба на она што Абдула Очалан, Курдскиот лидер, визионер и автор го нарекува „демократски конфедерализам“. Демократскиот конфедерализам е политички систем во кој делиберативните локални собранија се вмрежени во повеќе конфедерациски нивоа, но во кој, спротивно на американскиот федерализам денес, фокусот на моќта останува кај грасрутовите односно кај локалните собранија.

За да можеме да ги координираме идните одговори на климатските катастрофи, да се зафатиме со взаемна помош ширум светот, кон области најмногу опфатени со климатските промени, да превенираме понатамошна дестабилизација и да работиме кон праведна транзициона мрежа која ќе преземе сериозни демократски ослободувања на глобално ниво, ние мораме да ги поврземе нашите локални институции – собранија, работнички кооперативи, синдикати на станари, проекти за взаемна помош – помеѓу себе, прво на општинско ниво, потоа во регионални тела, па на крај глобално. Организации како Symbiosis, млада федерација на директно демократски грасрути, институции на дуална моќ во Северна Амерка се обидуваат да го направат токму тоа.

Со осигурување дека едно интернационално тело има ограничена моќ и е повикано на одговорност од регионални тела што одговараат на уште помоќни локални тела, а сите работат врз принципи на директна демократија и испраќаат отповикливи делегати кон наредното ниво на координација, ние можеме да се осигураме дека инситуциите што треба да се справат со глобалните климатски проблеми се одговорни кон сите нас.

Ние може да се стремиме кон свет во кој, како што Букчин пишува, „Човештвото, без да го намалува интегритетот на природата, ќе ги додаде димензиите на слобода, разум и етика кон себе и ќе ја подигне еволуцијата до ниво на авторефлективност што отсекогаш била латентна при појавата на природниот свет“ – еколошко, демократско општество, прилагодено на човечките и нечовечките облици на постоење.

 

Превод:
Стефан Видиков
Лектура:
Емилија Митреска

*Оригиналниот текст може да го погледнете овде

|2020-01-22T07:48:39+00:0020 јануари 2020|Актуелно, Вести, Економија, Свет, Став|