’Ова ќе заврши со концентрациони логори“: Нацизмот – вистинското лице на ’Алт-десницата’

Лидерите на ’алт-десницата’: Ричард Спенсер (Richard Spencer ) (лево) и Џејсон Џорџани (Jason Jorjani) (десно).

Иако многумина од ’алт-десницата’ тврдат дека не се расисти и дека немаат врска со фашизмот, сепак видео што произлезе од инфилтратор го открива вистинското лице на ова движење.

’Алт-десницата’ се појави како навидум наивно движење произлезено од интернет порталите 4chan и 8chan. Таму неговите членови преку расистички и ултра-националистички меми го мешаа нацизмот и црниот хумор. Ова движење доби особена видливост за време на претседателските избори во 2016 година. Тогаш неговите приврзаници отворено застанаа зад тогаш претседателскиот кандидат Доналд Трамп.

Патрик Хемансон (Patrik Hermansson), 25 годишен Швеѓанец, член на организацијата за борба против фашизмот и нацизмот Hope Not Hate, создал лажен идентитет на алт-десничар и успеал да се инфилтрира во врвот на ’алт-десничарското’ движење. Со скриена камера тој ги снимал лидерите. Она што произле воопшто не е наивно! Тој своите видо стории ги објавил во New York Times. Од нив недвосмислено се гледа дека лидерите на ова движење се екстремистички идеолошки фанатици со политичка агенда јасно ситуирана во фашизмот и расизмот.

Од едно од скриените видеа се гледаат геноцидните фашистички ставови на еден од главните лидери на ова движење, Џејсон Џорџани:

„Ова ќе заврши со протерување на поголемиот дел од мигрантите, вклучувајќи ги [муслиманските] граѓани,” Џорџани (Jorjani) му рекол на маскираниот Хермансон во паб во близина на Empire State Building во Њујорк. „Ќе заврши со концентрациони логори и протерувања и војна по цена од неколку стотици милиони луѓе.”

„Ќе имаме Европа, во 2050 година, каде што банкнотите ќе ги имаат Адолф Хитлер, Наполеон Бонапарта, Александар Велики,” продолжи тој. „И на Хитлер ќе се гледа така: како Наполеон, како Александар, не како некое чудно чудовиште, кој е единствен во својата категорија – не, тој само ќе се смета за голем европски лидер.”

Краткото видео објавено за неговата организација Hope Not Hate ја сумира неговата репортажа:

Особено ранлива категорија на оваа екстремистичка група се младите момчиња на околу 20 годишна возраст. Да, момчиња, оваа група е претежно составена од млади момчиња то укажува и на родовиот аспект, на проблемите со ’токсичната машкост’ и патријархални вредности. Тие главно се радикализираат на интернет форумите и социјалните мрежи. Главно влијание врз нив имаат интернет-персоните, лидери на ова движење.

Хермансон во своите видео репортажи ни ги покажува бизарните персони зад ова движење. Нивниот главен непријател се „глобалистите,“ а сепак алт-десничарското движење е прилично глобално, присутно во повеќето западни земји. На видеата гледаме анти-семити, негатори на Холокаустот, нео-нацисти, како и пагани што пијат пијалоци од рог во чест на нордискиот бог Один.

Според истражувачите на екстремизмот, најефикасен начин за регрутација во екстремистичките движења е преку организирање на настани кои не нужно вклучуваат идеологија. Преку создавањето на заедница, се создава чувство на идентитет и припадност. Дури потоа доаѓа до идеолошка индоктринација.

Алт-десницата, новата инкарнација на фашизмот, е присутна и во Македонија. Нејзиното присуство е главно на онлајн форумите и социјалните медиуми. Според профилот на приврзаниците, исто така станува збор претежно за млади момчиња, често поврзани и со други десничарски, најчесто „либертаријански,“ маргинални движења. Нивните активности во овој момент се ограничени на тролање по социјалните мрежи.

 

|2017-09-21T13:29:50+00:0021 септември 2017|Актуелно, Свет|