СКОПЈЕ, 22. 12. 2017 – Државно земјиште ќе се продава за 70 денари метар квадратен по барање на министерството за транспорт и врски, истакна во четвртокот на прес конференција министерот Горан Сугаревски. Државното земјиште ќе се продава за изградба на ученички домови, студентски домови, старечки домови, домови за деца без родители и за незгрижени лица, и истото е реонизирано во два реони 5 и 6.
Во четвртокот на прес конференецијата свикана од министерот Сугаревски, беше кажано дека, на негово барање владата на последната седница ја изменила уредбата која се однесува на висината на цената на градежното земјиште во сопственост на Република Македонија. Тука влегува и висината на посебните трошоци за спроведување на постапки за отуѓување, велат од министерството.
Цената за продажба на градежното земјшите во сопственост на дравата за изградба на објекти за групно домување, според министерството, се намалува на 70 денари за метар квадратен. „Севкупното намалување е до 23 пати и опфаќа 58 општини во Македонија“, истакна Сугаревски.
Новата цена ќе изнесува 70 денари за метар квадратен и се однесува за градежно земјиште наменето за изградба на ученички домови, студентски домови, домови за престој на стари лица и самци, домови за деца без родители, како и за незгрижени лица
Една од причините за намалувањето на цената е високата цена која претходно постоеше, но и недостатокот на изградба на објекти од овој вид.
Општините кои спаѓаат во Реонот 5 се, Крива Паланка, Дебар, Виница, Неготино, Радовиш, Ресен, Сарај, Шуто Оризари, Свети Николе, Берово, Македонски Брод, Дојран, Валандово, Делчево, Демир Хисар, Кратово, Крушево, Пробиштип, Богданци, Демир Капија, Македонска Каменица, Пехчево и Илинден. Додека пак, во Реонот 6 спаѓаат, Арачиново, Босилово, Брвеница, Василево, Вевчани, Врапчиште, Градско, Дебарца, Долнени, Желино, Зелениково, Зрновци, Јегуновце, Боговиње, Карбинци, Конче, Кривогаштани, Липково, Лозово, Маврово и Ростуша, Могила, Новаци, Ново Село, Петровец, Пласница, Ранковце, Росоман, Сопиште, Старо Нагоричане, Студеничани, Теарце, Центар Жупа, Чашка, Чешиново-Облешево и Чучер-Сандево.
На крај, министерот го заврши пресот со реченицата: „Како што ветивме, остануваме силно посветени на спроведување на реформите сè со цел подобрување на условите за живот и побрз економски раст на земјата“.
Тука се поставуваат неколку прашања. Дали со приватизацијата на државното земјиште може да се постигне економски раст? Земајќи предвид дека, во минатото во Македонија се случуваше неконтролирана и криминална приватизација, искуството во никој случај не е во прилог на тезата дека со приватизација се гарантира подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Напротив, приватизацијата во најразлични форми, почнувајќи од онаа во 90-тите во економијата, па се’ до појавување на различните форми на јавни приватни партнерства, кои стануваат се’ почести, не само што не го подобри квалитетот на живот, туку го влоши.
Каков е тој економскиот раст којшто ќе ги создаде предусловите за долго очекуваната и ветувана благосостојбата за сите граѓани? Новата влада, која доаѓа од социјалдемократската идеолошка и политичка провиниенција, пред избори ветуваше мерки, коишто значат редистрибуција на богатството. Односно, даночна реформа преку воведување на прогресивен данок и данок на луксуз. Поминаа повеќе од шест месеци од доаѓањето на новата власт, но, нема ни „Р“ од даночните реформи, а истите беа најавувани како едно од сигурните решенија коишто ќе следат по преземањето на власта.
Зошто изградбата на овој вид на објекти од социјално значење треба да е нужно поврзана со приватизација на државно земјиште. Приватизација на државно земјиште досега го поттикнуваше криминалот и корупцијата. Понатаму, никој со ништо не гарантира дека објектите коишто ќе бидат изградени како што се, ученички домови или студентски домови нема да се пренаменат во комерцијални објекти.
Информацијата дека ваков тип на објекти би требало да се градат во општини во кои нема ниту средни училишта ниту Универзитети ја прави ситуацијата уште посомнителна. На пример, Зелениково, Крушево, Дојран, Студеничани, Могила, Новаци и други места, се само дел од општините коишто се опфатени во реонизацијата за приватизација на земјиштето.
Од друга страна, во Македонија има потреба од Студентски домови кои ќе бидат финансирани од државата и каде бесплатно ќе престојуваат студентите. Во Скопје, постојните студентски домови се руинирани и се во многу лоша состојба. Претходната власт, дел од нив ги реновираше, меѓутоа тоа е само мал дел кој воопшто не одговара на потребите на студентите. Тетово, иако повеќе од една деценија е студентски град, нема државен студентски дом.
На крај се поставува прашањето, наместо приватизација на државно земјиште, дали пренамената на веќе постојни објекти кои се надвор од употреба е едно од решенијата да се задоволат социјалните потреби за граѓаните. Приватизацијата на студентското домување, домови за престој на стари лица и слично, можеби само дополнително ќе ја подигне цената на овие услуги кои ќе бидат диктирани од приватни интереси, наместо обезбедени од страна на државата.
Носењето на вакви законски решенија, е доста проблематично, затоа што истите се донесувани без никаква јавна дебата, анализи, проценки или планови.