Карл Маркс, Денот на Европа и Денот на победата на(д) фашизмот


5-ти мај, раѓањето на Карл Маркс, 8-ми мај, Денот на Европа и 9-ти мај, Денот на победата над Фашизмот.
Каква е поврзаноста на овие датуми и јубилеи? Таа не е само временски детерминирана (од 5-ти до 9-ти мај има само 4 дена), туку во оваа 2018 година поврзаноста стана особено идеолошка и контрадикторна…

200 години од раѓањето на Карл Маркс

Се навршија 200 години од раѓањето на Карл Маркс, основоположникот на научниот социјализам, правецот во социјалистичката мисла, кој по својот основоположник, e пошироко познат како Марксизам. Истите оние „експерти“ од академската фела и истите уредувачки одбори на мас-медиуми (пишани и електронски) кои во раните 90-ти на минатиот век го славеа падот на комунизмот и кои малтене го изедначуваа комунизмот со фашизмот како две авторитарни и злосторнички идеологии, денес ретерираат. Демонтирањето на СССР и социјалистичките држави од Источна и Југоисточна Европа, за нив значеше „доказ“ дека социјализмот не функционира во пракса и капитализмот нема алтернатива -тврдеа дека тоа е најдобриот општествено-економски систем за човештвото на сите времиња. Сепак денес фактичката состојба и реалноста пред очите на речиси секој жител на планетата Земја ги натера овие апологети на неолиберализмот да се негираат себе си. Во пресрет на одбележувањето на 200 годишнината од раѓањето на Карл Маркс, во светски етаблираните весници се појавија неверојатни наслови и текстови:

Two centuries on, Karl Marx feels more revolutionary than ever (The Guardian)

Karl Marx 200th anniversary: The world is finally ready for Marxism as capitalism reaches the tipping point (The Independent)

Why Karl Marx is more relevant than ever (Financial Times)

Happy Birthday, Karl Marx. You Were Right! (The New York Times)

Можеме ли лекомислено да помислиме дека преку ноќ западноевропските и амерички еминентни весници добиле слобода во уредувачките одбори. Тешко. Поверојатно е сознанието дека нов бран на постмодерна ќе заплисне.

Маркс не може веќе да се потиснува на маргините и да се бојкотира. Насловите на еминентните западноевропски и амерички весници само го признаа тоа (Маркс не може да се бојкотира, особено не на 200 годишнината од неговото раѓање).

Настапува време во кое се’ повеќе ќе се разобличува и разводнува марксовата мисла, нешто полево од левиот центар или во левичарење. Жолтите синдикати, невладините организации и новата левица раскината од традиците на борбата на работничката класа преку партиско организирање, (не)свесно ќе се погрижат за создавањето уште поголема забуна во главите на работниците, кој е кој, кој е со нив, а кој е со нивниот непријател.

Наместо насловите во весниците, побитно е да видиме што прават претставниците на спротивната класа…

Јункер во Трир

Во родниот град на Маркс, Трир, се одржа централната манифестација за одбележувањето на јубилејната 200 годишнина од неговото раѓање. Самиот гест на доаѓање во Трир на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, и самиот пофален говор за Марксовиот живот и дело, не’ тера да си го поставиме прашањето: можна ли е „реформирана ЕУ“?

Во прв момент, можеби ќе помислиме дека за поинакво одвивање на процесите во самата ЕУ е потребна само желба на ЕУ бирократијата- Европската комисија. На свечениот говор, Јункер го презентираше веројатно новото гледиште на либерално-демократската Европа, дека досега Маркс не бил од никого сфатен, и сега евробирократијата е тука допрва да го реобмисли Маркс. Секако повторно, со помош на невладините организации и новата „умерена“ левица откината од секаква победоносна традиција и образец за дејствување.

Сепак, во втор момент кога ќе се сетиме дека тоа е недемократски избрана комисија, треба да видиме на кого му служи. Одговорот е јасен: му служи на капиталот, европските корпорации и банки. Уште повеќе, имајќи го предвид партнерскиот однос на ЕУ и НАТО, без претерување, може да заклучиме дека оваа комисија му служи на воениот комплекс кој го штити западноевропскиот капитал, во кој доминира германскиот – истиот оној капитал кој го штитеше Нацистичка Германија…

ЕУ како наци проект

‎„Животниот простор за Ариевците”- денес тоа е отворениот пазар за капиталистите.  Неолибералните евробирократски политики и транснационалните компании ги згазија државите во транзиција и ги газат/ќе ги згазат домашните претпријатија наместо Панцер дивизиите. “Гестапо“- тоа се владејачките партии кои го партизираа општеството до најголеми крајности, политичките лидери се “квислинзи“, а државите нови колонии. “Оската на злото“- тоа е САД и НАТО воениот сојуз. “Сојузници на оската на злото”- тоа се земјите членки/земјите кандидатки за членки кои истовремено се и жртви на гео-стратешките политики на западните држави во приграбубањето до ретките светски ресурси, нови колонии и пазари.

Расната омраза на нацизмот/фашизмот  од средината на 20-тиот век што го втурна светот во сеопшта војна беше една од фазите на либерализмот/империјализмот.

Модерна Европа ја оствари Хителеровата замисла “Словените да ги направи робови“. Жителите на т.н. „земји на источниот и југоисточниот социјалистички блок“ уживаа низа социјални бенефиции, речиси полна вработеност, бесплатно здравство и образование. Денес тие се модерни робови на капитализмот кои:

  • емигрираат во странство да ги работат работите кои за западноевропските работници се тешки, недостоинствени или слабоплатени;
  • го формираат белото робје регрутирано од исток најчесто, европоронграфијата (која се’ повеќе и’ конкурура на америчката) исто така изобилува со ” источни ѕвезди”;
  • остануваат дома да бидат експлоатирани како во раниот капитализам, работат за ниски наемнини, неосигурени или во мизерни работни услови за новопечените газди “скоројевичи”, транзиционите профитери или за странските компании.

Државите го овозможуваат тоа:

  • преку обезбедување “економски рајеви” за странските инвестиции (кои во очај ги бараат, а никако да дојдат во посакуваниот обем) преку ниски или никакви даноци со што се демонтира социјалната држава затоа што во буџетите се’ помалку има средства за социјални трансфери,
  • преку намалување, или замижување пред кршењето на работничките права.

Европа е само дел од она што се случува на светско ниво. “Концентрациони логори“- тоа се земјите од третиот свет каде секоја година умираат скоро 9 милиони луѓе од глад, и уште толку од студ, лесно излечиви болести и бомби на западните сојузници, комбинирано. Сета оваа смртност се случува за една година, за разлика од најголемиот општо признат геноцид во историјата на човештвото- Холокаустот со 6 милиони за 6 години. Сето ова се случува во свет кој на контото на најразвиените земји бележи салдо од невидени размери.

Специјализираните тела на ОН ги пресметале следните трошоци за остварувањето на универзалниот пристап до низа основни социјлани служби во низа земји во развој во кои основните услови за живот ги нема.

–          9 милијарди долари би ја снабдиле целата популација со вода и санитарни уреди;

–          12 милијарди долари би ги покриле сите трошоци за лечење на репродуктивните способности на жените;

–          13 милијарди долари би обезбедиле основна здравствена заштита и храна на сите жители на планетата;

–          6 милијарди би пружиле основно образование за сите.

Наведениот збир на сумата е 30 милијарди долари, и е само безначајно делче од годишниот воен буџет на САД од над 600 милијарди долари.

За нов 9 Мај! За нова победа над фашизмот!

8 мај е денот на Европа кој го киднапира ЕЕЗ (ЕУ). Имајќи предвид како ЕУ испоставите ширум Европа го одбележуваат овој ден, јасно е дека тоа е ден на кој се одбележува победата на либералниот капитализам во Западна Европа, дека наводно се ослободил од тоталитарниот. Тоа е веќе ден на старата Европа која се ослободила од нацистичката чизма. Старата Европа е Европа на капиталистички земји, Европа на банки и корпорации, Европа чиј капитал воено веќе не ја води Британската империја и уште 2-3 европски земји, туку самиот воен пакт НАТО. Старата Европа повторно се богати врз грбот на своите колонии. Но, се богатат нејзините крупни капиталисти, банкарите и евробирократите, а не западноевропската работничка класа…

Затоа, 200 годишнината од раѓањето на Карл Маркс не’ потсетува на завршниот повик од Комунистичкиот Манифест:

Пролетери од сите земjи- Обединете се!

101 година од Октомвриската револуција не’ потсетува на Лениновиот заклучок дека „фашизмот е капитализам во пропаѓање“.  100 годишнината од граѓанската војна во Русија и 100 години од создавањето на Црвената армија не’ потсетуваат дека капитализмот и фашизмот нема да се предадат сами, туку напротив, ќе се борат до последен здив да го задржат стариот поредок. 73-те години од крајот на Втората светска војна во Европа не’ потсетуваат на победосната парола:

Смрт за фашизмот – Слобода за народот!

 

Автор: Зоран Василески, правник и член на Президиумот на Левица.

|2021-05-09T14:40:48+00:007 мај 2018|Актуелно, Економија, Свет, Став|