Kapitalismus macht frei

Да, во одредена смисла, капитализмот ослободува. Исто како што е точно дека, во одредена смисла, Arbeit macht frei, дека работата ослободува. Се разбира, перверзно беше што нацистите, на влезот од концентрационите логори, напишаа дека работата ослободува. Но, на не помалку перверзен начин ослободува и капитализмот.

Огромен е парадоксот што еден систем кој се темели на доминација и автократија во претпријатијата, како и на исклучување на другите врз основа на присвојување (приватна сопственост), може да парадира како систем што ја промовирал слободата. Всушност, огромен успех на капиталистичката пропаганда е што создаде свест кај многумина дека социјализмот/комунизмот бил систем на неслобода, а пак капитализмот – систем на слобода. Еден од неговите пропагандисти, Милтон Фридман, напиша книга под наслов: „Капитализмот и слободата“. Без да се излезе од сенката на капиталистичката пропаганда, дрскоста на Фридман не може да се забележи.

Исклучително важно е да се разгледа односот на капитализмот кон слободата, особено во контекст на пандемијата со ковид19 и на климатската криза. Бидејќи последиците токму од слободата сфатена на капиталистички начин се катастрофални, особено во вториот случај. Имено, и во двата случаи има една константа. Одреден број луѓе, воопшто незанемарлив, го смета за загрозување на својата слобода секое воспоставување на ограничувања. За нив одговорот на прашањето: „што е слободата?“ е многу јасен и недвосмислен: Слобода значи да правиш што сакаш! Но дали може слободата да значи апсолутно отсуство на какви било ограничувања или отсуство на одговорност? Слободата е тесно поврзана со одговорноста и ограничувањата. Дури и во нејзината најембрионална форма („слободата на едниот завршува каде што започнува слободата на другиот“), таа подразбира одговорност и ограничувања. Во конкретниот случај, да се почитува слободата на другиот, која е ограничување на сопствената слобода. А сепак, колку што е ова саморазбирливо – исто толку е неразбирливо за многумина.

Во една претходна прилика пишував зошто егоизмот е карактеристика која капитализмот ја негува и поттикнува, како своја самозаштита и основа за своја легитимација. Целиот проблем на пандемијата се сведува на тоа што од луѓето, со децении тренирани да се однесуваат егоистички, консумеристички и чија истрајност систематски се ослабува, се бара преку ноќ да се однесуваат спротивно од она на што се издресирани.[1] Егоизмот како ослободување од грижата за другите е важна тема за односот на капитализмот кон слободата, за начините како капитализмот „ослободува“. Но, за да не биде овој напис предолг, не само што нема да се задржиме на оваа тема, туку нема да се задржиме и на исто така важниот аспект на надзорниот капитализам, кој прибира податоци за сѐ и секого, не само поради надзорни, туку и поради профитни причини. Овој упад во личната слобода заради профит, интересно, не им пречи на многумина што, ете, одбивањето да дадат личен придонес во борбата против пандемијата го правдаат токму поради загриженоста за својата лична слобода.

Она на што ќе се концентрираме овде е начините како капитализмот „ослободува“ на работното место и во слободното време. Но, пред да почнеме, уште една важна забелешка. Слободата во капитализмот е класно детерминирана варијабла. Тоа е исто толку саморазбирливо колку што за многумина е потиснато сознание. Наспроти формалната еднаквост во уживањето слобода на сите, нивото на слобода што ја ужива капиталистот не е исто со нивото на слобода на работникот. Не само што првиот е ослободен од борбата за егзистенција, туку парите нему му даваат крилја да одлета до Малдивите, на пример, а може и, преку поткуп, да остане на слобода и кога ќе изврши тешко кривично дело. Јас ќе се согласам дека голема е слободата на капиталистите во капитализмот. Но дали во тоа треба да се бара поентата (и первезијата!) на тезата дека Kapitalismus macht frei? Што е со слободата на работниците во капитализмот?

Капиталистичката слобода на работното место

На работното место работникот не е слободен. Или е? Дилемата ја наметнува самата капиталистичката пропаганда, која кажува дека тој сепак е слободен. Историскиот исчекор на капитализмот во однос на претходните класни општества, меѓу другото, оваа пропаганда го гледа во тоа што ги ослободи работниците. Слободниот работник во капитализмот е „слободен во двојна смисла, да располага како слободно лице со својата работна сила како со своја стока, а од друга страна, тој да нема за продавање други стоки, да е гол и бос, да е слободен од сите предмети нужни за реализирање на неговата работна сила.“[2] Покрај оваа слобода, која е историски новум во однос на претходните класни општества, како и клучен услов за постоењето на капитализмот, секој работник е очигледно слободен во однос на секој поединечен капиталист. Токму капиталистите се тие што постојано им укажуваат на работниците дека тие ја имаат оваа слобода: „Ако не ти чини, замини си!“ Робувањето и закрепостеноста се надминати (поточно, потиснати на маргините на системот). Работникот може, како што точно го информираат капиталистите за неговите права, по своја слободна волја да го прекине договорот за вработување ако не му чини. Само… има едно ама. Маркс точно поентира: „Работникот кога сака го напушта капиталистот кај кого се погодил… Но работникот, кому продажбата на работната сила му е единствен извор за доход, не може да ја напушти целата класа купувачи [на работна сила], т.е. капиталистичката класа, а да не се откаже од својот живот. Тој не му припаѓа на овој или оној капиталист, но ѝ припаѓа на капиталистичката класа.“[3]

Покрај ваквата половична и перверзна слобода (надополнета со исто таквото ослободување од трудот и средствата за живот при воведување нова технологија),[4] во реалноста работникот на работното место се соочува со автократско владеење, какво што во политичката сфера на современите капиталистички држави (но само таму!) е осудено како рецидив на минатото. Таа автократија на капиталистот во неговата фирма не значи само исклучување на работниците од процесот на донесување одлуки и располагање по сопствено наоѓање со нивните активности во текот на работното време, не значи само често кршење на работничките права што им ги дава законот на работниците, туку често значи посегање по слободи кои за либералниот наратив се едни од најважните: слободата на говор и слободата на гласање на изборите. Така, не само што работникот го држи јазикот за забите пред капиталистот, туку молчи за тоа на (а)социјалните мрежи. Дури и кога станува збор за флагрантно газење по правата и достоинството и иако работникот во „демократиите“ се чувствува слободен да кажува колку бил катастрофа овој или оној политичар или оваа или онаа партија. Што се однесува, пак, до слободата на гласање на избори, доста често капиталистите (и шефовите во јавниот сектор), покрај контролата над искажувањето политички преференции, си го дозволуваат луксузот да им „сугерираат“ на своите работници за која партија да гласаат на избори. Неконформирањето на работниците по оваа линија го носи ризикот да се остане без работа.

Капиталистичката слобода во слободното време

Кога вака стои ситуацијата со амбивалентната слобода на работникот во текот на работното време, дали можеби е поразлична ситуацијата во слободното време? Би требало. Впрочем, токму затоа тоа се вика слободно време, бидејќи тогаш се практикува слободата, се поминува времето како што се сака.

Под слободно време се подразбираат два различни периоди, кои дури намерно се мешаат за да се создаде илузија дека слободното време е подолго отколку што е. Првиот период е неработното време, она време што трае до доаѓањето на работа и по заминувањето од работа. Очигледно, неработното време не е целосно слободно. Периодот на подготовка и одење на работа, како и враќањето од работа не се смета за дел од работното време, но претставува потрошувачка на време која е поврзана со работата и не претставува слободно време. Оваа потрошувачка е значителна во градовите и со нивниот раст, таа сѐ повеќе го одзема слободното време. Понатаму, тука е и периодот што се одвојува за репродукција на работната сила (пасивен одмор, јадење, спиење), како и периодот што се одвојува за да се завршат секојдневните обврски. Во последните години сѐ почесто, особено поради сеприсутноста на електронските канали за комуникација, е одземањето од слободното време преку телефонски повици од капиталистот или шефот и барањето да се одговори на некој „краток“ мејл по крајот на работното време. Можеби ова кратење на слободното време не е временски долго, но психички доста негативно влијае врз работниците. Откако сето ова ќе се одземе, она што останува е – вистински слободното време. За разлика од неработното време, кое може да трае и 16 часа, ова вистински слободно време може да изнесува само еден час, а може и со денови да изнесува – нула.

Но, не го претставува оскудицата на вистински слободното време целокупниот проблем на капиталистичката (не)слобода во „слободното“ време. Дејвид Кејн добро ја забележа врската помеѓу должината на работното време и склоноста кон пасивно трошење на вистински слободното време.[5] При 40-часовна работна недела (и по дополнителните обврски вон работното време што го одземаат слободното време), човек е доволно уморен за да го поминува преостанатото време што му е на располагање рекреативно, работејќи на себе или вршејќи општествено корисни активности. Ваквите активности имаат упадлива сличност меѓу себе во тоа што се или бесплатни или евтини, но бараат време. Поради тоа, веќе со самиот факт на постоење оскудица на вистински слободно време тие запаѓаат во втор план во однос на пасивната забава и обезбедувањето краткотрајни консумеристички удопства.

Капитализмот со тоа што обезбеди консумеристички начин на живот за значителен дел од населението во значителен број од земјите во светот успеа да убие две муви со еден удар. Прво, си обезбеди легитимитет во очите на многумина, вклучително и меѓу многу работници, што е само по себе парадоксално, имајќи предвид дека тие се експлоатирани во овој систем. Второ, си обезбеди силен поттик за своето понатамошно функционирање, бидејќи прекумерната потрошувачка што ја наметнува консумеризмот го одржува производството на забрефтано ниво, а тоа е исклучително важно во рамките на капитализмот, затоа што овозможува не само профит за капиталистите, туку и одржување на вработеноста на високо ниво, со што не се загрозува легитимитетот на системот. Се разбира, ваквиот начин на креирање на општества на изобилството е погубен и неодржлив на долг рок и нѐ води во провалија во догледна иднина во контекст на заканувачката климатска криза,[6] но за капитализмот е карактеристична неговата кусогледост.

И така, создадена е следната ситуација. Животот почнува кога ќе престане работата.[7] Работниците наоѓаат оддишка од експлоатацијата и доминацијата во работното време преку површната, конформизирана и монетаризирана забава во слободното време. Тие ја трпат експлоатацијата и доминацијата во работното време, бидејќи имаат на располагање ваква забава во слободното време. Таквата забава ги прави да се чувствуваат слободни и среќни. Но, дали навистина е така?

Кога одреден број луѓе масовно се однесуваат на ист начин, тогаш тоа или е составен дел од нивната природа, или се наведени на таквото однесување. Во систем кој се темели на извлекувањето профит, исклучително важно е помеѓу луѓето да се рашири свеста дека вредно е она за што си потрошил пари и да биде потценето она што е бесплатно или не овозможува континуирано остварување профит. Без разлика што ова второто вклучува многу активности кои можат да го направат животот богат, убав и среќен: рекреирање (занимавање со некој спорт, имање хоби, читање книги, одгледување растенија, градинарење); пријателствување, другарување и соседување; поминување квалитетно време со семејството; вдомување домашни миленици; заемна помош, размена, подарување, споделување. Воопшто не е случајно тоа што многумина прибегнуваат кон површните, конформизирани и монетаризирани активности (купување понови модели на сосема функционални производи, купување секакви непотрепштини, тепање време по продавници, кладилници, пред телевизор и компјутер) наместо кон едноставните, исполнителни и евтини начини на користење на слободното време. Постои една важна илузија на слободата во доцниот, консумеристички капитализам. Луѓето мислат дека по своја слободна волја акаат по продавници, ги арчат парите на лесно расипливи, брзо застарливи и често одвишни стоки и го тепаат времето преку пасивна забава. А фактички капитализмот, за да ги пацификува експлоатираните и да овозможи свое понатамошно функционирање, суптилно, со невидливи конци од луѓето прави свои марионети и ги насочува кон практики: 1) од кои може да се извлече профит и 2) кои им го арчат времето и им го одвлекуваат вниманието за да не се зафатат со вистинските проблеми.

Kapitalismus macht frei! Правејќи го работникот слободен да ја продава својата работна сила за да обезбеди егзистенција. Правејќи го човекот слободен во неговото слободно време да сака токму површни, конформизирани и монетаризирани активности кои за некој друг профит значат. Да, навистина, Kapitalismus macht frei! Паралелата со нацистичкиот пи-ар околу концентрационите логори злокобно се надвиснува кога капитализмот зборува за слободата што ја дава…

Забелешки

[1] Здравко Савески, „Храброст или себичност?“.

[2] Карл Маркс, „Капиталот“, том 1, гл. 4, т. 3.

[3] Карл Маркс, „Наемниот труд и капиталот“, гл. 1.

[4] Карл Маркс, „Капиталот“, том 1, гл. 13, т. 6.

[5] Дејвид Кејн, „Вашиот животен стил е веќе однапред осмислен“.

[6] Здравко Савески: „Консумеризам за сите – уште малку“.

[7] Карл Маркс, „Наемниот труд и капиталот“, гл. 1.

Автор: Здравко Савески