Во екот на пандемијата предизвикана од болеста КОВИД -19, симултано надојде нов бран на теории на заговор, што впрочем е предвидлив настан со оглед на тоа што во духот на поговорката –“Каде има чад, таму има и оган “, така, секогаш кога имаме во тек настани (политички, економски, еколошки идр.) од пошироки размери кои допираат преку медиумите до домовите или пак се додека постојат општествено влијателни индивидуи, групации на индивидуи или институции, ќе постојат и теории на заговор. Искажано метафорички, во лингвистичка игра на класична вирологија, ваквите настани и индивидуи се резервоар-клетките преку кои теориите на заговор црпат информации , платформа и моментум на ширењето низ општеството со цел да го презервираат своето постоење низ времето. Иако секогаш во објаснувањата на феномените гравитираме кон тоа да ги објасниме причински-последично, сепак, во овој случај, за волја на вистината, симплифицирачки, во духот на скептицизмот би земале како минимум корелативна поврзаност помеѓу наведените феномени.
Но овие забелешки се само ситен дел од разнообразните (не)постоечки сегменти кои допринесуваат за појавата на теориите на заговор. Овој текст нема да биде наменет за побивање на поединечни теории на заговор туку ќе биде генерален обид да се разбере природата на ваквите верувања, начинот на кој што се формулираат под лупата на ригорозен логички осврт и со цел да не снабди со алатките потребни за препознавање и деконструирање на ваквите конспирации.
Најпрво, претпоставувам дека некои од нас ги забележале инстанците во кои теориите на заговор и нивните автори поврзуваат навидум неповрзливи настани ,дали во природата или во човековите афери и градат структури и системи на верувања на тенки логички основи. Она што за нас ни се чини за сосема коинцидентна корелација за нив претставува неоспорлив каузалитет. Очигледно постои дискрепанца во начинот на кој што луѓето кои веруваат во вакви теории гледаат на она што значи и што претставува дел од научен факт, за кое што ќе објаснам малку подоцна. Имено, одговорот на прашањето Како е возможно постоењето на репетитивни шеми во одредени текстови, општествени или природни појави или било каков сет на елементи?- ни пристигнува од математичките модели, поточно, Рамзиевата теорија која се обидува да докаже дека комплетен хаос е невозможно да постои и дека во одреден физички систем или сет од елементи нужно мора да се појави ред во хаосот. Едноставно формулирано , теоријата вели : Доколку постојат доволно елементи во одредено множество или структура гарантирано е дека одредени специфични шеми ќе се појават. Колку е пообемно множеството дотолку се поголеми шансите за проникнување на патерни или шеми меѓу дадените елементи. Токму ова донекаде ни ја објаснува возможноста да пронаоѓаме навидум скриени кодирани пораки во текстови на стари книги кои привидно предвидуваат идни настани. Поради ваквата математичка формулација, бидејќи ноќното небо изобилува со светкави небесни тела, ние сме во можност да поврзуваме ѕвезди во геометриски форми или пак да оформуваме со помош на нашата имагинација суштества и пораки од дадените ѕвезди. Нашиот универзум како физички систем е едно големо пространство на елементи кој сам по себе нуди можност за поврзување на истите.
Какви се импликациите кои деривираат од ваквите сознанија ?
Дали тоа е показател дека редот кој теориите на заговор го импозираат врз хаосот е оправдан и тврдењата кои ги изложуваат се точни? Апсолутно не. Луѓето низ својата еволуциона историја се програмирани да пронаоѓаат смисловни шеми онаму каде што не постојат во реалноста, со тоа што ваквите механизми на резонирање иако не секогаш точни претставувале витален бенефит во борбата за егзистенција во еден фундаментално суров и несигурен свет, свет во кој што со измислувањето на патерни за објаснување на природни настани сме си обезбедиле наратива како комфорт и чувство на сигурност и избегнување на опасни животно-загрозувачки ситуации. Пример се истанците во кои: движењето на грмушката било асоцирано со опасност од присуство на див ѕвер или пак громовите како божји сигнали. Ваквото обдарување со значење на одредени феномени и патерни меѓу нив доволно е да резултира со погрешни заклучоци. Оттука, ние сме единствените генератори на значење во универзумот кое пак според она што ни е засега познато поседува исклучиво онтолошки субјективитет. Но, зошто, би се запрашале, ни се толку примамливи теориите на заговор? На ваквата еволутивна позадинска приказна се надоврзува и нашата длабока психолошка наклонетост во природните законитости да бараме телеолошки објаснувања. Која е целта поради која се случил некој настан? Доколку постои цел која во себе содржи волев интелигентен акт, тогаш нужно следува дека постои Некој кој преку одредено средство сака да оствари одредена умислена цел. За многумина луѓе обичните природни, научни, каузални објаснувања не им нудат епистемолошка сигурност колку и да таа е погрешна и наивна, па затоа истата ја бараат преку атрибутирање на смисла и давач на смисла на природните настани. Едноставен пример би била следната ситуација: – Да замислиме сценарио во кое саксија паѓа од голема височина и усмртува човек. Многу од нас, интуитивно би посакале да добиеме целокупно резиме на настаните кои претходеле на немилиот настан. Па би се запрашале: Зошто саксијата воопшто паднала? Откако ќе ни биде даден одговор дека причината е силниот ветер, сеуште незадоволни продолжуваме со детерминираност: – Која е причината за појавата на ветерот ?
– Причината е разликата во атмосферскиот притисок и така до бесконечност. Некои од нас евентуално ќе престанат со прашања чисто од сознание дека станува збор за детерминистички редукционен ланец на настани кои се апсолвирани од секаква смисла, но некои едноставно не можејќи да се помират со можноста за бесконечен регрес на настани, по одредено време ќе претпостават постоење на виша сила која е првиот покренувач на сите настани и која кормилари со се поради како што повеќе пати беше изнесено погоре, чувството дека им е загарантирана епистемолошка сигурност централизирана во еден извор. Ставено во контекст на теориите на заговор, актуелната пандемија беше покренувач на разни теории на заговор дека истата е замислено дело на странска лабораторија со цел контрола на населението отколку прифаќање дека настанала по природен пат, како што настанувале, впрочем, сите останати епидемии и пандемии кои ги памети историјата.
Од друга страна, кога веќе говориме за теориите на заговори мора да ги потенцираме нивните релации со псевдонауката бидејќи значителен дел од теориите на заговор се презентираат себеси како “научни теории”, селективно користат научни факти и го имитираат научниот метод , се со цел придобивање на поддршка кај оние луѓе кои се сеуште неубедени за дадената проблематика. Затоа , за да се разбере начинот на кој што теориите на заговор доаѓаат до сознанија и екстраполации за светот би морале да направиме увид и демаркација помеѓу она што претставува наука и она што претставува псевдонаука. За таа намена, во тоа ќе не упати филозофот на наука, Карл Попер кој што уште на почетокот на 20-тиот век забележа разлика во методот по кој одредени пристапи до сознанијата ги формулираа нивните заклучоци за опис на реалноста.
Според Попер, начинот на кој што науката доаѓа до точни сознанија не се состои во верификација на теоријата и нејзината хипотеза преку многубројни докажувања поради постоење на ризик за пристрасно потврдување на теоријата , преку селективно барање на комфирмирачки докази за теоријата , туку се состои во настојување да се побие вредноста на теоријата т.е точноста со помал број на примери при што се запазува начелото на едноставност. Неуспешниот обид за побивање на теоријата за Попер индицира дека теоријата сеуште не е докажано дека е погрешна. Според ова, секоја научна теорија треба да поседува услови во себе под кои дозволува да биде побиена. Според Попер, науката побива, а додека псевдонауката верифицира се што и се причинува како материјал во корист на појдовната позиција. Кога станува збор за теориите на заговор можеме да забележиме дека нивните почетни премиси се земаат како неспорливо и фундаментално точни, имуни на било каква скептична скрутина и фалсификација за да потоа биде обезбеден патот за собирање на многубројни „докази” чијашто улога не е ништо освен потврдување и зајакнување на првичната аксиома и совпаѓање во целокупната наратива. Станува збор за пристрасно потврдување (confirmation bias) пар екселанс. Впрочем, проповедниците на теориите на заговори се склони кон интерпретирање на докази кои укажуваат токму на спротивното од тоа што они тврдат дека е точно. Исто така , она што претставува „Ахилова пета” на секоја теорија на заговор е нејзината нетолеранција кон познатата филозофска алатка чијашто функција се состои во утврдување на критерум според кој одредени објаснувања може да се кажат дека се поверојатно точни а чие име е Occam’s Razor. Според овој принцип, кога сме соочени со две можни објаснувања на одреден феномен секогаш треба да се стремиме да го одбереме она кое содржи минимум претпоставки кои, пак за возврат, ни даваат максимално објаснување. Објаснувањата со помалку претпоставки во принцип содржат поголема веројатност да се вистинити отколку оние кои содржат повеќе што е случај со теориите на заговор кои изобилуваат со многубројни претпоставки. Веројатно сите во одреден период од животот сме се запрашале за мистериозноста на египетските пирамиди и за нивните градители, што пак, ги навело одредени луѓе да ја земат во предвид можноста дека истите се дело на далечна вонземјанска цивилизација. Како резултат на тоа, веќе имаме две натпреварувачки објаснувања за потеклото на пирамидите. Едното се повикува на веќе востановено гледиште кое како извор на докази го зима фактот дека градењето на масовни гробници е често човечко однесување низ нашата историја и нешто кон кое археолошките пронајдоци недвосмислено укажуваат. Од друга страна пак, го имаме гледиштето дека пирамидите се вонземјанска оставина егзекутирана или пак диригирана од страна на непозната вонземјанска цивилизација. Што би се случило доколку ова тврдење го ставиме под лупата на нашата филозофска алатка? По исцрпна истрага и сегментирање на тврдењето во помали делови би дошле до заклучок дека ваквата позиција со себе носи мноштво претпоставки. Претпоставките кои ова објаснување нужно ги содржи се следните: 1. Постои вонземски интелигентен живот. 2. Вонземската цивилизација поседува доволно софистицирана технологија за посета на нашата планета. 3. Вонземјаните имаат мотив да градат пирамиди. 4. Вонземјаните не оставиле недвомислени индикации за нивното присуство на нашата планета. 5. Ниту еден научник не открил докази за постоење на вонземјани. 6. Вонземјаните го замаскирале нивното присуство преку градење на пирамидите на начин на кој што би бил идентичен доколку луѓето би ги граделе истите. Врз основа на горенаведените претпоставки можеме да забележиме дека овој став содржи двојно повеќе недокажани претпоставки од неговиот претходник , кои пак, поединечно, загатнуваат уште повеќе нејасни и неразбирливи прашања. Освен тоа, теориите на заговор патат од многубројни логички грешки, од кои што би ја издвоил познатата логичка грешка под името petitio percipii според која: постои грешка во заклучување при аргументирањето кога имаме ситуација каде што заклучокот ни е веќе претпоставен за точен во една од нашите премиси. Ваквата логичка грешка е забележлива кај мнозинството теории за заговор кои што се обидуваат да го докажат она што веќе го претпоставиле за точно, при што, навлегуваат во вртлог на циркулаторна логика. Пример би бил следниот аргумент : – Примањето вакцина може да те убие затоа што вакцините се смртоносни. Во овој случај претпоставката дека вакцините се “смртоносни” е земена како точна за да потоа биде потврдена во поединечниот случај. Затоа, теориите на заговори претставуваат едно големо уточиште на логички контрадикции,логички грешки, пристрасно потврдување, когнитивна дисонанца, по што оправдано го добиле епитетот на: фундаментално ненаучен пристап до вистината.
Но тоа не е се кога станува збор за опасноста и штетата која теориите на заговор ја носат во едно демократско општество каде што слободата на мислата и говор се постулат на човековото суштествување и делување. Освен што теориите на заговор претставуваат антипод на научната дејност и причинители на дистортирано разбирање за тоа што е реално а што не, односно што е точно а што не е точно, тие претставуваат закана поради опасните етички последици кои произлегуваат од нивното прифаќање како точни. Имено, нешто што повторувачки се појавува низ теориите на заговор,што, всушност припаѓа во нивната дефиниција е имплицинтното верување дека одредени социјални групи кои по природа се злобни се одговорни за одредени необјасниви настани. Токму вакво морализирачко поларизирање на “добри” против “лоши” не само што може да се злоупотреби од обичните граѓани туку може да се злоупотреби и од позициите од власт чиишто последици веќе ги познава 20-от век. Доколку погодивте, реферирам на нацизмот кој во нацистичка Германија успеа да мобилизира илјадници луѓе со цел да ги стори делата што ги стори под закрила на пропаганда чијашто природа сама по себе е конспираторна, односно верувањето дека Евреите се одговорни за поразот за време на Првата Светска војна а потоа за економската ситуација во Германија. Стануваше збор за теорија на заговор во амбалажа на државна политика и пропаганда. Она што е важно да се напомене е дека теориите на заговор им нудат примамлива понуда во вид на повисока морална вредност на оние кои веруваат во нив , бидејќи доколку одредена група за себе смета дека ја поседува вистината, тоа , на мала врата отвара можност за да самата си даде морална супериорност да ги брани нејзините позиции и легимитет да делува, а делата можат да резултираат со неповратна штета за општеството.
Сума сумарум, во време кога се соочуваме со здравствена , хуманитарна и економска криза теориите на заговор не ни нудат никаква помош, никогаш нема да направат разлика на подобро, туку напротив , претставуваат дефокусирање од дејствата кои навистина треба да се превземат. Додека светот и обичната индивидуа се бори против замавот од жртви што го зема актуелната пандемија и економските турбуленции, расправањето и шпекулирањето за наводни прикриени сценарија е неповратно и контрапродуктивно пропуштање да се стори нешто од корисност за сите нас. Доколку сакаме да бараме ред во хаосот, во интерес на сите е тоа да го правиме во духот на науката и разумот, бидејќи само така ќе сме поблиску до вистината и идеалот за етичност.
Автор: Мартин Тошевски